Македонија
По вчерашната фатална незгода, градските власти ќе ја разгледаат иницијативата за булеварот Србија
Стручните служби на Град Скопје ќе ја разгледаат иницијативата поднесена од Општина Аеродром за ново сообраќајно решение на булеварот Србија и во соработка со Министерството за внатрешни работи, во рамките на законските можности, ќе биде понудено најдобро и најбезбедно решение за овој долгогодишен проблем.
Ова го соопшти Град Скопје по реакцијата на жителите на Аеродром, каде што синоќа на пешачки премин на булеварот Србија тешко беа повредени тројца пешаци – баба, дедо и нивната внука, а жената подоцна им подлегна на повредите.
Град Скопје наведува дека интензивно работи на зголемување на безбедноста во сообраќајот во градот со цел да се избегнат и намалат вакви и слични инциденти.
„Град Скопје изразува длабоко жалење за сообраќајната несреќа со смртни последици што вчеравечер се случи на булеварот Србија и воедно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и поставената сообраќајна сигнализација и да ја приспособат брзината на движење на условите на патот“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Центар: Отстранети двете паднати дрвја
Општина Центар известува дека екипите на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ и ЈП „Паркови и зеленило“ навремено интервенираа и ги отстранија двете дрвја кои паднаа во близина на ООУ „Киро Глигоров“.
Благодарение на нивната брза реакција, улицата е целосно расчистена и повторно ставена во функција, додаваат од општината.
Македонија
Приведени две лица од раководството на ЈП „Комунална хигиена“
Приведени се две лица од раководството на Комунална хигиена, соопштија од Основното јавно обвинителство.
Како што додаваат од таму, лицата се приведени во врска со сомненија за кривично дело од член 230 од Кривичниот законик, или како што појаснуваат, станува збор за загрозување на животната средина и природата со отпад.
„Приведени се и задржани две лица од раководството на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, во врска со сомненија за кривично дело од член 230 од Кривичниот законик“, соопштија од обвинителството.
Дел од медиумите пренесоа дека е приведен директорот на „Комунална хигиена“ Сабахудин Рустеми кој е кадар на ДУИ.
Македонија
Алиу: Континуирано ја унапредуваме јавната здравствена инфраструктура, обезбедена хипербарна комора во ГОБ „8 Септември“
Министерот за здравство Азир Алиу и заменик-министерот Јовица Андовски заедно со премиерот Христијан Мицкоски денес ја посетија ГОБ „8 Септември“, каде што беше направен увид на новата хипербарна комора. Опремата е обезбедена со поддршка од компанијата „Зегин“ во рамките на заеднички проект со болницата.
„Хипербарната кислородна терапија им помага на пациентите со хронични рани и рани што тешко заздравуваат, како што се дијабетично стапало, изгореници, состојби со нарушена микроциркулација и други индикации што ги третираат повеќе медицински специјалности. Упатувам искрена благодарност до компанијата за нејзината општествената одговорност, како и до менаџментот и медицинскиот персонал на болницата за професионалната подготовка и интеграција на комората во системот на болничкото работење“, истакна министерот Алиу при посетата.
Комората е поставена во одделот за физикална терапија и рехабилитација, а ќе им биде на располагање и на одделите за пластична хирургија, дерматологија и на други болнички оддели во согласност со потребите и медицинските индикации.
„Ова е пример како со партнерства можеме да ја унапредиме јавната здравствена инфраструктура од аспект на модерна опрема, која ќе го зголеми квалитетот на услугите што ги добиваат пациентите. На овој начин директно влијаеме врз исходите на лекувањето, ги намалуваме ризикот од компликации, престојот во болница и трошоците, а на пациентите им даваме поголема шанса за побрзо и поквалитетно оздравување“, посочи Алиу.

