Македонија
По инцидентите, нови безбедносни правила во Шуто Оризари – на прошетка само во групи до четири лица
По двата одделни инцидента што се случија на 21 февруари, во кои учествуваа поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, ќе се воведат нови безбедносни правила во затворот во Шуто Оризари. Управата за извршување санкции при Министерството за правда изготвува листа со препораки, кои интерно ќе бидат препратени до надлежните во затворот.
Тие во наредниот период ќе треба да ги применат овие укажувања со цел да се избегнат инциденти во иднина. Како што дознаваме, Управата за извршување санкции препорачува редовните прошетки на затворениците да се спроведуваат во помали групи – по двајца или четворица притвореници што делат иста соба. Во иднина на дневните прошетки не ќе може во исто време да бидат изнесувани притвореници од други соби, а за време на прошетката ќе биде задолжително со нив да има и некој од затворските чувари. Доколку нема услови за придружба, притворените лица не ќе смее да ја напуштат собата во притворскиот дел на истражниот затвор во Шуто Оризари.
Детаљниот извештај што го изготви Истражниот затвор „Скопје“ се разгледува во Управата за извршување санкции. Оттаму велат дека се согласуваат со дел од забелешките за пропустите што ги детектирале надлежните во затворот, но дека постојат и дополнителни аномалии што ќе треба да се елиминираат во наредниот период.
Првичната информација е дека најмалку 11 лица вработени во Истражниот затвор „Скопје“ ќе одговараат за направени пропусти, кои довеле до двата одвоени инцидента со поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, на кои судот им одреди притвор. Но, можно е да се прошири листата на одгoворни лица против кои ќе бидат поведени дисциплински постапки. Одговорност ќе се бара од вработени во чуварската служба, но и од раководни структури во затворот, кои направиле низа пропусти во работењето.
Според она што е наведено во извештајот изготвен од надлежните во затворот, првично биле детектирани пропусти во протоколите за постапување, како и непостапувањето по протоколот за изведување на притворените лица надвор од собите. Во извештајот се наведува и дека до нарушена безбедност довело тоа што не бил извршен рачен претрес на просториите, што им овозможило на притворениците во ќелиите да чуваат арсенал предмети кои не се дозволени, како телефонски апарати, но и други предмети со кои може да се нанесат физички повреди.
Но, извори од Управата за извршување санкции сметаат дека проблемите се уште подлабоки. Детектирани се пропусти во работењето и однесувањето на одредени вработени за кои биле преземени мерки веднаш по инцидентите. Во однос на безбедноста на затворот, надлежните велат дека таа е несомнена, се води грижа и за внатрешниот дел, но зајакната е и однадвор и за неа се грижат и специјалци на МВР.
„Лимитирани сме во однос на мерките што ги преземаме бидејќи законот толку дозволува, но во конкретниот случај на надлежните во Истражниот затвор ќе им бидат наброени сите препораки и мерки што ќе треба да се спроведат во наредниот период“, вели директорот на Управата за извршување санкции, Јовица Стојановиќ, за „Макфакс“.
Тој додава дека се недозволиви вакви инциденти и дека третманот мора да биде ист кон сите притворени лица. „Ние сме против секаков вид насилство, а за почитување на оперативните стандарди и протоколи за постапување во притворското одделение со сите притворени лица. Не се прави никаква селекција, за сите притворени лица се води еднакво грижа за нивната безбедност“, додава тој.
По инцидентите во затворот во Шуто Оризари, кога беа нападнати поранешните министри Јанакиески и Ристовски, оставка поднесе директорот на Истражниот затвор, Ѓоко Котевски.
Инцидентите се случија пред една недела за време на прошетката во затворот, која трае два часа во денот. Јанакиески и Ристовски во одделни инциденти првин почнале вербална расправија со осуденици за „Диво Насеље“, која потоа преминала во физичка пресметка.
По настаните, Ристовски е сместен во т.н. хашка соба, а Јанакиески е пуштен во домашен притвор.
Од истражниот затвор „Скопје“, претходно соопштија дека директорот на затворот, Ѓоко Котевски, и формално ја поднел својата оставка до Владата по настаните што резултираа со физички пресметки во затворот на 21 овој месец.
„Покрај преземената одговорност од професионален и морален аспект, директорот подготви извештај за случувањата во затворот на 21 февруари, во кој се констатирани пропусти и прекршувања на протоколите за работа од страна на службата за обезбедување. Како резултат на пропустите бил овозможен првиот вербален и физички инцидент, а подоцна не бил спречен вториот вербален и физички инцидент, иако постоеле можности за превенција. Покрај оставката на директорот, во согласност со констатираните наоди во извештајот, поведени се дисциплински постапки за инволвирани лица што ги прекршиле протоколите за работа“, се наведува во соопштението.
Извештајот е доставен до Управата за извршување санкции, до Министерството за правда и до Владата за натамошно постапување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Утре со врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни, на повисоките места дожд и снег
Времето утре, ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег.
Во источните делови ќе има услови за ретки грмежи. Ќе дува засилен повремено силен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно со врнежи од дожд. Ќе дува засилен повремено силен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во среда и четврток времето ќе биде стабилно, а во четврток ноќта и во петок ќе има нови пообилни врнежи. Утре ќе дува засилен повремено силен јужен ветер кој во попладневните часови ќе го смени правецот во северен и ќе продолжи да дува и во среда.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.

