Македонија
По осум години изградба, новиот објект на кривичниот суд ќе биде пуштен во употреба
Новата зграда на Основниот суд Скопје 1 денеска ќе биде пуштена во употреба. По тој повод ќе се одржи свеченост во големата сала на Судот на која ќе присуствуваат претставници од судските органи во државата и дипломати.
Барокната зграда која почна да се гради во 2010 година има десет нивоа, две подрумски, приземје, шест ката и поткровје. Изградбата на објектот беше поддржана со приближно 8,3 милиони евра заем од Светска банка. Новиот објект има 74 судиски кабинети, 22 средни судници и две репрезентативни судници од кои едната ќе биде со капацитет за 200 лица за случаи на организиран криминал и една за 100 лица. Обезбеден е простор за архиви, шалтер-сала со 60 работни места за сите оддели и простории за судската полиција, судиски кабинети за кривичниот оддел за организиран криминал, оддел за прекршоци и оддел за извршување санкции, кабинети и канцеларии за одделот за истрага, истражен оддел за организиран криминал, канцеларии за судската управа и судската служба, како и паркинг простор за 60 возила. Објектот има вкупна корисна површина од 8.826 квадратни метри.
Првото рочиште во судот е зажано за в понеделник за случајот „Титаник“ на СЈО во кој меѓу обвинетите е и експремиерот Никола Груевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

