Македонија
По пауза од две години, карневалот „Прочка“ повторно во Прилеп
По пауза од две години, градот под Марковите кули повторно го враќа сјајот на карневалот „Прочка“.
Од петок до недела Прилеп ќе биде домаќин на традиционалниот карневал „Прочка 2022“, на кој ќе учествуваат маски само од нашата земја поради сѐ уште актуелната ковид-состојба.
Градоначалникот Борче Јовчески на денешната прес-конференција посочи дека добредојдени сте сите во градот под Марковите кули:
„Со огромно задоволство сакам јавно и официјално да најавам дека по пауза од 2 години, в недела, 6 март, ќе се одржи надалеку познатиот карневалски бренд на Прилеп и Македонија ‘Прочка 2022’. Во согласност со сите здравствени мерки и протоколи, оваа година полека ги враќаме сјајот на карневалот и радоста кај прилепчани, со тоа што овој пат ќе имаме маски само од Република Македонија. Сакам да упатам покана до сите, не само до нашите сограѓани туку и до целата македонска јавност и до сите граѓани, да повелат да ни дојдат в недела во 12 часот. Дефилето на карневалот својот официјален почеток ќе го има пред Домот на културата ‘Марко Цепенков’, од каде што ќе се упатиме до поставената бина на плоштадот ‘Методија Андонов Ченто’. Ве уверувам дека како домаќини ќе се погрижиме да имате прекрасен и исполнет карневалски ден“, истакна градоначалникот Јовчески.
Снежана Ристеска, советник за култура во Општина Прилеп, посочи дека се прават последните подготовки за оваа значајна манифестација, која годинава ќе се одржи 20-ти пат.
„Општина Прилеп и здружението ‘Прилепски мечкари’ ги правиме последните подготовки за одржувањето на оваа значајна манифестација, која во изминатиот период постигна голем успех во поглед на промоција на градот Прилеп. Активностите ќе почнат со отворање на изложбата, која секоја година е сведок на разни креации на маски од страна на учениците од основните и средните училишта во градот под менторство на нивните наставници по ликовно образование и одделенска настава. Изложбата ќе биде отворена в петок во 12 часот од страна на градоначалникот Борче Јовчески во Центарот за култура ‘Марко Цепенков’, каде што ќе бидат прогласени и најдобро избраните маски. Централен настан претставува дефилето на маски в недела, на кое ќе се претстават поединечни и групни маски од Прилеп и од други градови од Македонија, а почетокот е од пред ЦК ‘Марко Цепенков’. Трасата ќе се движи сѐ до плоштадот ‘Методија Андонов Ченто’, каде што ќе биде главното претставување со изведена кореографија и музика под водство на Марија Спиркоска-Илијески. Очекуваме околу 500 учесници во 15-ина групни маски, некои од нив бројат и над 50 учесници. Досега се пријавени учесници од Кавадарци, Пробиштип и Охрид, односно Куратица. Покрај дефилето, ќе има куклено шоу, магионичари, жонглерски и други атракции за сето тоа да заврши со заедничка забава и концерт на групата ‘Фолтин’ на централната бина“, посочи Ристеска, советник за култура.
Според Ванчо Георгиев, претседател на здружението ‘Прилепски мечкари’, оваа здружение со долгогодишна традиција дава несебична поддршка во делот на организацијата.
„Дадовме наш придонес онолку колку што можевме бидејќи обемот на работа е многу помал. Обезбедивме доволен број кожи, шиевме нови и прв пат ‘Прилепските мечкари’ ќе учествуваат со нови костими на дефилето што за нас претставува посебно задоволство бидејќи со истите костими ќе настапат и на други карневали. Морам да посочам дека го возобновиме карневалот, кој ако и оваа година го испуштиме и не го организираме, полека ќе изумат и желбите за изготвување маски во градот Прилеп. В недела ве покануваме сите заедно да присуствуваме на едно наше прилепско издание на карневал, а за наредните години ќе се потрудиме да го вратиме стариот лик на карневалот“, посочи Георгиев, претседател на здружението ‘Прилепски мечкари’.
Организаторите посочија дека за сите оние што сѐ уште не се пријавени нека ја посетат страницата на карневалот, каде што има пријава што може да ја испратат по електронски пат или, пак, непосредно пред карневалот да дојдат на централната бина на плоштадот. За најубавите маски, ќе има и награди за кои ќе одлучува стручна жири-комисија. Претседател на комисијата е Кире Миладиноски, кореограф на танц-студиото „Зодијак“, а членови се Цветан Волчески, наставник, и Хилда Црнеска, член на ФЕК. Исто така, донесена е одлука за продолжување на работното време на сите кафетерии и ресторани од Советот на Општина Прилеп и е со важност, така што забавата во вечерните часови може да потрае на задоволство на младите генерации.
Очекуваме сите овие случувања да донесат малку позитивна енергија и расположение, кое ќе овозможи за момент да ги оставиме проблемите настрана и да уживаме бидејќи кризата што трае веќе подолго време си го зеде својот данок од општественото живеење воопшто, посочи Ристеска.
В понеделник, по завршување на карневалот „Прочка 2022“ на пладне, во манастирот „Свети Ѓорѓија“, доколку дозволат временските услови, или во некој од рестораните тука во градот, ќе се одржи традиционалниот посен ручек во организација на здружението ‘Прилепски мечкари’ .
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

