Македонија
По 19 години, заврши учеството на АРМ во мировната мисија во Авганистан
Заврши последната ротација на припадници на Армијата на Република Северна Македонија во Авганистан. Нашите мировници се вратија дома, а со тоа заврши и речиси две декади долгото учество на Армијата во мисиите на НАТО – „ИСАФ’’ и „Одлучна поддршка“ во Авганистан, соопшти Министерството за одбрана.
Во периодот од 2002 до 2015 година околу 3.000 припадници на Армијата беа дел од силите ИСАФ во Авганистан, на различни позиции и со различни задачи. Македонските војници, подофицери и офицери работеа како штабни офицери, припадници на единици на обезбедување на главната команда, инструктори во тимови за менторирање, а беа дел и од медицински и хируршки тимови. Во ИСАФ, свој придонес дадоа и специјалните единици, кои работеа заедно со припадниците на Националната гарда на Вермонт, во здружени тимови.
Северна Македонија во ИСАФ соработуваше со поголем број на партнери, денеска сојузници – САД, СР Германија, Турција, Обединетото Кралство, Норвешка, Грција, Чешка, Франција, а офицери испраќавме и како дел од земјите на Јадранската повелба А3 со Албанија и Хрватска, односно подоцна и земјите од групата А5.
Од 2015 година, припадниците на Армијата даваа свој придонес во мисијата наследник, „Одлучна поддршка“, и тоа со 500-тини припадници, распоредени во Командата за обука, советување и асистенција – главен град Кабул, под команда на Турција; потоа во Командата на мисијата предводена од САД, со задача обезбедување на командата; во тим за советување во командата – Север предводени од СР Германија; во рамките на заедничкиот придонес на групата А5 во Центарот за здружени операции на КОСА – Север и во хирирушки тим во норвешката Role-2 болница, во соработка со Кралството Норвешка.
Северна Македонија ги повлече своите војници од Авганистан, во согласност со одлуката на сите земји членки на алијансата за завршување на мисијата „Одлучна поддршка“.
По повод завршувањето на учеството на Армијата во Авганистан, денеска во 10:50 часот, во касарната „Илинден“ ќе се одржи свечена церемонија на која ќе се обратат претседателот Стево Пендаровски и министерката Радмила Шекеринска. На свечената церемонија ќе присуствуваат началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски, амбасадорите на САД Кејт Брнс и на Турција Хасан Мехмед Секизкок, генералите во Армијата и претставници на военодипломатскиот кор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Владата сака авион за Мицкоски, но не и 600 евра минимална плата
СДСМ обвини дека Владата ги игнорира барањата за покачување на минималната плата на 600 евра, додека истовремено најавува набавка на нов владин авион.
„Додека над 200.000 работници едвај врзуваат крај со крај, а вредноста на синдикалната кошница одамна надмина 66 илјади денари, Владата одбива да ја покачи минималната плата на 600 евра“, се наведува во партиското соопштение.
Според СДСМ, пратениците од коалицијата ВМРО-ЗНАМ го блокираат предлог-законот за зголемување на минималната плата и поддршка на компаниите, поднесен од оваа партија. Партијата оценува дека со тоа директно се ускратува финансиска помош за работниците и стопанството.
„Владата сака да купи нов авион за Мицкоски, за нови туристички патувања, како она во Давос“, стои во соопштението, во кое се наведуваат и споредби со луксузите од времето на Никола Груевски, како и со, како што велат, личниот луксуз на актуелниот премиер.
СДСМ истакнува дека ќе продолжи да се бори за „економска правда и враќање на достоинството на граѓаните“.
Македонија
„Владата на Заев и Филипче донела спорен правилник, подзаконскиот акт за канабис е во судир со законот, кој и колку профитирал од бизнисот со канабис“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Зоран Заев и Венко Филипче имале за цел Македонија да ја претворат во светска туристичка атракција за канабис. СДС на чело со Зоран Заев и Венко Филипче го злоупотребиле процесот за регулирање на медицинскиот канабис Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во 2020 година Заев и Филипче смислиле план за како енормно да заработат од бизнисот со марихуаната и сакаа целосно да ја легализираат но тоа не им помина. Затоа лиценците за одгледување на медицински канабис биле резервирани исклучиво за луѓе блиски до кланот Заеви и Филипче. Обичните граѓани и компании немале никаква шанса да добијат дозвола.
Поради фаворизирањето на тоа кој ќе добие лиценци, Струмичкиот регион се претвори во центар за производство на марихуана за медицински цели.
Доказ за тоа дека се било смислено однапред е подзаконскиот акт на правилникот за одгледување на канабис за медицински цели, донесен во време на СДС каде постои неусогласеност, затоа што се дозволува да се произведува цвет од канабис кој не ги задоволува ГМП нормите.
Производството на канабис кој не ги исполнува ГМП нормите го прави маслото од канабис нелегално за лиценцирање и промет.
Токму поради сето ова се отвора сомнеж за криминални мотиви. Со ваквиот начин на производство и складирање се отвора сомнеж дека канабисот бил за продажба на црниот пазар.
Зошто е направен подзаконски акт кој е во колизија со законот и со самото тоа овој процес е незаконски? Дали на Заев и Филипче целта им била продавање на канабис на црниот пазар? Дали Заев и Филипче ја туркале промената на правилникот?
Јавното обвинителство мора да интервенира итно. Граѓаните заслужуваат правда и одговорност за незаконското работење на овој картел.
Време е Заев и Филипче да одговорат пред законот и јавноста. Ниту еден привилегиран апликант, ниту еден нелегален процес, не смее да остане без казна“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.

