Македонија
Православните христијани го слават Бадник
Православните христијански верници го слават Бадник, денот пред големиот празник Божиќ. Според Јулијанскиот календар, секоја година Бадник е на 6-ти јануари, а Божик на 7-ми јануари – прекрасни денови кога семејствата во хармонија ја очекуваат и прославуваат веста за Христовото раѓање.
Рано изутрината Рождеството Христово го најавија децата коледарчиња.
На Бадник, уште од самото утро во секоја куќа се слуша гласот на децата коледари, кои со коледарските песни за здравје и бериќет го симболизираат гласот на ангелите за раѓањето на Исус Христос. Домаќините им даваат костени, ореви, јаболка, круши, за да го зачуваат овој убав обичај кој се пренесува од колено на колено.
Бадник е празник за семејството. На овој ден не се оди на гости и сите треба да бидат во своите домови покрај најблиските. Според традицијата, вечерта целото семејство се собира околу бадниковата трпеза, која треба да биде празнична и богата, но задолжително посна.
Бадник го означува крајот на 40-дневните божиќни пости. Домаќинките приготвуваат тавче-гравче, риба, сарма, питулици, компири, а ставаат и овошје за трпезата да биде побогата.Обичаите се разликуваат во зависност од местото, но речиси на секоја трпеза присуствува домашна погача, лепче или популарно нареченото кравајче, во кое се става паричка. Домаќинот на куќата откако ќе се прекрсти го разделува лепчето на членовите на семејството, но притоа остава едно парче за Бога и едно за куќата. Се верува дека оној кој што ќе ја пронајде паричката ќе го прати здравје, среќа и успех во годината што претстои.
По вечерата, храната не се трга од масата, затоа што се верува дека Господ ќе дојде преку ноќта да се нахрани. Некои пак ја оставаат храната затоа што веруваат дека ќе дојдат духовите на оние кои повеќе не се меѓу нас.Бадник е ноќта на мирот, радоста и сплотеноста, кога будни го дочекуваме раѓањето на Христос.
Денеска секое православно семејство во своите домови украсени со бадникови гранчиња симболично ја очекува веста за раѓањето на Исус Христос, а кога ќе дојде големиот празник Божик, ќе си честита со зборовите „Христос се роди – навистина се роди“.
Во Соборниот храм заапочна прославата на Бадник, која годинава се одбележува по јубилеен 30-ти пат. Оваа година кумови се Драган Спасов –Дац и Александар Митевски и здравичарот Живко Поповски – Цветин.
Меѓу присутните во Храмот е и скопската градоначалничка Данела Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

