Македонија
Правосудните органи расправаа за подобрување на заштитата од мачење и нечовечки третман
Забраната на мачење, нечовечко или понижувачко постапување или казнување, како фундаментално право кое е цврсто востановено во обичајното меѓународно право беше тема на Петтиот регионален форум за владеење на правото за Југоисточна Европа.
Премиерот Зоран Заев истакна дека овој форум и неговата тема доаѓаат во вистинско време и потенцираше дека и нашата земја е дел од културното и хуманистичкото наследство на Европа, од кое се развија универзални вредности на неприкосновените и неотуѓиви права на човечката личност, слобода, демократија, еднаквост и владеење на правото. „Сакам да додадам дека за Република Македонија, како и за сите европски земји, владеењето на правото не е само инспирација, туку исто така е – аспирација. Наш стремеж: Принцип кој ги води и нашите внатрешни и надворешни активности. За да биде цврсто утврдено владеење на правото, граѓаните треба да видат дека СИТЕ институции на државата – не само оние на правдата и безбедноста – се таму, за да им служат токму нив, на граѓаните.”, изјави Заев.
Британскиот амбасадор во Македонија, Чарлс Гарет потенцираше дека „постои неугасива жед за дебата за владеењето на правото, не само на Балканот – како што покажува овој форум – но и низ целиот свет. И со добра причина: владеењето на правото е основата врз која ги градиме и развиваме нашите демократски општества. Тоа владеење на правото е темел на нашиот драгоцен меѓународен поредок базиран на правила, без кој нашиот свет ќе биде бескрајно помалку сигурен и поопасен. Бара постојано внимание и грижа”.
Амбасадорт на Шведска во Македонија, Матс Стафансон рече дека „ова е уникатна и импресивна иницијатива. Успеавте овде во Скопје да ги соберете највисоките судски органи од целиот регион, вклучувајќи ги судиите на Европскиот суд за човекови права и невладините организации, да ги разгледуваат прашањата за човековите права и некои од најтешките реформи во контекст на поглавјето 23, веројатно најважното поглавје во процесот на ЕУ интеграцијата”
„Сите претставници на надлежни инситуции кои се присутни овде ја имаат Европската конвенција за човекови права како дел од нивното домашно законодавство и сите наши устави забрануваат мачење како и нечовечки ин понижувачки третман. Но, постоењето на на забраната не е само по себе доволно да ги исполни обврските кои ги наметнува Конвенцијата, има многу повреди на Членот 3, без оглед на таквите одредби во правните системи на земјите-членки на Советот на Европа”, рече Биљана Брајтвајт, програмска менаџерка за Западен Балкан во AIRE Центарот.
Горан Милетиќ од Civil Righst Defenders потенцираше дека „кога се занимаваме со случаи на тортура, сите ние, вклучувајќи го и ЕСЧП, го проценуваат времетраењето на лошото постапување, физичките и менталните аспекти, како и полот, возраста и здравствената состојба на жртвата. Мислам дека во овој регион многу често се забораваат два аспекти – жртви и ментални аспекти. Во овој регион, многу е вообичаено да се мисли дека тортурата е само кога инцидентите траат подолго време и ако жртвата има сериозни повреди. Менталните аспекти често не се доволно земени предвид додека пресудите во кои криминалот се гледа како криминал од омраза се уште се исклучок во регионот. Друг аспект е тортурата од страна на приватни лица, екстремистички групи и држави ќе станат одговорни ако нема соодветен одговор од спроведување на законот институции.”
На Форумот учествуваa преку 150 претставници од Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија. Тие вклучуваат претседатели и судии од врховните и уставните судови, судски совети, директори и директорки на правосудни академии, институции и невладини организации од регионот, како и девет сегашни и поранешни судии од Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Оваа година Форумот е организиран со поддршка од Британската влада, Шведската агенција за меѓународен развој и Советот за регионална соработка. Целта на Форумот кој од 2014 година се организира еднаш годишно е да го подобри спроведувањето Европската конвенција за човекови права, да ја поттикне регионалната соработка во услови на континуиран развој на владеењето на правото и човековите права и да помогне во процесот на интеграција на регионот во ЕУ и и да помогне во процесот на интеграција на регионот во ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

