Македонија
Првиот пациент со трансплантиран црн дроб од починат донор заминува дома со шанса за нов живот
По три недели поминати во болница, пациентот на кој му беше направена првата трансплантација на црн дроб од починат донор, денес заминува од Клиниката за Дигестивна хирургија во добра состојба, со здрав орган и со шанса за нов живот.
„Среќен сум што сум денес овде со вас и со моите колеги со кои ја направивме првата трансплантација на црн дроб во земјава и еве по три недели го испративме пациентот дома во добра здравствена состојба со функционален орган и со шанса да има нормален и квалитетен живот. Морам да признаам дека не беше лесно да се дојде до ова. Работевме многу, вложивме многу и еве успеавме сите заедно да отвориме едно ново поглавје не само во полето на дигестивната хирургија туку и во македонското здравство. Горд сум на мојот тим лекари и медицински сестри како и на соработката која ја имавме со останатите тимови вклучени во трансплантацијата, на соработката со Националниот координатор за трансплантација и со Министерството за здравство. На крајот сакам јавно да се заблагодарам на семејството на донорот. Без нивната хуманост немаше да имаме здрав пациент кој денес заминува дома и да го направиме овој успех во здравството“, вели проф. д-р Зоран Караџов, директор на Клиниката за Дигестивна хирургија и координатор за трансплантација на оваа клиника.
Првата трансплантација на црн дроб се случи на 24 ноември кога семејството на жена кај која беше дијагностицирана и потврдена мозочна смрт даде согласност да се донираат органите и приотоа да се спасат неколку животи. Покрај црн дроб се трансплантираа и два бубрега.
„Пациентот кој го прими органот е 60 годишен пациент со напредната болест на црниот дроб за кој практично не постоеше друг начин да му се спаси животот. Денес истиот тој пациент заминува дома со нов орган и нова шанса за живот и тоа е убавината на трансплантацијата и на органодонорството. За мене како хирург и за моите колеги, беше предизвик да се започне оваа приказна. Двонеделниот престој во центарот за трансплантација во КБЦ Меркур во Загреб, соработката со тимот на Клиниката за дигестивна хирургија и со сите останати тимови, амбицијата и желбата да се влезе во оваа приказна и да се биде дел од Програмата за трансплантација, беше тоа што не водеше кон овој успех“, вели проф. д-р Светозар Антовиќ, кој е дел од тимот кој ја направи првата трансплантација и воедно шеф на катедрата по хирургија при УКИМ.
Инаку, во тимот кој ја направи првата трансплантација покрај проф. д-р Зоран Караџов и проф. д-р Светозар Антовиќ учествуваа и науч. сор. д-р Љубомир Огњеновиќ, асс. д-р Ќемаљ Рушити од Клиниката за дигестивна хирургија, како и нивните колеги лекари, клиничкиот фармацевт и медицинските сестри. Тимот анестезиолози од КАРИЛ, кои го водеа реципиентот, предводени од прим. д-р Татјана Спировска. Потоа екипите од Клиниката за гастроентерохепатологија, предводени од проф. д-р Бети Тодоровска, науч. сор. д-р Елена Цуракова Ристевска, кои го подготвија донорот. Да не ги заборавиме и другите екипи кои учествуваа во трансплантацијата, а тоа се екипите од Клиниката за урологија, Клиниката за нефрологија, Клиниката за трансфузиологија, и секако, болничките координатори, кои го процесираат пациентот во мозочна смрт, предводени од доц. д-р Маја Мојсова Мијовска, д-р Билјана Андоновска, како и медицинските сестри, инструментарки, вработените во лабораториите и сите вклучени, кои со заеднички заложби го постигнаа овој огромен успех.
„Со задоволство денес сум тука на Клиниката за дигестивна хирургија, заедно со тимот кој успешно ја изврши првата трансплантација на црн дроб од починат донор во земјава. Ова е историски чекор за македонското здравство, со кој се вброивме меѓу врвните здравствени системи кои успешно работат трансплантација на црн дроб. Честитки до целиот тим кој учествуваше во оваа најкомплексна хируршка интервенција и благодарение на врвниот стручен придонес на комплетниот тим – 60 годишниот пациент денес си заминува дома во добра здравствена состојба“, вели министерот д-р Беким Сали.
Ова е шеста трансплантацаија од починат донор од почетокот на годината и прва на црн дроб во историјата на македонското здравство. Заедничката и тимска работа на преку 100 лекари, медицински сестри и админстративен персонал, резултираше, годинава, да се трансплантираат 10 бубрега од починат донор, 2 срца кај тешки пациенти и извршени 10 инплантации на коскени ткива. За последниве две години тоа се вкупно 8 срца, 30 бубрези, 20 коскени ткива и еве сега и првиот црн дроб.
„За мене нема посреќен момент од тој кога пациентот ќе си оди дома. Тогаш сите ја гледаат смислата на органодарителството. Повторно би сакала да се заблагодарам на сите досегашни семејства кои донирале и успеале да спасат живот“, вели д-р Маја Мојсова Мијовска, Национален координатор за транспланатција на органи и ткива.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) СДСМ бега од темата Груби и од борбата против корупцијата, рече Петрушевски
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција оцени дека Социјалдемократскиот сојуз, како што рече, бега од темата Груби, и наместо да го поздрави справувањето со криминалот, нуди приказни за театар и циркус.
„Времето покажува дека на СДС – безрбетна најдобро ѝ оди кога нешто треба да се продава, распродава и да се мести. И тоа е така без разлика дали тоа е местење на тендери или продавање на државата“, изјави Петрушевски.
Тој рече дека партијата наместо да поздрави, како што наведе, „чин на справување со незаконити дејствија, криминал, фаќање на лица кои бегаат или бегале од правдата“, се занимава со други теми.
„Очигледно е зошто го прават тоа, веројатно затоа што во конкретниот случај со Артан Груби не можат ни да се сетат во што се биле заедно вмешани, во какви зделки, коруптивни активности или криминал. Поточно во што се шурувале“, изјави Петрушевски.
Тој додаде дека актуелното раководство на СДСМ, меѓу кои ги спомена Венко Филипче, Оливер Спасовски, Јованка Тренчевска и Јон Фрчкоски, „кажуваат секојдневно некакви приказни“, но дека суштината, според него, е борбата против корупцијата.
„Професионална, координирана активност на надлежните служби за да се фати бегалец од правдата покажува на дело дека сега борбата со корупцијата и криминалот е решителна“, изјави Петрушевски.
Тој нагласи дека за ВМРО-ДПМНЕ клучна е борбата со корупцијата и криминалот и, како што рече, „поставувањето на здрави темели на начелото на владеење на правото“.
Македонија
Кардиологија и Кардиохирургија стануваат еден центар: заштедите од спојувањето ќе одат во опрема и едукација, најави Алиу
Владата на последната седница, која се одржа минатиот вторник(24.02.2026), на предлог на Министерството за здравство, донесе одлука за спојување на Клиниката за кардиологија и Државната клиника за кардиохирургија, со цел обезбедување повисок степен на интегрираност, координација и ефикасност во третманот на пациентите со кардиоваскуларни заболувања, преку рационално искористување на постојните човечки, просторни и технолошки ресурси на двете установи.
„Со донесената одлука за спојување на двете клиники формираме единствен центар на терциерно ниво за кардиоваскуларна медицина, кој овозможува континуитет на дијагностичко-терапевтскиот процес, од превенција и дијагностика, до интервентен и хируршки третман. Преку укинување на административните дупликати и оптимизација на организациската структура, создаваме предуслови за заштеда на средства кои ќе се реинвестираат во унапредување на квалитетот на услугите, модернизација на медицинската опрема и професионална едукација на кадарот“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
На овој начин ќе се овозможи подобра искористеност на капацитетите, односно зголемен број интервенции со интеграција на лабораториските, стерилизациските и операционите служби. Пациентите ќе добиваат комплетна кардиолошка и кардиохируршка грижа во рамки на единствена установа, без административни пречки и чекање трансфер, што значи поголема достапност и континуитет на здравствените услуги.
Воедно, спојувањето на клиниките ќе придонесува кон развој во сегментот на едукација и истражување, со креирање обединет академски центар со повеќе можности за обука на специјализанти, супспецијализанти и развој на научни програми.
Македонија
Исчистен просторот кај СЦ „Борис Трајковски“, подигнати 3.500 м³ отпад за 100 дена
Општина Карпош спроведе сериозни активности за уредување на јавните површини. Дивите депонии на повеќе локации се расчистени, а просторот околу Спортскиот центар „Борис Трајковски“ е целосно исчистен. На потегот кај „Скупи 5“ и кон Бардовци се подигнати над 3.500 кубни метри отпад, информираат од општината.
Покрај тоа, од општината велат дека се реализирани повеќе од 50 интервенции на јавното осветлување, спроведена е редовна дератизација и одржување на противпожарната инфраструктура во училиштата и градинките. Исто така, објавен е повик за стерилизација на улични мачки, а во училиштата започнаа активности за производство на компост и намалување на аерозагадувањето.

