Македонија
Првпат воспоставен електронски регистар за ретки болести
Во рамките на електронскиот здравствен систем на Министерството за здравство е активиран регистарот на лица со ретки болести. Овој електронски модул со податоци ги содржи сите основни информации за пациентите заболени од ретки болести, нивната дијагноза, потребната терапија, соодветната клиниката на која се лекуваат, како и лекарот што ги лекува, информира Министерството за здравство.
Секој лекар од јавните здравствени установи, кој лекува пациент со ретка болест, има увид само за пациентите што ги лекува, како и увид и целосна евиденција за пропишаната терапија.
Регистарот, кој досега беше во форма на листа на лица со ретки болести во хартиена форма, се трансформира во современ регистерски код по кој се препознава секој регистриран пациент со ретка болест во и надвор од границите на Република Македонија во согласност со Законот за евиденции во областа на здравството. На ваков современ начин, по донесениот предлог за потребата од внесување нов пациент, се поедноставува процедурата за запишување преку електронско пријавување извршено од стручниот колегиум на соодветната универзитетска клиника.
Евиденцијата е веднаш видлива за сите членови на Националната стручна комисија за ретки болести, која треба да постапува во согласност со деловникот за работа на Комисијата, односно Националната стручна комисија за ретки болести добива директна можност за следење и одобрување на терапијата, можност за зголемување или намалување на терапијата по вид на лек и доза, сè во зависност од спроведената евалуација и здравствената состојба на пациентот, како и од покажаните ефекти од терапијата.
Истовремено, се воспоставува и целосна евиденција на издавањето на лековите за пациентите со ретки болести преку вклучување на болничките аптеки при универзитетските клиники каде што се лекуваат пациентите, како и целосна евиденција на количината подигнати лекови од пациентите и на расположливите количини лекови набавени во согласност со Програмата за лекување пациенти со ретки болести во болничките аптеки, како и во веледрогериите со кои се склучени договори за набавка. Модулот овозможува контрола на примањето на лекот за ретка болест по вид на лек, серија на лек и производител и рок на траење, по датум на издавање, препорачана доза на примање.
Модулот има систем за заштита на пристап до податоци во согласност со важечките прописи, подлежи на највисоки мерки на софтверска и физичка безбедност во согласност со Законот за заштита на личните податоци, како и правилниците за технички и организациски мерки за заштита на личните податоци.
На овој начин Министерството за здравство ќе има увид во секој момент со расположливата количина на лековите со кои јавните здравствени установи располагаат, со што би се намалил ризикот за дефицит на потребниот лек за ретки болести. Платформата е активна од денеска, 30 август 2018 година, и содржи податоци за сите досега регистрирани пациенти заболени од ретки болести.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче до Мицкоски: Кој е Душан Адамовиќ и зошто е избран за Конзул во Србија?
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска од собраниската говорница му постави директно прашање на премиерот Христијан Мицкоски во врска со назначувањето на Душан Адамовиќ за почесен конзул на Македонија во соседна Србија.
„Кој е Душан Адамовиќ? Новоназначениот конзул на Македонија во Србија. Кои критериуми се исполнети согласно упатството за постапка за номинации и задачи на почесни конзули објавено во Службен весник?“, праша Филипче.
Тој потсети на критериумите што треба да ги исполнува еден почесен конзул.
„Прво, треба да е докажан пријател или негува почит и симпатии кон Република Северна Македонија. На Твитер видовме дека човекот пишува дека ова е српска Македонија и дека е окупирана територија. Тоа ли е исполнет критериум“, рече Филипче.
Понатаму, додаде Филипче, треба да не е осудуван за кривични дела и да има професионални квалификации.
„Од медиумите гледаме дека тој е навивач, дека му бил дигнат автомобилот во воздух, дека му било пукано во нозе. Дали АНБ тоа го проверило? Треба да е афирмирана личност од областите на своето професионално делување. Освен што е високо позициониран член на вашата сестринска партија СНС, друго не сме виделе. И да има влијание во јавниот, политичкиот, стопанскиот и културниот живот на државата домаќин. Освен што се фали со свои контакти, врски и релации со Русија, ние друго не сме виделе.“ рече Филипче.
Претседателот на СДСМ ги посочи и јавните појавувања на Адамовиќ на настани на ВМРО и го праша Мицкоски дали има лична релација со него:
„Тој човек го видовме на прославата после вашата победа на изборите 2024 тука, во Скопје, го видовме на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ. Моето прашање конкретно: Кој е Душан Адамовиќ, зошто е поставен за конзул и имате ли лична релација со него?“ рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Мицкоски до Филипче: Со тоа што ги напаѓате пензионерите, само потврдувате дека сте мекото ткиво на политичката сцена
Мене ми е жал што не ја научивте лекцијата, и удирате повторно по група на луѓе кои што за време на транзицијата некои ваши претходници во СДСМ ги оставија на улица, а денеска се пензионери, и голем дел од нив со времето станаа транзициони херои, ограбувајќи го народниот имот, а стотици илјади луѓе тогаш останаа на улица како технолошки вишок. И за жал, пред доаѓање на оваа Влада, нивните пензии беа, би рекол, катастрофални. А со доаѓањето на оваа влада нивните пензии сè уште не се во најдобра кондиција, односно онакви какви што заслужуваат да бидат. Но, еве колку што можевме во рамките на можностите, имајќи во предвид дека наследивме празен буџет кој што претходната влада на СДСМ и ДУИ го испразни и немилосрдно го истроши, успеавме да заштедиме средства и на пензионерите да им ја зголемиме пензијата, вели претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска на пратеничко прашање.
Мицкоски истакна дека Венко Филипче и СДСМ ги напаѓаат пензионерите и нивните покачени пензии, но како што рече Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да работи во интерес на пензионерите и на сите граѓани.
„Така што јас навистина жалам што ги напаѓате пензионерите и мислам дека тоа не е добра тема. Ние ќе продолжиме да работиме во интересот на пензионерите, исто како што ќе продолжиме да работиме во интересот на сите работници. Последните податоци на ДЗС велат дека просечната плата за минатата година е зголемена за 9,6 проценти. Дали е тоа доволно? Не. Дали треба повеќе? Да. Но тоа се можностите кои што во овој момент македонската економија ги има и тоа се можностите кои што ние како Влада ги имаме во смисла на тоа да се договориме со нашите колеги во образованието, во Министерството за внатрешни работи, во Министерството за одбрана, во здравството каде што и вие добивате плата, и во останатите сектори, вклучително и последниот договор што го направивме со УПОЗ и САДУ и да постигнеме договор за примањата на нашите колеги до 2028 година, до кога оваа влада има добиено мандат од граѓаните“, рече Мицкоски и додаде:
„После тоа ќе видиме. Но, иако уште сега ви кажувам дека и после 2028 година ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери ќе ја формираат следната влада. А за жал со вакви политики што имате ненародни и претставувате мекото ткиво на македонскиот идентитет и на македонската политичка сцена и со вакви мекотелни изјави и прашања кои што сега ги поставувате, за жал не гледам како да повратите барем малку од онаа супстанца, која што ја изгубивте кај македонските гласачи. Но, тоа е ваш проблем, не е мој проблем“.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, пак, од собраниската говорница, директно го обвини Мицкоски дека под негова директна команда, пратениците на мнозинството ги оставиле работниците без заслужено зголемување на платите.
„Видовме вчера, под ваша команда, пратениците на владеачкото мнозинство не го изгласаа предлог-законот. Ги оставија работниците без зголемени плати, имаат проблеми во секојдневниот живот, не можат да врзат крај со крај. Тие не протестираат заради некаков чалам. Тие протестираат поради вистински проблем“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ потенцираше дека кризата се чувствува во сите сегменти вклучутелно и кај земјоделците.
На собраниската седница стана збор и за евроинтеграциите на земјата. Мицкоски му порача на Филипче дека е мекото ткиво на македонскиот национален идентитет.
„За ЕУ ние нема да водиме мекотелна политика, сто пати ви кажав. Нема да водиме мекотелна политика. Вие сте мекото ткиво и се додека давате вакви изјави, ќе имаме политичари од Бугарија кои што ќе знаат дека има меко ткиво во македонскиот национален идентитет и ќе се обидуваат секогаш да играат на картата на помал отпор. Не можете ништо со тоа да постигнете. Ќе останете запаметен во историјата како човекот кој што бил мекото ткиво и партијата која што била мекото ткиво на македонскиот национален идентитет. Не ви го советувам тоа. Знаете што значи да останете запаметен во историјата од Охрид сте, знаете кој ги предавал и како ги предавал моштите“, рече Мицкоски.
Македонија
Хрватскиот министер за надворешни и европски работи во посета на Македонија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес и утре ќе биде домаќин на министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој ќе престојува во официјална посета на Македонија.
Двајцата министри ќе разговараат за билатералните односи, економската и секторската соработка, како и за европската интеграција на земјата и можностите за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон Европската Унија, соопштија од Министерството.
Во фокусот ќе бидат и соработката во рамки на НАТО, регионалните прашања и актуелните меѓународни случувања.

