Македонија
Прв Дијалог за безбедност и одбрана меѓу Европската Унија и Северна Македонија
Денеска, во рамки на официјалната посета на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија се одржа Првиот дијалог за безбедност и одбрана меѓу Европската Унија и Република Северна Македонија, во рамките на Партнерството за безбедност и одбрана потпишано во ноември 2024 година.
Состанокот официјално го отворија министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, а обраќање имаше и министерот за одбрана, Владо Мисајловски.

Во своето обраќање, министерот Муцунски ја истакна силната одлучност и посветеност на државата да биде доверлив партнер на ЕУ и НАТО во справувањето со безбедносните предизвици во сложеното геополитичко опкружување.
„Како држава, остануваме целосно усогласени со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија. Нашата 100-процентна усогласеност не е само техничка обврска, туку и јасен одраз на нашата стратешка ориентација и споделени вредности. Ги поддржуваме сите постојни напори за постигнување праведен и траен мир во Европа, останувајќи доследни во споделувањето на заедничкиот товар преку продолжување на севкупната поддршка за Украина, вклучително и во воениот и одбранбениот аспект“, истакна министерот Муцунски.

Преку отворен и конструктивен дијалог, двете страни разменија мислења за регионалните безбедносни прашања и војната во Украина. Беше нагласена важноста на регионалната стабилност и улогата на Северна Македонија, како НАТО членка и ЕУ-кандидат, во јакнењето на европската безбедносна архитектура.
На средбата беше направен пресек на активностите поврзани со учеството на државата во мисиите и операциите во рамки на Заедничката безбедносна и одбранбена политика, како и на тековните активности за справување со сајбер и хибридни закани, стратешка комуникација, борба против дезинформации и странски влијанија, како и учеството на жените во овие процеси.
Дополнително, македонската страна изрази силен интерес за продлабочување на соработката со ЕУ во одбранбените иницијативи, вклучително и преку Европската агенција за одбрана (EDA), Постојаната структурална соработка (PESCO), воената мобилност и претстојната Бела книга за европска одбрана. Како земја членка на НАТО, државата е јасно позиционирана за зајакнување на соработката меѓу ЕУ и НАТО во актуелното безбедносно опкружување.

На отворањето на првиот дијалог во рамки на Партнерството за безбедност и одбрана МК – ЕУ, министерот за одбрана Владо Мисајловски ја истакна посветеноста на Европската Унија која ја препозна нашата искрена заложба и посветеност во однос на зачувување на стабилноста, мирот и безбедноста на регионот и пошироко. Тој упати благодарност за поддршката од страна на Унијата наменета за македонската Армија, извести Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
„Во моментов имаме најголем буџет за одбрана, над 30 проценти се наменети за модернизација на Армијата, и оваа опрема дополнително ќе влијае на развојот на способностите и капацитетите на одбранбените капацитети“, рече Мисајловски.

Овој прв Дијалог за безбедност и одбрана меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија означи почеток на редовни политички и експертски консултации, со што ќе се овозможи следење на спроведувањето на Партнерството и отворање нови можности за соработка во интерес на мирот, стабилноста и безбедноста на граѓаните, се наведува во соопштението на Министерство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

