Македонија
Превезени над 3 милиони патници на двата македонски аеродрома
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска го посети генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Неџат Курт, и му додели благодарница за особен придонес за развојот на авиосообраќајот и за успешна организација на министерскиот самит на ОБСЕ, кој месецов се одржа во Скопје.
Над 3 милиони патници патувале преку двата македонски аеродрома – Меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Св. апостол Павле“ во Охрид – од 1 јануари заклучно со 16 декември 2023 година, објави „ТАВ Македонија“, подружница на „ТАВ аеродроми“.
Ова е важно достигнување за двата македонски аеродрома бидејќи го означува закрепнувањето на авиосообраќајот и на патничкиот сообраќај по пандемијата надминувајќи ги нивоата од 2019 година, која се смета за референтна година во авијацијата, и ова е првпат 3 милиони патници да бидат опслужени заедно на двата аеродрома во една година.

„Како ТАВ среќни сме што одбележуваме ваков успех не само за двата аеродрома туку и за македонската авијација. Достигнувањето 3 милиони патници пред крајот на 2023 е огромен успех, особено по пандемијата, која имаше огромно влијание општо врз авијацијата. Овој успех ја покажува и докажува нашата посветеност на обезбедување услуги со врвен квалитет за нашите патници и исто така е показател дека луѓето се подготвени да патуваат и дека сега тие повеќе од кога било имаат доверба за патувања со авион со оглед на ефикасноста и удобноста. Покрај тоа, ние како ‘ТАВ аеродроми’ сме повеќе од горди со статистиката на бројот на патници. Имено, статистиката покажува врв во 2019 година со речиси 2,7 милиона патници, потоа несреќен остар пад поради здравствената криза и ограничувањата за патување, а сега во 2023 година повторно се враќаме назад и успеавме дури и да ја надминеме 2019 година со 20 %. Ова достигнување дополнително ќе нѐ води и ќе нè инспирира да продолжиме да се стремиме кон нови рекорди. Ова е причината зошто ќе продолжиме да ги приспособуваме и подобруваме нашите услуги и да ги зголемуваме капацитетите на аеродромите за да бидеме подготвени да ги пречекаме нашите патници“, изјави Неџат Курт, генерален директор на „ТАВ Македонија“.
„Како и во сите земји во светот, ковид-пандемијата негативно влијаеше врз авиосообраќајот и во нашата земја. Но тие состојби ги надминавме и денеска можеме да бидеме горди заедно со ‘ТАВ Македонија’ бидејќи имаме нови рекорди на превезени патници. Три милиони патници е бројка што ветува континуиран развој на авиосообраќајот. Владата гледа на ТАВ како партнер во креирање нови политики и развој на авиосообраќајот во Северна Македонија. Верувам дека вака поставените политики ги оправдаа плановите на Министерството, а тоа се воспоставување нови дестинации за граѓаните, како и зголемување на бројот на туристи. Крајната цел е да имаме квалитетен и безбеден авиосообраќај“, изјави Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.
Најуспешната година за аеродромскиот оператор досега беше 2019, со 2,7 милиона патници, а 2022 беше завршена со 2,4 милиона патници. Сепак, 2023 ќе биде забележана како година со постојан над 30 % годишен пораст во споредба со 2022, особено со оглед на тоа што вкупната бројка на патници од 2022 година беше постигната со крајот на септември 2023.

За да се подобри квалитетот на аеродромските услуги и патничкото искуство да биде на највисоко ниво, ТАВ континуирано инвестира во аеродромската инфраструктура, како што беше и последната инвестиција од 2,4 милиона евра во надградба на системот за ракување со багажот со најновата технологија „Стандард 3“.
Поради успешната година во авиосообраќајот, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска го посети генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Неџат Курт, и му додели благодарница за особен придонес на ТАВ кон развојот на македонскиот авиосообраќај и за успешното управување со специјалните летови за време на одржувањето на министерскиот самит на ОБСЕ овој месец.
„ТАВ Македонија“, подружница на „ТАВ аеродроми“, членка на Групацијата АДП, за периодот од 1 јануари до 16 декември 2023 година опслужи над 3 милиони патници (вкупно 3.007.993 патници), кои патувале преку двата аеродрома, Меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Св. апостол Павле“ во Охрид, што е зголемување од 32 % воспоредба со 2022 година и 17 % зголемување во однос на референтната 2019 година. Бројот на летови на двата аеродрома во истиот временски период е 22.932 лета.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со донаторска вечер, почна со работа Фондацијата „Фросина Кулакова“
Донаторска вечер насловена „Threads of Light“ официјално го одбележа почетокот на работата на Фондацијата „Фросина Кулакова“. Вечерта беше посветена на уметноста, креативноста и солидарноста како универзални јазици преку кои може да се зборува за животот, одговорноста и потребата од подлабока општествена промена.
Настанот обедини уметниците, културната јавност и граѓаните околу една заедничка идеја – дека уметноста не е само естетика, туку и моќен простор за сеќавање, дијалог и општествена свест. Во рамки на вечерта беа изложени и ставени на хуманитарна аукција дела од македонски уметници и креативци од различни области – од сликарство и скулптура, до дизајн, мода и применета уметност – создавајќи една жива, разновидна и симболична мапа на современата креативна сцена.
Донаторската вечер „Threads of Light“ ја користи уметноста како начин да се поврзат личната емоција и јавната одговорност, а секое дело што ќе биде дел од аукцијата носи сопствена приказна и сопствен придонес кон една поголема, заедничка цел.
Средствата собрани од донаторската вечер ќе бидат наменети за развој на програмите на Фондацијата, меѓу кои централно место имаат обезбедувањето психосоцијална и правна поддршка за семејствата погодени од сообраќајни трагедии, како и формирањето фонд за стипендирање на млади талентирани уметници кои поради социјални или финансиски причини не можат да ја остварат својата креативност и да ја изградат својата иднина.
На настанот беше претставена химната „Фросина“, отпеана од Хорот ФРИДА под водство на Сузана Турунџиева, со текст на Огнен Неделковски. Баладата е создадена како искрена, лична и достоинствена почит, но и како јавна порака дека музиката, како и уметноста, може да биде форма на паметење, завет и повик за промена.
Фондацијата „Фросина Кулакова“ е основана од семејството на трагично починатата Фросина со цел да создаде долгорочна и одржлива платформа за градење култура на грижа, правда и свесност. Преку кампањи за општествена одговорност, културни и едукативни проекти и директна поддршка, Фондацијата има за цел да го претвори личниот губиток во јавна мисија што создава смисла и општествено дејствување.
Од Фондацијата посочуваат дека зад секоја сообраќајна трагедија не стои само еден трагичен момент, туку долг и тежок процес на соочување со последиците, и дека токму затоа овој настан не е замислен само како еднократна вечер, туку како почеток на една поширока и подлабока општествена иницијатива.
Донаторската вечер „Threads of Light“ претставува прв јавен чекор во работата на Фондацијата „Фросина Кулакова“ и почеток на една мисија во која уметноста, културата и човечката солидарност стануваат сојузници на промената.
На настанот присуствуваше и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој вели дека Фондацијата носи важна мисија за унапредување на безбедноста во сообраќајот, поддршка за семејствата погодени од сообраќајни несреќи, иницијативи за подобрување на законската заштита и поддршка на млади таленти.
„Вечерва присуствував на свеченото отворање на Фондацијата „Фросина Кулакова“ – иницијатива што произлезе од огромна болка, но и од уште поголема сила да се спречат идни трагедии. Фросина беше млада девојка со живот пред себе, кој прерано и неправедно беше прекинат во сообраќајна несреќа. Ова не е само лична трагедија за едно семејство, туку потсетник за сите нас колку е кревка безбедноста во сообраќајот и колку сериозно мора да ја сфатиме одговорноста зад воланот. Фондацијата носи важна мисија за унапредување на безбедноста во сообраќајот, поддршка за семејствата погодени од сообраќајни несреќи, иницијативи за подобрување на законската заштита и поддршка на млади таленти“, напиша Тошковски на социјалните мрежи.
Македонија
Парламентарното собрание на Советот на Европа донесе одлука за затворање на пост-мониторинг дијалогот со Македонија: „Значаен успех“
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, информираше дека Парламентарното собрание на Советот на Европа денеска донесе одлука за затворање на пост-мониторинг дијалогот со нашата држава, процес што беше отворен во 2000 година.
Како што истакна министерот Муцунски, оваа одлука претставува важно институционално признание за напредокот и посветеноста на државата кон принципите и стандардите на Советот на Европа, како и јасна потврда за остварениот напредок во областите на демократијата, владеењето на правото, заштитата на човековите права и односите со соседните земји.
Министерот нагласи дека посебна заслуга за успешно заокружување на овој долгогодишен процес има македонската делегација во Парламентарното собрание на Советот на Европа, предводена од пратеничките Марија Петрушевска и Иванка Василевска, како и Постојаната мисија на Република Северна Македонија при Советот на Европа.
Одлуката, како што посочи Муцунски, претставува значаен успех и недвосмислена потврда за посветеноста, професионализмот и ефективноста на македонската дипломатија во унапредувањето и заштитата на темелните европски вредности.
Македонија
(Видео) Исмаил до Љутков: Следува милионска штета по буџетот по ваша вина, кога планирате да си поднесете оставка?
Пратеникот Реџеп Исмаил, од Левица, на седницата за пратенички прашања се обрати до министерот за култура Зоран Љутков, оценувајќи дека предупредувањата упатени уште во првите сто дена од неговиот мандат, дека ќе стане најлошиот министер за култура во историјата на државата, денес, на половина од мандатот целосно се оствариле.
Според Исмаил ваквата оценка не е политичка квалификација, туку емпириски факт, поткрепен со состојбата во културата, кршењето на законите и последиците што веќе се мерат во судски спорови и финансиска штета.
Главен проблем според Исмаил е свесното и системско кршење на Колективниот договор за култура.
„Колективниот договор е донесен многу пред вашиот мандат, повеќепати беше оспоруван и секогаш потврден како уставен и легитимен. То сѐ уште важи и вие сте должни да го почитувате“, истакна пратеникот и додаде дека со доаѓањето на Љутков на функција започнало намерно саботирање на колективниот договор преку упатство од министерот со кое биле воведени незаконски пресметки на плати.
„Со тоа упатство директно го прекршивте Колективниот договор. Ова не е политика, ова е правен факт“, рече Исмаил.
Пратеникот посочи дека како резултат на ваквото постапување, во моментов има околу 800 тужби за пресметка на плати низ сите судови во Македонија, а дел од нив веќе се добиени во корист на работниците. „Речиси е извесно дека и останатите тужби ќе имаат ист исход. Прашање е дали сте свесен за штетата што ја нанесовте врз државниот буџет, штета која ќе биде поголема од онаа доколку Колективниот договор се почитуваше“.
Опишувајќи ги состојбите во културата Исмаил се осврна и на случајот со Филхармонија кога на средина од конкурсот името на директорот беше јавно соопштено од коалицискиот партнер во Владата, а конкурсот се претворил во фарса. Дополнително потсети дека во март минатата година над 3.000 работници во културата останаа без плата, што, како што нагласи е директна последица на неспособното и неодговорно раководење со Министерството за култура. Укажа и на фактот дека во два последователни буџетски циклуси се намалуваат средствата за култура, додека истовремено значително расте буџетот за НАТО.
На крај, Исмаил своето обраќање го заврши со прашањето: „После сето ова останува само едно прашање – кога планирате да си поднесете оставка?“.

