Македонија
Предлогот на Мицкоски за повереници е најава за враќање на авторитаризмот на Груевски, смета ДОМ
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) реагира, како што велат, со огромна загриженост на вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека, доколку локалните избори во октомври се „неуспешни“, Владата ќе именува повереници како градоначалници.
Според партијата, ваквата отворена закана е директен напад врз темелите на демократијата и претставува нескриена најава за враќање на авторитаризмот од времето на Никола Груевски, менторот на Мицкоски.
„Овој предлог е јасно антидемократски: ја поништува смислата на изборите и ја игнорира волјата на граѓаните кои можеби, замислете, би избрале независни кандидати за градоначалници или советници. Ова не е „политичка тактика“, туку директна најава за самоволие во општините, што наликува на грубото воспоставување на режим кој на сите ни е многу добро познат. Зелената партија ДОМ ја потсетува јавноста дека стравот на ВМРО-ДПМНЕ и на нивните прикриени коалициски партнери (СДСМ и ДУИ) од независните гласови го разоткрива лицето на една тивка, но сеопфатна согласност меѓу партиските „аристократии“. Молкот за ова прашање од страна на „опозициските“ перјаници од СДСМ и ДУИ само ги потврдува сомнежите за таа непринципиелна коалиција и нивната нетрпеливост кон новите, храбри независни гласови“, велат од ДОМ.
Партијата бара премиерот веднаш да ја повлече оваа закана и да ги почитува уставните права на граѓаните.
„Го повикуваме претседателот на Собранието и сите парламентарни партии јавно да се изјаснат против најавениот тоталитаризам. Секој обид за наметнување „повереници“ наместо легитимно избрани градоначалници е кршење на законот и на политичкиот морал“, велат од ДОМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
13 мобилни телефони и лаптоп најдени во ќелија на обвинет за „Пулс“: судијката го предупреди дека му следува самица
На почеток на денешното судење за пожарот во кочанската доскотека „Пулс“ судијката Диана Груевска-Илиевска го предупреди обвинетиот Џаваир Камбери, државен скужбеник во Министерството за економија кој е во притвор и во чија ќелија биле пронајдени вкупно 13 мобилни телефони и лаптоп.
„Морам да ве предупредам дека ви следува самица и други казни“, рече судијката Груевска-Илиевска.
Обвинетиот Камбери се обиде да објасни дека и тој ги нашол 13-те мобилни и компјутерот во ќелијата, што судијката не го зеде предвид и уште еднаш му кажа дека мора да го предупреди.
Судењето продолжи со изјави за оштетни побарување од семејствата на загинатите.
Македонија
(Фото) Голема акција за чистење во општина Кисела Вода
Од утрово, во координирана заедничка акција на Општина Кисела Вода, ЈП „Паркови и зеленило“ и ЈП „Комунална хигиена“, се спроведува големо чистење на јавните површини на територијата на општината. Акцијата го опфаќа потегот од крстосницата помеѓу „Народни херои“ и бул. „Борис Трајковски“ до кружниот тек во населбата Драчево.

„Со помош на метли, тримери и телескопски пили, се чистат зелените појаси, се кастрат гранки и се коси нараснатата тревна површина, а тротоарите и коловозите се метат со специјални метларки. Во рамки на акцијата, преку Секторот за месна самоуправа, Кисела Вода ангажираше 40 сезонски работници кои активно се вклучени на терен“, велат од Општината.

– Хигиената во Општина Кисела Вода мора и ќе биде на високо ниво. Ваквите координирани акции ќе станат редовна пракса, бидејќи грижата за јавниот простор е наша обврска и одговорност. Денес на терен се вклучени сите -општинските служби, јавните претпријатија и сезонските работници, затоа што кога работиме заедно, ефектите се очигледни и опипливи. Но, грижата за чиста и уредна општина не завршува тука. Ги повикувам граѓаните да внимаваат на хигиената, да не фрлаат отпад и да се однесуваат одговорно, затоа што Кисела Вода е нашиот дом. Грижата за чистотата е грижа за самите себе, за нашето здравје и за квалитетот на животот кој сите го заслужуваме, изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.




Македонија
За еден месец 101 санкција за непрописно вградени фолии
Во периодот од 01.11.2025 до 30.11.2025 Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи спроведе сообраќајни контроли на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возачи кои не ги почитуваат пропишаните стандарди за затемнување на стаклата на возилата, извести МВР.
„При контролата санкционирани се 101 учесници во сообраќајот. Најголем дел се регистрирани на подрачјето на СВР Тетово – 45 и СВР Куманово – 22. На сите прекршители им се изготвени соодветни поднесоци.
Контролите продолжуваат и во наредниот период. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, соопшти МВР.

