Македонија
Предлог-законите од правосудството на владина седница
Владата на својата 106. редовна седница, по предлог на Државниот завод за статистика, ќе ја разгледа предлог-програмата за изменување и дополнување на Програмата за статистички истражувања за периодот 2018-2022 година.
По предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, на седницата денеска ќе биде разгледана и предлог-програмата за дополнување на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2018 година.
На оваа своја седница Владата ќе ја разгледа информацијата во врска со донесување на стратегијата за развој на женското претприемаштво во Република Македонија 2019 – 2023 со предлог-стратегија и акциски план.
Министерството за правда на денешната седница на Владата ќе ги достави на расправа и одлучување предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судовите, предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на Република Македонија, предлог-законот за извршување на санкциите, предлог-законот за прекршоци, како предлози на Министерството за правда.
На денешната седница Министерството за локална самоуправа ќе ги презентира информациите во врска со одлуката за престанок на мандатот по сила на закон на градоначалниците на општината Ново Село и на општината Дебар и ќе информира за иницирање постапка за распишување избори за градоначалник во овие општини.
Како предлог на Министерство за труд и социјална политика, на седницата на Владата ќе биде разгледана информацијата за реализираните активности за привремено згрижените лица и создадените можности за нивно самостојно домување, како и информацијата за потпишување меморандум за соработка за обезбедување ефикасна и координирана соработка во спроведувањето заедничка медиумска кампања за промовирање на стручните занимања и можностите за стручно образование во Македонија во периодот 2018-2021 година.
Град Скопје на оваа седница ќе достави до Владата информација во однос на нацрт-планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај 2018-2021.
На својата редовна 106. седница Владата ќе ја разгледа и информацијата за склучен меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Македонија, претставувана од Министерството за образование и наука и Швајцарија, претставувана од Швајцарската агенција за развој и соработка за реализацијата на проектот „Образование за вработување во Македонија“ (Е4Е@mk).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска дел од Сарај и високата зона во населба Ѓорче Петров
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради дефект на затварач со пречник од Ф-350 мм на ул. 20 во нас. Сарај, од 07:30 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Лака, Крушопек, Грчец, Шишево, Глумово, Горна и Долна Матка, Арнакија, Љубин и село Сарај, (Општина Сарај) и високата зона, односно повисоките катови од зградите во населба Ѓорче Петров.
Македонија
Дел од Бутел денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:30 до 09:30 часот, објектот на ДОГАН ИНВЕСТ ДООЕЛ-СКОПЈЕ, односно објектот на Форд на самата раскрсница булевар Македонско-Косовска Бригада со булевар Босна и Херцеговина. (Општина Бутел)
Македонија
Продолжува периодот на стабилно и релативно топло време за овој период од годината
Сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 11 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на стабилно и релативно топло време за овој период од годината. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намалува.

