Македонија
Предлог-законот за централен регистар на населението оди во Собрание
Владата на седница го утврди текстот на предлог-законот за централен регистар на населението за да се утврди унифициран и единствен начин на водење на поединечните бази на податоци врз основа на утврдени стандарди и процедури.
„Овие стандарди и процедури, кои ќе го допрецизираат принципот на унифицираност при електронска размена и интеграција на податоци, како и принципот на единственост, ќе обезбедат основи за доследна имплементација на принципот на доверливост, со што ќе се зајакнат механизмите за заштита на личните податоци на населението“, соопштија од Владата.
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, минатата година рече дека регистарот на населението не е замена за попис.
„Регистарот на населението е основа и за порталот за е-услуги, каде што граѓаните ќе може најголем дел од услугите што секојдневно им се потребни да може да ги добие по електронски пат. Ова претставува платформа за креирање електронски идентитет на граѓаните и постојано ќе се надградува со податоци од други институции. Регистарот на населението има цел да ги донесе услугите до граѓаните на поедноставен начин да се добиваат сите потребни документи, што ќе придонесе до подобрување на квалитетот на животот“, истакна министерот Манчевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Времето денеска ќе биде претежно сончево со слаб до умерен северен ветер

Времето денеска ќе биде претежно сончево. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се движи од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 22 до 31 степен.
Во Скопје ќе биде сончево со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе искачи до 31 степен.
Од Управата за хидрометеорошки работи информираат дека за време на викендот и во првите денови од следната седмица ќе се задржи сончево и топло време со постепен пораст на температурата на воздухот, а потоа ќе настапи зголемување на облачноста.
Македонија
Муцунски на средба со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу

Во рамки на работната посета на Вашингтон, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба во Стејт департментот со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу.
„На средбата се разговараше за постигнувањата во изминатите 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, стратешкото партнерство, политичката и секторската соработка, како и потенцијалот за нивно понатамошно продлабочување“, соопшти Министерството.
Соговорниците заеднички ги потврдиле одличните билатерални и пријателски односи, засновани на вредностите на безбедност, демократија и слобода. Министерот Муцунски упатил благодарност за континуираната поддршка од САД во трансформацијата на општеството, зајакнувањето на капацитетите и спроведувањето на неопходните реформи.
На средбата станало збор и за силното сојузништво во НАТО, активната соработка во мултилатералните организации и заедничкиот придонес кон регионалната и глобалната стабилност и безбедност.
Македонија
Викендов сончево и топло време

Утре наутро ќе биде ведро и посвежо, преку денот претежно сончево. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 25 до 31 степен.
Во Скопје, сончево со слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 31 степен.
За време на викендот и во првите денови од следната седмица ќе се задржи сончево и топло време со постепен пораст на температурата на воздухот. Потоа ќе настапи зголемување на облачноста.