Македонија
Презентирани досегашните резултати од Проектот на Европравда за кривична правда во Западен Балкан
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија денеска се обрати на настан за промоција на Проектот за кривична правда во Западен Балкан преку кој Европравда овозможува оперативната поддршка за прекуграничната соработка на земјите во регионот при истражувањето на кривични дела.
„Сторителите на кривични дела лесно ги прошируваат и префрлаат своите дејствија од една во друга држава со што се обидуваат да го избегнат кривичниот прогон. Наша обврска како истражни органи е да им застанеме на патот, а најефикасно оружје за таа цел е нашата меѓусебна соработка. Јавното обвинителство мора да ги негува и дополнително да ги развива можностите за директна соработка со обвинителствата од другите земји, особено со оние од регионот“, рече Коцевски, истакнувајќи ги предностите на овој проект преку кој се поддржуваат заедничките дејствија и размената на информации на стратешко и оперативно ниво.
Проектот има специфична цел да ја зголеми способноста на земјите од Западниот Балкан да ги користат модерните алатки за меѓународна правна помош при истражувањето и гонењето на сите облици на тежок и организиран прекуграничен криминал.
„Со поддршка на овој проект на Европравда веќе имаме склучено неколку заеднички истражни тимови со земји од регионот. Резултатите се одлични, а ние сме поефикасни и поуспешни во работата“, рече Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Ислам Абази.

Според јавната обвинителка за врски со Европравда Ленче Ристоска, освен поголема ефикасност на постапките, овој проект овозможува и јакнење на довербата меѓу институциите во регионот.
„Повеќе се доближуваме и соработуваме, а тоа има позитивен ефект врз нашиот пристап при справувањето со криминалот“, додаде Ристоска.
Претставничката на Делегација на ЕУ во земјава Мари-Маделен Канелопулу оцени дека организираниот криминал претставува сериозна закана за Западниот Балкан преку мрежи кои се активни во целиот регион.
„Затоа на правосудните институции, а особено на јавните обвинителства во регионот мора да им се овозможат соодветни ресурси за справување со овие облици на криминал“, рече таа.
Од самото иницирање на овој проект, пред околу 18 месеци, неговата вредност и значење за балканските земји постојано расте. Претходно Европравда овозможуваше оперативна поддршка наменета за олеснување на правосудната соработка единствено за земјите-членки на Европската унија. Со овој проект, нашиот регион доби можност иста таква поддршка да користи и при меѓусебната соработка.
Со поддршка од Европравда, како дел од активностите на овој проект, македонското Јавно обвинителство до сега склучи договори за формирање на четири заеднички истражни тимови со соодветни органи од други земји во регионот. Проектот финансиски ја поддржува работата на случаите, состаноците на тимовите, но и учеството на јавни обвинители на настани и конференции во рамките на Европравда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.

