Македонија
Преку проектот „ЕУ – Поддршка за владеењето на правото“, Јавното обвинителство ќе добие нов електронски систем за управување со предметите
Претставниците на проектот „ЕУ – Поддршка за владеењето на правото“ го информираа јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Коцевски, за планираните активности што треба да се реализираат во рамките на овој проект во следниот период.
Во рамките на активностите на овој проект поврзани со информатичката технологија фокусот на поддршката ќе биде насочен во изготвувањето на техничката спецификација за воспоставување нов електронски систем за управување со предметите во Јавното обвинителство. Средствата за овој голем и сложен проект, во кој, покрај Јавното обвинителство, се опфатени и неколку други институции, се обезбедени преку ИПА 3-програмата на Европската Унија. Јавниот обвинител на Република Северна Македонија ќе формира посебна работна група за дигитализација, која ќе работи на утврдување на функционалните каратеристики во новиот систем, кои се неопходни за функционирањето на Јавното обвинителство. Во поддршка на процесот на изградба на новиот електронски систем ќе се вклучи и Здружението на јавните обвинители, чиј претседател Елвин Вели беше исто така на денешната средба.
Од аспект на дигитализацијата, домашни и меѓународни ИТ-експерти од овој проект работат на надградба и на постојниот Лурис-систем за меѓународна правна помош. По завршување на надградбата, земјата ќе биде прва во регионот што ќе овозможи директно електронско поврзување на Лурис-системите во Јавното обвинителство и Министерството за правда.
Од другите активности, проектот „ЕУ – Поддршка за владеењето на правото“ работи на подобрување на законските и подзаконските акти за оценување, контрола и дисциплинска одговорност на јавните обвинители, помага во обука на истражителите во истражните центри, придонесува во подготовката на новата стратегија за комуникации и транспарентност на Јавното обвинителство, а врши анализа и на човечките ресурси со кои располага Обвинителството.
Обвинителот Коцевски ѝ се заблагодари на Европската Унија за помошта во сите области што ги опфаќа овој проект и најави поддршка на проектните активности, кои треба да овозможат Јавното обвинителство да ги достигне европските стандарди во работата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по влажни коловози. Слаб снег провејува на планинскиот премин Стража кој во мометот не се здржува на коловозот. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на Плетвар и Пресека, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Бутел, Ѓорче Петров и Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од ул. бр. 2 во с. Љубанци. (Општина Бутел)
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од улиците со бр. 1 и бр. 9 во с. Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локални врнежи од дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места претежно во западните и северните делови од снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а наместа во западните делови повремено засилен западен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има врнежи од дожд и снег.

