Македонија
Преку проект ќе се утврдуваат причините зошто жените над 50 години не може да најдат работа
На 29 октомври, со почеток во 10 часот, во просториите на Економскиот институт – Скопје, ќе биде означен почетокот на проектот: „Идентификување на причините за долгорочната невработеност на постарите жени во Северна Македонија и Србија“, кој се реализира во рамките на програмата Visegrad+ Grants (2xV4 + 2xWB6/EaP) како дел од повикот за акциски грантови за 2024 година во областа на јавната политика и институционалните партнерства.
Проектот почна со реализација на 1.10.2024 година и ќе трае до 31.3.2026 година. Во реализација на овој проект се вклучени четири високообразовни и научни институции од четири европски држави:
– Економски институт – Скопје, единица на УКИМ, Република Северна Македонија
– Институт за економски науки од Белград, Република Србија
– Институт за економски истражувања на Академијата на науките од Словачка
– Универзитет за информациски технологии и менаџмент од Рзесов, Полска
Целта на проектот е да се идентификуваат причините кои ги спречуваат жените на возраст од 50 и повеќе години да најдат работа. Вакво истражување ќе биде спроведено и во Србија, додека искуствата на Словачка и Полска ќе бидат искористени да се предложат решенија, мерки и политики со кои би се зголемила вработливоста на оваа категорија на жени. Истражувањето во проектот ќе биде насочено кон проблемите на долгорочно невработените жени стари 50 и повеќе години во Скопскиот и Белградскиот регион.
Проектот „Идентификување на причините за долгорочната невработеност на постарите жени во Северна Македонија и Србија“ нуди уникатна можност преку анкетен прашалник и фокус групи со дел од овие жени, пореално да се утврдат проблемите со кои се соочуваат невработените жени на возраст од 50 и повеќе години, причините за нивната долгорочна невработеност, идентификување на недостатокот на вештини, како и други релевантни аспекти кои би биле значајни за развој на соодветни стратегии, програми и мерки со кои би се овозможило ублажување на неповолната ситуација на овие жени. Тоа би го постигнале првенствено со нивно учество како корисници на овој проект, а потоа и преку зголемување на свесноста за проблемите и потребите на овие жени меѓу релевантните стеикхолдери.
Целни групи во проектот се:
– Долгорочно невработените жени на возраст од 50 и повеќе години на локалните пазари на работна сила во Скопскиот и Белградскиот регион.
– Релевантни стеикхолдери како што се: Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување на РСМ, Организацијата на работодавачи, локалните стопански комори, невладините организации кои се занимаваат со проблемот на невработеност на ранливите групи и други.
Планирани активности и очекувани резултати од проектот:
– Анкетно истражување на примерок од околу 150 невработени жени на возраст од 50 и повеќе години;
– Фокус група со невработени жени постари од 50 години за дополнително да се идентификуваат проблемите со кои се соочуваат жените во процесот на барање на работа, причините за недоволната мотивираност да бараат работа, како и за недостатокот на соодветни вештини;
– Фокус група со релевантните стеикхолдери за подобро да се разбере каде е најголема неусогласеноста во вештините што ги поседуваат овие жени и вештините кои ги бараат работодавачите, како и да се утврдат другите бариери кои постарите жени треба да ги надминат за да најдат и да задржат вработување;
– Тркалезна маса на која ќе бидат претставени резултатите и сознанијата од анализата на квантитативните и квалитативните податоци добиени од спроведената анкета и организираните фокус групи;
– Работилница на која ќе бидат презентирани примери на добра пракса и знаење во однос на политиките и мерките во Словачка и Полска за подобрување на перспективите за вработување на ранливите групи, со посебен акцент на оние кои се однесуваат на невработените жени постари од 50 години;
– Сублимиран извештај врз основа на добиените сознанија од сите активности кои се предвидени во текот на проектот. Во него, освен добиените резултати од реализација на целокупниот проект, ќе бидат сумирани и соодветни предлози, мерки и препораки во однос на активните политики и мерки на пазарот на работна сила, кои Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија би можеле да ги искористат при креирање на идните политики и активности во овој домен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес локални врнежи од дожд и снег на планините
Времето денеска ќе биде променливо облачно. Во западните делови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од снег. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -8 до 1 степен, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, со повремен слаб дожд во делови од котлината. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Од УХМР информираат дека под влијание на циклонска активност, во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурата ќе биде во пораст.
Македонија
Ледени зрна на одделни патни правци: ЦУК апелира на зголемена внимателност поради заледување на патиштата
Центарот за управување со кризи известува дека денес, во попладневните часови, на одделни патни правци е евидентирана појава на врнежи од ледени зрна, кои предизвикуваат брзо и ненадејно заледување на коловозите, особено во повисоките и планинските предели.
Се апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат зголемена внимателност, да ја прилагодат брзината според условите на патот, да одржуваат поголемо безбедно растојание и задолжително да користат соодветна зимска опрема.
Македонија
Градоначалникот на Битола им се придружи на младите бадникари во изработката на бадниковите ѕвезди
Пред дестина дена започнаа подготовките за годинашната Бадникова поворкa која ќе се одржи годинава и во Битола, како и во многу други градови и населени места во Македонија.
На младите бадникари-деца од различни возрасти во подготовката, односно изработката на бадниковите ѕвезди, вечерва им се приклучи и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Организаторите на поворката велат дека вредните детски раце неуморно и со љубов и верба во традицијата ги изработуваат овие ѕвезди, подготвувајќи се за Бадник.
На 6 јануари на големиот верски празник Бадник, собирно место ќе биде плоштадот „Магнолија“ од каде ќе се упатат кон Соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, а потоа и низ Широк Сокак до Офицерскиот дом каде ќе биде завршниот дел на поворката, велат од Општина Битола.
Организаторите упатуваат повик до сите оние кои што сакаат да бидат дел од Бадниковата поворка на големиот празник да им се приклучат.

