Македонија
Препораки за трудниците за време на пандемијата со коронавирус
Колкава е веројатноста за инфекција со коронавирус во текот на бременоста? Што доколку здрава трудница има позитивен тест? Дали ако сум позитивна на Ковид-19 треба да бидам одделена од своето бебе? Дали можам да дојам ако имам коронавирус? Ова се само дел од прашањата што секоја трудница си ги поставува во периодот со справувањето со пандемијата од коронавирусот.
Интернационалното здружение на гинеколози и акушери (ISUOG) и протоколот објавен на 26 март 2020 година ги објави најчестите поставувани прашања за Ковид-19 и ризиците во бременоста.
1. Како да се однесуваат трудниците и дали се препорачува редовно да се прават антенаталните контроли?
– Антенаталните контроли во текот на бременоста се особено важни, не само за вашето здравје туку и за добросостојбата на вашето бебе. Сепак, во овој период на активна пандемија се препорачува да се намали бројот на задолжителните антенатални прегледи во бременоста, но само при нормален тек на бременоста и кај трудници кои немаат лошо акушерско минато или други минати здравствени проблеми – односно немаат ризични фактори за евентуална појава на патолошка бременост.
2. Што доколку имам барем еден од симптомите на оваа инфекција, а сум бремена?
– Доколку имате барем еден од симптомите на оваа инфекција потребно е да се јавите на преглед кај вашиот лекар. Секогаш поставете ја маската пред да излезете од дома, држете растојание најмалку 2 метри од останатите, особено откако ќе пристигнете во болницата или во амбулантата и најдобро телефонски најавете го вашето доаѓање. Во епидемиолошката анкета задолжително пријавете ги во целост вашите симптоми и контакти со можен ризик.
3. Колкава е веројатноста за инфекција со коронавирус во бременоста?
– Имаме мошне малку публикации досега, па последователно на тоа и недоволен број информации за бремени жени што се разболеле од Ковид-19. Од досега објавените докази се чини дека помал е бројот на трудници што се позитивни или болни од Ковид-19 во споредба со останатите жени на таа возраст. Жените со други здравствени проблеми, особено тие со хронични заболувања на респираторниот систем, висок крвен притисок, дијабетес, имаат поголем ризик од ова заболување и за нив постои поинаков протокол за следење на бременоста и породувањето.
4. Што доколку здрава трудница има позитивен тест?
– Повеќето здрави трудници кај кои тестот за Ковид-19 ќе биде позитивен, би требало, доколку се без симптоми или со блага симптоматологија, да бидат згрижени дома, а да останат во комуникација со својот матичен гинеколог и лекар. Доколку кај нив симптомите почнат да се влошуваат, неопходна е хоспитализација.
5. Дали има разлика во однос на последиците за плодот во која гестациската недела, месец од бременоста ќе се зарази пациентката?
– Колку актуелното вирусно заболување е поблиску до веројатниот термин за породување, толку се помали ризиците за плодот. Најголем ризик за плодот постои доколку трудницата рано во бременоста се стекне со вирусот, се разболи и е со ризик за предвремено породување.
6. Дали постои ризик за структурни и развојни аномалии за моето бебе ако во бременоста сум позитивна или заболена со Ковид-19?
– Според објавените достапни податоци, се претпоставува дека не постои пренесување од мајкaта на плодот за време на бременоста. Нема знаци дека Ковид-19 ги зголемува ризиците од аномалии на плодот, иако знаеме само за неколку жени што го добиле вирусот во периодот на органогенеза, односно во првите три месеци по забременување. Некои студии со слични вируси сугерираат дека бебето може да не расте доволно, соодветно за гестациската недела, т.е. да се здобие со интраутерин застој во растот (IUGR) по инфекција слична на Ковид-19. Заради навремено воочување на овие компликации, повеќето експерти препорачуваат најмалку еден ултразвук по 2 до 4 недели од завршување на инфекцијата за да бидете сигурни дека плодот добро се развива.
7. Кои се ризиците во тек на породувањето?
– Ако имате Ковид-19 и сте во активна фаза на породување, поради можна хипоксија (недостиг на кислород) или застој во породувањето, може да биде отежнато спонтаното вагинално породување и во тој случај препораките се породувањето да се заврши со царски рез. Во моментот нема друга причина да се избере царски рез наместо вагинално породување кога мајката има Ковид-19, освен ако не станува збор за предвремено породување или постои некоја друга акушерска индикација за царски рез од страна на мајката или на плодот.
8. Дали ако сум позитивна на Ковид-19 треба да бидам одделена од моето бебе?
– Честопати се препорачува да останете со вашето бебе ако се чувствувате добро. Некои околности може да бараат да бидете одделени од вашето бебе. Потребно е да бидете многу претпазливи за да избегнете пренесување на вирусот на вашето бебе. Ова најдобро се прави со доволно долго и детално миење на рацете пред да го допрете бебето, да избегнувате допирање на лицето на бебето, да избегнувате кашлање или кивање во близина на бебето и да носите маска тип FFP3 или P100 кога се грижите за него.
9. Дали можам да дојам ако имам Ковид-19?
– Од досега споделените научни докази, неколку трудници заразени со коронавирус биле тестирани и во млекото не е пронајден знак за вирусот. Значи, се чини дека мајчиното млеко е безбедно за вашето бебе дури и ако имате Ковид-19. Но, во исто време, треба да бидете претпазливи за да избегнете пренесување на вирусот на бебето. Друга одлична опција е да да носите маска тип FFP3 или P100, да го измолзете вашето млеко и да имате некој кој не е болен да го нахрани бебето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

