Македонија
Преродба ќе поднесе декларација до бугарскиот парламент со осуда по изјавите на Николоски
Крајнодесничарската партија Преродба најави дека ќе поднесе предлог-декларација со осуда за говор на омраза во бугарскиот парламент, а во врска со изјавите на вицепремиерот Александар Николоски, кој ја нарече земјата „нецивилизиран домаќин“ по средбата меѓу Сиљановска-Давкова и Румен Радев, на која го немаше македонското знаме.
„Имаме договор за добрососедство и тој отворено се прекршува. Сфаќаме дека ова е политика на намерно барање провокации, која Скопје ја игра изненадувачки добро. Треба да се реагира умерено и дипломатски, без да се навлегува во нивниот тон. Ќе поднесеме барање за вонредна седница на Народното собрание и ќе ја поднесеме декларацијата денеска“, изјави Костадин Костадинов, лидерот на Преродба.
Според него, во декларацијата треба да пишува дека Бугарија мора да ги информира своите партнери во Европската Унија за тоа што се случува од другата страна на границата – дека има саботажа против паневропските политики и една од нив е Коридорот 8.
„Кога сакате да бидете во заеднички европски дом, мора да ја почитувате политиката на овој заеднички европски дом. Еден од условите е да имате политика на добрососедство“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во текот на ноќта и утре повремени врнежи од дожд
Под влијание на циклонска активност во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд, а на планините од снег.
Како што соопшти УХМР, пообилни врнежи ќе има во југоисточните делови од земјата – над 20 литри на квадратен метар. Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, врнежите ќе преминат во снег во повисоките, како и во некои од пониските места.
Во Скопје во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд. На околните планини врнежите ќе бидат од дожд и снег.
Македонија
По 8.000 денари за секое бебе во општина Аеродром
Секое семејство со живеалиште во Општина Аеродром кое во текот на 2026 година добило новороденче или посвоило дете до една година, ќе добие еднократна парична помош во износ од 8.000 денари.
-Оваа мерка е наменета како практична поддршка за семејствата, особено во првите месеци од грижата за детето. Општина Аеродром останува посветена на семејствата и на децата, со љубов и внимание кон најмалите, создавајќи средина каде што тие можат да растат среќни, сигурни и поддржани, соопшти Општина Аеродром.
Македонија
Нека е со среќа, нека е аирлија, порача Мицкоски на пуштањето во употреба на реконструираната гимназија „Кирил Пејчиновиќ“
Во Тетово денеска беше пуштена во употреба реконструираната гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ .
На настанот присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски кој изрази задоволство што за само неколку месеци со, како што рече, силна и посветена работа, е завршена реконструкцијата на гимназијата.

– Тоа што тогаш можеби делуваше невозможно, денеска е возможно, реално. Сакам да се заблагодарам на градоначалникот, на советниците од Општина Тетово коишто го поддржаа овој проект, да се заблагодарам на Министерството за образование, на сите оние коишто се добронамерници за Тетово и тетовци и што изминатиов период се дел, би рекол, од многуте проекти коишто се реализираат во Општина Тетово, изјави Мицкоски.
На учениците и на наставниците од училиштето тој им посака успеси во работата односно во учењето и, рече, „уште многу успешни тетовчани да произлезат од клупите на ова училиште“.

– Нека е со среќа, нека е аирлија и да ни се множат уште многу вакви успешни проекти, додаде премиерот.

