Македонија
Претседателот ги потпиша указите за 21 закон
Претседателот Стево Пендаровски потпиша укази за прогласување 21 закон, кои не беа потпишани од поранешниот претседателел Ѓорге Иванов. Меѓу потпишаните се и указите за прогласување на Законот за изменувањето на Законот за оперативно-техничката агенција, на Законот за централен регистар на населението, на Законот за изменувањето и дополнувањето на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, на Законот за изменувањето на Законот за спортот и на Законот за практикантството.
„Претседателот Пендаровски смета дека овие закони и нивната идна имплементација се од витален интерес за граѓаните на Република Северна Македонија.Измените на Законот за оперативно-техничката агенција се однесуваат на делот на финансирањето и ќе придонесат за професионализација на безбедносните служби. Формирањето на ОТА произлезе од планот за реализација на препораките на групата високи експерти за системски прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите.
Со примена на Законот за централен регистар на населението ќе се утврди унифициран и единствен начин на водење на одделните бази на податоци врз основа на утврдени стандарди и процедури. Со Законот за изменувањето и дополнувањето на Законот за финансиска поддршка на инвестициите се унапредува економскиот развој на државата. Новиот закон значително ги олеснува процедурите, но и ќе се зголеми бројот на компании што може да аплицираат и да добијат државна поддршка за развој на бизнисот.
Со измените на Законот за спортот се овозможува даночно ослободување за националните спортски федерации, за спортските клубови, за активни спортисти од олимписки и неолимписки спортови, како и други правни субјекти што имаат решение за вршење дејност спорт. Со ова ќе се обезбедат значителни средства за поддршка на спортот и спортистите. Законот за практикантството ќе им помогне на невработените лица и на лицата што не се во работен однос, како и на работодавците да ги реализираат своите цели – вработување соодветен кадар преку обука за време на практична работа“, се вели во соопштението.
Претседателот Пендаровски ги потпиша указите за прогласување на следните закони:
– Законот за изменување на Законот за оперативно-техничката агенција;
– Законот за изменувањето и дополнувањето на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица;
– Законот за изменувањето и дополнувањето на Законот за електронските комуникации;
– Законот за дополнување на Законот за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Македонија;
– Законот за изменувањето и дополнувањето на Законот за данокот на додадената вредност;
– Законот за изменување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата;
– Законот за изменувањето и дополнувањето на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер;
– Законот за централен регистар на населението;
– Законот за изменувањето и дополнувањето на Изборниот законик;
– Законот за изменувањето и дополнувањето на Законот за финансиска поддршка на инвестициите;
– Законот за изменување на Законот за спортот;
– Законот за практикантството;
– Законот за услуги;
– Законот за ратификација на договорот меѓу Република Македонија и Црна Гора за уредување на меѓусебните имотно-правни односи;
– Законот за извршување на санкциите;
– Законот за тутунот, производите од тутун и сродните производи;
– Законот за изменувањето и дополнувањето на Законот за регистрирање на готовинските плаќања;
– Законот за изменувањето и дополнувањето на Законот за државните награди;
– Законот за изменување на Законот за Владата на Република Македонија, со текстот на Законот;
– Законот за електронското управување и електронските услуги;
– Законот за изменувањето и дополнувањето на Законот за јавниот долг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

