Македонија
Претседателот Пендаровски во посета на општина Демир Хисар во рамките на проектот „Лице в лице со претседателот“
Претседателот Стево Пендаровски вчера ја посети општина Демир Хисар во рамките на проектот „Лице в лице со претседателот“.
За време на посетата, претседателот Пендаровски во селото Слоештица ја посети спомен-собата на големиот македонски писателот Петре М. Андреевски, сместена во некогашниот Задружен дом, кој се реконструира и ќе прерасне во нов мултифункционален центар. Претседателот Пендаровски беше запознаен со тековните работи на објектот, како и со плановите во спомен-собата, освен дела од писателот Андреевски, да бидат изложени и негови лични предмети што ги подари неговото семејство.
Во селото Слепче претседателот Пендаровски го посети манастирот „Св. Јован Претеча“, каде што беше запознаен со историјатот на манастирот, кој, меѓу другото, бил и значајно црковно и манастирско средиште на Охридската архиепископија, а преку својата богата историја оформил и голема библиотека со вредни ракописи и книги за богослужбена употреба. Денес, манастирот ги продолжува издавачката дејност и творештвото на нова химнографија, а ја возобновува и резбарската школа со автентичен стилски израз. Сестринството се занимава и со сточарство, пчеларство и земјоделство.
Претседателот Пендаровски во село Бабино ја посети библиотеката „Ал-би“, во приватна сопственост на Стево Степаноски. Библиотеката е резултат на 140-годишна семејна традиција во колекционерство. Најстарата книга е арапскиот речник од 1307 година. Вкупно во библиотеката има над 20.000 наслови и брои 3.000 читатели, од кои голем број видни академици, а има и членови од странство. Во состав на библиотеката има и етномузеј и амфитеатар на отворено.
Во селото Слепче претседателот Пендаровски го посети домот на Гоце Трајчевски, кој е неодминливо место за посета од домашни и странски туристи. Тој дава и личен придонес за инфраструктурното уредување на целото село.
Преку „Лице в лице со претседателот“ претседателот Пендаровски остварува неформални средби со граѓаните што на поинаков начин придонесуваат во локалната заедница и во општеството во целост. Целта на проектот е ваквите поединци да станат повидливи истакнувајќи го нивниот труд и несебичен влог во работата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и на Стража
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, извести АМСМ.
Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на планинскиот превој Плетвар, а до 80 метри на планинскиот превој Стража.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.
Македонија
Без струја денеска дел од Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00-15:00 часот дел од улицата Тиквешка, улицата Нов Живот, улицата Индира Гранди, улицата Брсјачка Буна, улицата Овчеполска, улицата Пелагонија, улицата Демирхисарска, улицата Злетовска, улицата Слан Дол, улицата Хаџи Јован Шишков, општина Шуто Оризари.

