Македонија
Претседателот Пендаровски го пречека германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер
На церемонија со највисоки државни и воени почести, претседателот Стево Пендаровски денеска го пречека претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер, кој престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.
Претседателот Пендаровски и претседателот Штајнмајер одржаа тет-а-тет средба по што следуваше пленарен состанок на двете делегации. Во фокусот на разговорите се севкупните билатерални односи меѓу Северна Македонија и Германија, партнерството во НАТО и војната во Украина, текот на пристапните преговори и европската перспектива на Северна Македонија, како и можностите за јакнење на економската соработка и ублажување на последиците од енергетската криза.
Претседателот Пендаровски истакна дека посетата од страна на германскиот претседател во услови на променета геополитика, безбедносни закани и енергетски предизвици на европскиот континент e потврда на нашето пријателство и цврстата подготвеност на Германија за поддршка на нашиот регион. Тој посочи дека Северна Македонија високо ја цени посветеноста на Германија во процесот на европската интеграција на Северна Македонија, развојот и реформската агенда и особено нејзината конструктивна улога во Берлинскиот процес.
По завршувањето на пленарниот состанок на делегациите, предвидено е претседателот Пендаровски и претседателот Штајнмајер да одржат заедничка прес-конференција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски: Одлуката на САД не значи крај за туристичките визи и „Ворк енд травел“ програмата
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, појасни што значи одлуката на САД за стопирање на процесот на издавање на визи. Тој кажа дека се работи за пауза за постапки поврзани со иселенички визи.
„Не прекин, не црна листа, туку пауза, ќе напоменам за постапки за иселенички визи“, рече Муцунски.
Министерот појасни дека не е загрозено издавањето туристички визи, студентски визи како и визи во рамки на програмата „Ворк енд травел“.
„Ова не влијае на сите други постапки за издавање на визи за САД. Доколку сте стопанственик, слободно ќе можете да аплицирате за виза, доколку сте студент кој што сака да студира во САД или да оди на ‘Ворк енд травел’ ова значи дека нема никаква пречка за вас. Доколку сакате туристички да патувате, Светското првенство во фудбал ќе се одржи во САД, исто така, ќе може да патувате туристички“, рече Муцунски.
Тој порача дека јавноста во следните шест месеци дополнително позитивно ќе се изненади од тоа што може да се случи во развојот на визната политика на САД кон нашата држава, односно, како што рече, да почнеме да затвораме прашања кои што 20 години се обидуваме да ги затвориме.
Македонија
Забранети дополнителни 33 нелегални приредувачи на онлајн игри на среќа – вкупно 307 досега
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска потпиша налог за ограничување на пристапот до нелегални веб-страници и веб-апликации преку јавните електронски комуникациски мрежи, во случаи на нелегално приредување игри на среќа.
Со најновиот налог се опфатени дополнителни 33 нелегални веб-страници, што значи дека вкупниот број на досега опфатени (забранети) нелегални страници изнесува 307.
Налогот е доставен до Агенцијата за електронски комуникации, која е должна во рок од пет дена да го достави до операторите на електронски комуникациски мрежи за спроведување.
Министерството за дигитална трансформација ќе продолжи со континуирани мерки за сузбивање на нелегалното приредување игри на среќа на интернет, со цел заштита на граѓаните и безбедност во дигиталниот простор.
Македонија
Герасимовски: Поддршката за новороденчињата зголемена од 7.000 на 10.000 денари, инвестираме во нова градинка во Центар
Општина Центар ја зголемува финансиската поддршка за младите семејства и за пензионерите, информираше градоначалникот Горан Герасимовски.
„Еднократната парична помош за секое новороденче се зголемува од 7.000 на 10.000 денари“, изјави Герасимовски.
Со оваа мерка, Општина Центар продолжува со континуирана поддршка за семејствата со новородени деца. Финансиската помош ќе ја добијат сите семејства кои ги исполнуваат условите и се жители на општината.
Покрај директната финансиска поддршка, мерката овозможува и прецизна евиденција на бројот на новородени деца на годишно ниво, што претставува основа за следење на демографските движења во општината. Овие податоци се користат и за поефикасно планирање на капацитетите во детските градинки во Центар.
Дополнително, предвидени се капитални средства за изградба на нова детска градинка во близина на Клиничкиот центар, со капацитет за згрижување на околу 100 деца.
Во рамки на социјалните мерки, Општина Центар ја зголеми и еднократната парична помош за пензионерите со ниски примања, од 2.500 на 5.000 денари.
Истовремено, во тек се подготовки за изградба на дом за стари лица на територијата на Општина Центар.
Фото: Depositphotos

