Македонија
Претседателството на Обединетата македонска дијаспора до Ковачевски и Османи: Македонците во соседните земји се тотално обесправени
Обединетата македонска дијаспора (ОМД), водечката невладина непартиска организација на Македонците во дијаспората, оствари средба со премиерот Димитар Ковачевски во амбасадата во Вашингтон.
На средбата присуствуваше и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
ОМД ги потврди и изрази своите долгогодишни ставови против промената на името, како и какви било уставни промени како услов за почетокот за преговорите за членство во Европската Унија и последиците што доаѓаат со тие измени. ОМД посочи дека во Македонија малцинствата ги уживаат сите демократски права и дека во ниедна друга држава во Европа нема толку министерски позиции застапени од страната на малцинствата. ОМД посочи дека правата на Македонците во соседните земји се тотално обесправени.
ОМД и премиерот Ковачевски имаа отворена дискусија за унапредување на односите со дијаспората – најголемиот промотор и амбасадор на Македонија во светот. ОМД побара дигитализација на сите услуги што ѝ се достапни на дијаспората преку дипломатско-конзуларните претставништва, особено во врска со издавање или обновување биометриски лични документи.
ОМД го поздрави стратешкиот дијалог помеѓу Македонија и САД. ОМД активно се залага за потпишување договор помеѓу Македонија и САД против двојно даночење, како и за тоа Македонија да стане дел од листата на земји со безвизен режим. ОМД изрази благодарност за отворената врата на амбасадорот Зоран Попов, како и на премиерот Димитар Ковачевски, за отворениот дијалог и ќе продолжи со своите напори во зголемување на поддршката за Македонија во Конгресот на САД преку групата за пријателство со Македонија и македонско-американската заедница во која членуваат 37 земји“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

