Македонија
Приведени две лица во Гостивар, од возило фотографирале кој гласа на референдумот
Во Комисијата за следење евентуални противправности поврзани со гласањето при Јавното обвинителство во периодот од 14 до 19 часот пристигнати се неколку пријави и информации за евентуални незаконитости.
„Во Вишото јавно обвинителство Гостивар пријавени се два настана по кои постапуваше Основното јавно обвинителство Гостивар. Пријавено е фотографирање гласачи од возило во кое биле неколку лица. Возилото е идентификувано и две лица се приведени. Во вториот случај пријавено е дека гласач го искинал и истуткал своето гласачко ливче, а потоа вознемирен барал да му биде дадено ново гласачко ливче, кое не било дозволено од страна на избирачкиот одбор. Гласањето продолжило на тоа избирачко место. Во двата настана дежурниот јавен обвинител издаде насоки за натамошно постапување во насока на утврдување на фактите“, изјави јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, кој е претседател на Комисијата.
Тој рече дека на подрачјето на Вишото јавно обвинителство Скопје има две пријави за сторени противправности. Во ОУ „Кочо Рацин“ имало обид за фотографирање од страна на едно лице, кое за таа цел употребило електронски уред – пенкало со камера. Во Средното угостителско училиште „Лазар Таневски“ набљудувач фотографирал лице што стоело во редот за гласање. Наводите во известувањата ќе бидат проверени од Основното јавно обвинителство Скопје, ќе се обезбедат докази и ќе се одлучи дали во пријавените настани има елементи на кривични дела кои се гонат по службена должност.
„Основното јавно обвинителство Скопје постапува и по поднесени кривични пријави од страна на политичка партија, кои се однесуваат на евентуални противправности при гласање во општината Шуто Оризари. Втората кривична пријава од политичка партија се однесува на испратени СМС-пораки преку повеќе телефонски броеви поврзани со остварување на правото на гласање. Обвинителството веднаш издаде наредби за прибирање на потребните податоци и за расчистување на настаните“, рече Бајрами.
На подрачјето на Вишото јавно обвинителство Штип пријавено е дека околу 15 часот во ОУ „Димитар Влахов“ имало обид за гласање на маж во име на сопругата. По интервенција на еден од акредитираните набљудувачи, лицето го скинало гласачкото ливче. По настанот, лицето е приведено од страна СВР Штип. Дежурен јавен обвинител даде насоки за постапување.
Пријавен е и настан во с. Мислешево, Струшко, каде што на гласачко место е забележано дека едно лице при гласање имало уште две ливчиња кај себе. По реагирање на членовите на избирачкиот одбор, лицето се дало во бегство. Притоа му паднале дополнителните ливчиња за кои е утврдено дека се празни. Гласачкото ливче останало кај лицето што до овој момент е недостапено на органите на прогонот.
„На електронската адреса што ја отворивме има неколку пријави за сторени незаконитости поврзани со правото на гласање. Тие веднаш се доставени до надлежните основни јавни обвинителства и се предмет на натамошно постапување. Комисијата за следење евентуални противправности поврзани со референдумот ќе продолжи да ја координира работата на јавните обвинителства и во следниот период. Очекуваме набргу да пристигнат повеќе поднесоци и кривични пријави по кои итно ќе постапуваме“, рече Бајрами.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Коалицијата Менуваме“ ќе предложи закон за онлајн регистар за деца и млади со попреченост
„Коалиција Менуваме“ соопшти дека подготвила нацрт-закон за онлајн регистар за деца и лица со попреченост и посебни потреби кој го споделува во јавноста за консултации и сугестии, по што ќе го достави во Собранието, Владата и во неколку министерства.
„Коалиција Менуваме“ соопшти дека регистарот е дизајниран исклучиво за подобрување на институционалната координација, обезбедување континуитет на поддршката, намалување на административната дупликација и овозможување развој на информирани јавни политики преку агрегирани и анонимизирани податоци. Во сите фази од неговото воспоставување и употреба, како што наведува, регистарот целосно ќе ја почитува заштитата на личните податоци, приватноста, минимизирањето на податоците и ограничувањето на намената, во согласност со националното законодавство и меѓународните стандарди. Посочува и дека законот што го подготвиле не воведува нови механизми за категоризација или надзор ниту, пак, создава јавна база на податоци.
-Напротив, воспоставува строги контроли на пристап, јасно дефинирани институционални одговорности и робусни заштитни мерки за спречување на злоупотреба, неовластен пристап или откривање на чувствителни информации. Децата и лицата со попреченост и посебни потреби се меѓу најранливите членови на општеството и им е потребна навремена, координирана и континуирана поддршка од повеќе институции. Остварувањето на нивните законски загарантирани права често зависи од ефикасноста, точноста и интероперабилноста на административните, социјалните, образовните, здравствените и другите јавни институции. Во огласност со принципите на човеково достоинство, еднаквост, недискриминација и најдобриот интерес на детето и лицето, овој нацрт-закон воспоставува онлајн регистар за деца и лица со попреченост и посебни потреби како безбеден, централизиран и нејавен електронски систем, се наведува во соопштението.
Јавната кокуникација за одготвениот нацрт-закон, додава „Коалиција Менуваме“ ќе биде ограничена на општа, објаснувачка и образовна содржина, обезбедувајќи целосно заштита на достоинството, приватноста и правата на децата и лицата со попреченост и посебни потреби.
-Со донесувањето на овој закон, Република Северна Македонија ја потврдува својата посветеност на инклузивно управување, дигитална одговорност и создавање систем кој одговара на реалните потреби на децата и лицата со попреченост и посебни потреби, ставајќи ги нивните права, достоинство и благосостојба во центарот на јавното дејствување, стои во известувањето.
Македонија
Петте тони марихуана откриени кај Крушевац биле набавени во Македонија
Вишиот суд во Белград синоќа им одреди притвор на тројца уапсени по заплената на пет тони марихуана во селото Коњух кај Крушевац. Притворот им е одреден на Н.С., Р.С. и И.Д. односно поради опасност од бегство, за да не се влијае врз сведоците, за да не се повтори кривичното дело и поради можно нарушување на јавниот ред и мир, соопштија од тој суд.
Јавното обвинителство за организиран криминал претходно вечерва објави дека е донесена наредба за спроведување истрага против Александар Мијајловиќ, Небојша Спасојевиќ, Раде Спасојевиќ, Иван Драгниќ и Урош Младеновски.
Со оглед на тоа што осомничениот Александар Мијајловиќ, кој е означен како организатор на оваа организирана криминална група, е во бегство, до судијата за претходна постапка е поднесен предлог за издавање потерница против него, вклучително и меѓународна.
Како што е наведено во соопштението, оваа организирана криминална група дејствувала на меѓународно ниво, со тоа што во текот на јануари набавила повеќе од пет тони марихуана на територијата на Македонија.
Според планот на организаторот, осомничениот Иван Драгниќ ја транспортирал дрогат преку границата до магацинот на семејството на осомничените Спасојевиќ, од каде што осомничениот Урош Младеновски ја земал за понатамошна продажба.
Оваа акција се смета за најголема заплена на дрога во историјата на српската полиција – претходната најголема заплена беше 1.960 килограми.
Македонија
Забрана за сообраќај поради снег на камиони од утрово на патот Маврово – Дебар
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот.
Како што информираат АМСМ и ЈП „Македонијапат“, врнежи од снег со променлив интензитет утрово има во Крушево, на Попова Шапка, во Маврово и на планинските превои Стража, Ѓавато и Пресека. На планинскиот превој Буково врнежите се од дожд и снег.
Забрана за сообраќај на тешки товарни возила поради врнежи од снег од 5.45 часот е воведена на патниот правец крак Маврово – Дебар.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
На возачите им се препорачува да ја приспособат брзината на движење, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да возат внимателно, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите каде што има можност од појава на одрони.

