Македонија
Приврзоците на ДУИ денес глумат глас на совеста, вели Тошковски
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во статус на социјалните мрежи се огласи по критиките од опозициските партии за одговорноста и истрагата во случајот со дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Тошковски вели дека ДУИ, СДСМ и Левица, синхронизирано и оркестрирано ги насочиле нападите кон него, со сите свои расположливи сили, а дополнети и со нови, очекувано продолжени удари од страна на СДСМ утрово, чувствува обврска пред јавноста да укаже на суштината на оваа, како што ја нарекува, невообичаена и сè поочигледна алијанса.
„Три партии, различни во својата форма, а слични во својата природа, вчера се здружија во обидот да фрлат сенка над она што три децении го чека македонскиот народ – расчистување со корупцијата и ставање крај на политиката на неказнивост. Три партии, кои наводно се борат една против друга, вчера покажаа дека нивниот заеднички интерес е посилен од сите нивни привидни разлики.
ДУИ – партијата која во долгите години на владеење заедно со СДСМ создаде заробена држава, со систем во кој криминалот не беше исклучок, туку правило. Партијата која остави зад себе пустош од корумпирано судство, нефункционално образование без учебници, здравство кое наместо лекови произведуваше трагедии, загаден воздух кој го труе секој граѓанин и институции заробени од партиски војници наместо од професионалци.
Истите тие функционери на ДУИ кои некогаш со ароганција велеја дека не одговараат пред законот, туку само пред Али Ахмети, а кога некој ќе им спомнеше одговорност за криминал, одговараа со закани со чизмите од таванот, денес панично се разбегаа бидејќи за првпат почувствуваа дека законот е над партијата. Па би сакал вака јавно да ги прашам:
Каде е денес Артан Груби? Каде е денес Прпарим Бајрами? Зарем не беа токму тие најгласните борци за правата на Албанците, кои наместо права, си обезбедија само привилегии за себе и своите семејства? ДУИ никогаш не се бореше за Албанците, се бореше само за позиции од кои можеше да го ограбува и албанскиот и македонскиот народ.
И сега, кога за првпат по 30 години владеењето на правото не е само празна флоскула, туку реалност, кога институциите конечно почнаа да функционираат и правдата пристигнува до оние кои мислеа дека засекогаш ќе бидат недопирливи, ДУИ без срам зборува за одговорност.
СДСМ пак, кои зборуваат за селективност и неправда, треба да се присетат дека за време на нивното седумгодишно владеење со ДУИ, државата ја потресоа три големи трагедии во кои животот го загубија над 70 луѓе. И сега добро запомнете: за сите тие загубени животи, СДСМ не поднесе НИЕДНА кривична пријава. Ниедна! Истите тие денес велат дека истрагата за Кочани е фарса, а во оваа наводна „фарса“ веќе имаме над 50 осомничени. Зборуваат за морален пораз, привезоците на ДУИ кои седум години беа тивките соучесници во распаѓањето на државата, а денес, без грам срам, се обидуваат да се претстават како глас на совеста. Лицемерието нема граница, а СДСМ треба да знае дека меморијата на македонските граѓани не е толку кратка како што би посакувале.
Но најинтересна е улогата на Левица, политичките паразити кои живеат и се хранат од народниот гнев создаден токму од нивните денешни партнери, ДУИ и СДСМ. Левица, која со години не пропушта можност да се претстави како алтернатива, всушност е само уште една алатка на истите структури кои на Македонија ѝ ја одземаа иднината. Денес, кога конечно системот се чисти, Левица ги напушти своите наводни принципи и застана во одбрана на токму оние кои ги обвинуваше до вчера. И не е тоа затоа што тие се нова партија со визија, туку затоа што најдобро опстојуваат во времиња кога системот е разнишан, а довербата на граѓаните во институциите е убиена од нивните некогаш прикриени, а денес очигледни сојузници.
Вчерашниот ден најдобро покажа каде сме и зошто толку силно удираат. Не се напаѓа оној што не претставува закана, се напаѓа оној што навистина менува нешто. Оној што не прифаќа да биде дел од нивниот удобен систем на молк, неказнивост и меѓусебна заштита. Токму затоа, јас овие напади не ги гледам како закана, туку како комплимент дека конечно правдата ги допре оние кои мислеа дека засекогаш ќе останат недопирливи.
Ова не е само моја битка, ова е наша битка. Ова е битка на сите граѓани кои 30 години живеат во држава во која политичката елита си играше фудбал по канцеларии и ја шутираше Македонија како топка. Денес, наместо тие да ја шутираат државата како што сакаат, законот почна да ги удира токму таму каде што најмногу ги боли.
Затоа продолжуваме напред, со јасна визија, со уште поголема одлучност. Правдата почна да тропа на вратата на секој оној кој мислеше дека таа никогаш нема да го посети. И таа правда нема да се врати назад без резултати.
Ако нападите се цена што мора да ја платиме за ова, тогаш јас сум подготвен секој ден да ја плаќам, затоа што ова не е само политичка битка. Ова е враќање на Македонија таму каде што ѝ е местото, во рацете на граѓаните, а не во рацете на криминалците. Македонија мора да биде држава каде што одговорноста нема партиска боја, а правдата нема цена. Токму таа Македонија е целта за која вреди да се издржат сите овие напади. И таа Македонија, заедно со граѓаните, конечно ќе ја изградиме“, напиша Тошковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утрово најстудено во Берово и Крива Паланка
Утрово најстудено било во Берово каде што се измерени -7 степени, -5 било во Крива Паланка, -4 во Скопје – Петровец и Демир Капија, -3 во Гевгелија, Прилеп и Тетово, -2 во Охрид, Виница и Крушево.
Времето денеска
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Во текот на ноќта почнувајќи од западните делови ќе има врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, особено на планините каде што ќе се зголеми снежната покривка.
Максималната температура ќе биде во интервал од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 11 степени.
Македонија
„Мицкоски со авионот се плаши за својот живот, а не за животите на своето семејство?!“, прашува СДСМ
„Мицкоски вчера јавно изјави дека кога лета со владиниот авион, наводно се плаши за својот живот и дека „се моли на Бога да останат живи“ кога лета. Ако тоа е вистина, тогаш се поставува суштинско прашање: Како можел тогаш во таков авион да го стави своето семејство и да ги ризикува нивните животи заради приватен одмор?“, прашува СДСМ
„Освен што злоупотребил државни ресурси за приватни потреби, го ставил ли и семејството во ризик?
Ако навистина смета дека авионот е ризичен, тогаш постојат редовни комерцијални линии со економска класа. Не бизнис класа со карти од 4.000 евра, може да патува со економска класа, затоа што нашата економија не е за бизнис класа.
Наместо утре граѓаните да му бидат криви, бидејќи тие го плаќаат овој авион. Прво Мицкоски нѐ расплака со тажната приказна, сега нѐ загрижи. Се плаши за својот живот, а не за животите на своето семејство?!
Ако толку неодговорно се однесува кон сопственото семејство, како ли се однесува кога е во прашање државата?“, се додава во соопштението на СДСМ.
Македонија
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Велес е нормализиран во двете ленти
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес е нормализиран во две коловозни ленти, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

