Македонија
Привилегираните од дијаспората со „МКарта“ ќе користат брза лента на двата македонски аеродрома
Давањето билет за идентификација, како „МКарта“, на успешните македонски граѓани од дијаспората е почит кон нив и нивните дела, рече министерот за надворешни работи, Бујар Османи, за списокот од 69 истакнати поединци што ќе може да користат брза лента на двата македонски аеродрома, во Скопје и во Охрид.
Откако министерот, поради коректност кон нив, не ги прочита имињата на привилегираните, а рече дека не се тајна, „А1он“ го побара и го доби списокот од МНР на сите успешни личности од дијаспората што ќе користат, како што вели Османи, симболични привилегии, кои не им значат многу.
Меѓу носителите има научници, лекари, бизнисмени, културни работници, политичари и инженери, како оперскиот пејач Благој Нацоски, кошаркарскиот тренер Заре Марковски, успешниот доктор д-р Иво Бошковски од клиниката во Рим, д-р Димитар Ефремов, научник од областа на хематологијата, и ендрокринологот Горан Петровски од Катар.
Но, на списокот има и контроверзни личности за кои јавноста нема позитивно мислење, како што е името на бизнисменот Ристо Гуштеров, кој како дел од раководниот кадар во државната „Технометал“ стекна големо богатство во периодот на транзицијата. На изборите во 2011 година се обиде да стане пратеник преку партијата Достоинство.
На списокот за успешен во дијаспората е и поранешниот министер за странски инвестиции во една од владите на Никола Груевски, Глигор Ташкович, за кој пред две години американските медиуми објавија дека наводно бил дел од голема измама вредна 45 милиони долари.
Наводно, група луѓе, во кои бил и Ташкович, се обидувале да ја искористат пандемијата на Ковид-19 и да им продадат на градските власти милиони заштитни маски Н95 по многу повисока цена од продажната.

„Сакав да формираме мрежа на тие луѓе и да ги вклучиме во разни групи во процесот. Им дадовме билет за идентификација за да биде доказ дека се успешни луѓе од дијаспората. Проценив дека може да се направи нешто повеќе од почит кон нив отколку што тие привилегии им значат. Мислите дека им значи што 50 денари ќе платат во музеј во земјата? Ниту брзиот премин не им значи ним, тоа е само симболика. Јас сум задоволен што ме критикуваат на оваа тема затоа што сакам веста да стигне до дијаспората. Да знаат дека не ги заборавивме, дека ни се важни. Повеќе привилегии не можеме да им дадеме, не можеме да ги платиме толку колку што земаат, иако би сакале“, рече Османи.

„МКартата“ им следува само на истакнати личности или поединци од дијаспората, кои дале посебен придонес за подобрување на односите на Македонија со државата во која престојуваат, на меѓународниот углед на државата или се признати професионалци во струката. Таа е ограничена со рок на траење од четири години.
„Како што и вчера беше нагласено, досега се издадени вкупно 69 ‘МКарти’ на видни личности. Одлуката ја донесува министерот на предлог на шефот на дипломатско-конзуларно претставништво на Северна Македонија во странство или друг државен орган. Во процесот е вклучен и Секторот за дијаспората при МНР. Процесот на детектирање истакнати лица од дијаспората продолжува и нема дефиниран број колку би се издале“, рекоа од МНР за „А1он“.
Орце Костов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

