Македонија
Привремена комисија ќе ги следи евентуалните изборни нерегуларности

Јавниот обвинител донесе одлука за формирање привремена комисија за следење евентуални изборни нерегуларности.
„Настаните поврзани со претстојните предвремени парламентарни избори, закажани за 15 јули 2020 година, се од општ интерес на јавноста, па оттука, формирана е комисија која проактивно ќе ги следи настаните, во насока на заштита од криминални или други противзаконски дејствија и превентивно дејствување“, соопштија од Јавното обвинителство.
За претседател на комисијата е определен Џељаљ Бајрами.
Членови на комисијата се јавни обвинители од вишите јавни обвинителства и Основното јавно обвинителство Скопје.
Комисијата на дневна основа ќе ги следи сите настани од државата поврзани со процесот на организирање и спроведување на изборите. За оние настани за кои ќе се оцени дека даваат индиции за евентуални сторени изборни нерегуларности, известувањата веднаш ќе се проследат до соодветното основно јавно обвинителство. Во исто време, ќе се дадат задолженија до основните јавни обвинителства за итно постапување, односно да формираат предмет и да преземат дејствија за утврдување релевантни факти од кои зависи правилната примена на Кривичниот законик.
„Јавното обвинителство на Република Северна Македонија ги повикува граѓанските организации, политичките партии, домашните и меѓународни институции и сите лица кои сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со изборниот процес, да достават поднесок/пријава до комисијата за следење на изборни нерегуларности на електронската адреса [email protected]“, се наведува во соопштенито.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС и Шукова ниту имаат план ниту знаат како да го подобрат животот на скопјани

Шукова говори за тоа што му недостига на Скопје и тоа би било во ред доколку само пред една година таа не беше токму министер за животна средина и просторно планирање, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Таа како министер имаше можност и простор да направи план за намалување на аерозагадувањето, за зелени површини, за еколошки јавен превоз, но сепак таа одлучи да му слугува на Ковачевски, а во реалноста на Заев.
СДС и Шукова ниту имаат план ниту знаат како да го подобрат животот на скопјани. Тоа е видливо затоа што единствен ‘успех’ на СДС во Скопје за подобрување на животната средина е зелената површина на Шилегов на плоштадот“.
Времето на Шукова, додаваат од партијата на власт, заврши уште пред да почне. На граѓаните, според нив, им е преку глава од лажни ветувања, кои знаат дека нема да се реализираат.
„Орце Ѓорѓиевски и ВМРО-ДПМНЕ постепено ќе ги градат темелите на промените во Скопје“, нагласуваат од партијата на Мицкоски.
Македонија
За еден месец, 80 лица се сретнаа со министерот за здравство, Алиу, преку „Отворен кабинет”

Во изминатиот месец 80 граѓани преку алатката „Отворен кабинет“ се сретнаа со министерот за здравство, Азир Алиу.
Барањата, предлозите и сугестиите на граѓаните се предмет на системско постапување во рамките на Министерството за здравство, односно тие се анализираат и проследуваат за натамошно постапување, велат од Министерството.
„До овој момент одговорено и постапено е по 29 отсто од барањата, за некои потребни се системски унапредувања, кои веќе се иницирани, а за преостанатиот дел формирани се комисии за поефикасно постапување“, се наведува во соопштението.
За потсетување, министерот Алиу во текот на утрешниот ден е на терен во Штип во рамките на иницијативата „Мобилен кабинет“, каде што од 12 до 14 часот ќе има средба со граѓани во просториите на Клиничката болница – Штип и сите заинтересирани граѓани ќе имаат можност директно да ги споделат своите искуства, проблеми или предлози поврзани со здравствениот систем.
За учество на овие средби потребна е претходна пријава преку платформата „Отворен кабинет“, која е достапна преку интернет-страницата на Министерство за здравство: https://zdravstvo.gov.mk/
Македонија
Шукова: Идејата за железница покрај кејот на Вардар е исклучително погрешна

Идејата за железница покрај кејот на Вардар е исклучително погрешна, смета Каја Шукова од СДСМ, која е кандидат за градоначалник на Скопје. Според неа, тоа е последното нешто што му треба на Скопје.
Како што вели Шукова, кејот на Вардар е едно од ретките места што им преостануваат на граѓаните за мир и рекреација од хаосот на секојдневието во градот.
„Да се уништи тој простор со шини и бучава би било културен и еколошки вандализам. Граѓаните на Скопје заслужуваат уреден кеј со велосипедски и трим-патеки, урбана опрема, зеленило и чист воздух. Тоа е визијата што ќе ја бранам, кејот како градска оаза за спортување, пешачење, семејни прошетки и живот. Што му треба на Скопје? Сериозен, ефикасен и еколошки јавен транспорт. Наместо да се фрлаат нереални идеи, кои звучат добро на хартија, а се катастрофа во реалноста, ќе предложиме нов, модерен систем на јавен превоз, кој ќе биде брз, достапен, чист и одржлив. Ќе го дигнеме јавниот превоз од пепелта во која ВМРО-ДПМНЕ го остави да тоне четири години. Моја заложба како кандидатка за градоначалничка е јасна – Скопје ќе биде град за луѓето. Град на велосипедисти, мајки со деца, спортисти, рекреативци, ученици, пензионери“, објави Шукова на „Фејсбук“.