Македонија
Признанија за првите луѓе на МСМЈЛК при УКИМ
Денот на македонскиот јазик, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) го посвети на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК при УКИМ) и остварувањата во афирмацијата на македонистиката.
„Од школа за македонски јазик за странски слависти, на чие прво издание имало 21 учесник од 12 земји, Семинарот прерасна во главен придвижник и стожерник на развојот на македонистиката на странските универзитетски центри и академско јадро на меѓународната афирмација на македонскиот јазик, литература и култура. Факт е – токму МСМЈЛК при УКИМ е оној што е заслужен не само за тоа што денес, македонистиката се изучува на универзитетите ширум светот, туку и што македонистиката има бројни посветеници и афирматори на сите континенти – истражувачи, универзитетски професори, книжевни преведувачи, публицисти… Тие се дел од оние над 4000 учесници на школите на Семинарот, но и од некогашните и сегашни студенти на лекторатите по македонски јазик на странските универзитети. Ама заслужен е и за тоа што како резултат од неговата соработка со странските универзитетски центри, денес има и македонистички подмладок во странските академски и културни средини, кој е една од гаранциите за перспективите на странската македонистика во времето што е пред нас.
Но, исто толку, неспорен факт е и дека Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура е оној што веќе пет децении го поттикнува развојот на странската македонистичка научна мисла.” – истакна ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски.
УКИМ, во знак за признание за посебен придонес за афирмацијата на македонистиката, додели благодарници на универзитетските професори – директори на МСМЈЛК при УКИМ од неговото основање наваму: акад. Александар Спасов (постхумно), акад. Божидар Видоески (постхумно), проф. д-р Томе Саздов (постхумно), проф. д-р Кирил Конески (постхумно), проф. д-р Томислав Тодоровски, проф. д-р Коста Пеев, проф. д-р Максим Каранфиловски, проф. д-р Емилија Црвенковска, проф. д-р Славица Велева и проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, која со МСМЈЛК при УКИМ раководи од 2019 година.
Признание e доделено и на лекторот кој досега најдолго се посвети на развивањето на дејноста на МСМЈЛК при УКИМ, Роза Тасевска.
„Во оваа година, кога чествуваме и 120 години од објавувањето на клучната книга за македонистиката – ‘За македонцките работи’ од Крсте Петков Мисирков, чинам, нема посоодветен ден за да се случи ова, од овој – Денот на македонскиот јазик. Затоа што објавувањето на македонската азбука на 5 мај 1945 година е клучен миг во кодификацијата на македонскиот литературен јазик со која се остварија заложбите на Мисирков од 1903 година. А коментирајќи ги нападите врз македонскиот јазик од некои политички и научни центри, Конески, во една прилика истакна: ‘најдостојниот одговор ние го даваме тогаш, кога знаеме да ги цениме како што треба и да ги штитиме придобивките на јазичното поле од 1945 година, како суштествена компонента на нашиот национално-културен развиток. Секакво поинакво постапување би значело пројава на лекомисленост во една сериозна ситуација.’ Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, веќе речиси 56 години е заштитник и афирматор на тие придобивки. И онака како што нè учеше Конески го дава најдостојниот одговор – и дома, и ширум светот. Притоа, треба да имаме предвид и дека Семинарот не само што го вреднува она што е веќе суштетвена компонента, туку постигнува резултати кои се и клучни за нови поглавја на нашиот национално-културен развиток, вклучително и преку Меѓународната научна конференција која е централна точка на меѓународниот научен интерес за македонистиката.” – посочи ректорот на УКИМ, Јанкуловски.
Во завршницата на настанот беше посочено: „Со заложбите и остварувањата на МСМЈЛК при УКИМ, развојот на странската македонистика веќе се одвива по цврсто утврдена патека на која има јасни патокази за развојот во времето што следи. Аманетот на Конески се остварува и ќе се остварува. Македонскиот збор и мисла одекнуваат низ светот! “
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ некогаш беше државтворна партија, а сега се занимава со трач муабети, реагира движењето ЗНАМ
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија реагираше на, како што наведуваат, обвинувањата од СДСМ, оценувајќи дека партијата „бега од одговорност со навреди, етикетирања и лични дискредитации“.
Во реакцијата, од ЗНАМ наведуваат дека СДСМ, наместо да понуди аргументи и одговори за кономската и институционалната состојба во државата, се занимава со „озборувања“ и „трач муабети“.
Партијата оценува дека СДСМ, која некогаш беше државотворна партија, денес е сведена на фабрика за навреди, конструкции и политички отров, како и дека со улична реторика покажува нервоза и очај.
Од ЗНАМ нагласуваат дека движењето не е ничја квислиншка група, туку автентична политичка сила создадена од граѓани разочарани од владеењето на СДСМ.
Во реакцијата се споменува и периодот на владеење на Зоран Заев, при што се изнесуваат критики за, како што наведуваат, националните политики и управувањето со државата. Се споменува и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, при што се посочуваат, како што стои во реакцијата, контроверзии и сомнежи за тендери и набавки.
„Политиките на Зоран Заев останаа запаметени како период во кој националните интереси се ставаа на распродажба без јасен консензус и без чувство за државничка мерка. Со рачето на срце се промовираше како чесен и достоинствен, а всушност државата ја претвори во сопствен приватен бизнис. Симболиката на „едно евро за Вицето, едно за црквата“, беше само дел што нештото го докажува. Ги распродадоа македонските национални позиции на ангро, без јасна стратегија и без поддршка, ја разнишаа довербата во институциите и ја продлабочија поделбата во општеството. И по сето тоа, истите тие кругови, истото тоа раководство, се обидуваат да зборуваат за морал и одговорност, како граѓаните да немаат паметење. Во периодот кога со здравството раководеше Венко Филипче, јавноста беше сведок на низа контроверзии, сомнежи за тендери, набавки и прашања на кои никогаш не доби целосни и транспарентни одговори. Златни визи, сомнителни бизнис релации и повластени шеми, сето тоа се случуваше во време кога СДСМ ветуваше „живот за сите“, а испорача привилегии за малкумина“, велат од ЗНАМ.
Од ЗНАМ дополнително оценуваат дека опседнатоста на СДСМ со наративи за т.н. ‘српски свет’ и со случувањата во соседна држава и нивната постојана потреба да отвораат фронтови и да се караат со сите, од политички партии до новинарие прашање што партијата треба да го решава во сопствени рамки.
Македонија
Нова опрема за анализа на тешки метали во почвата во Државната лабораторија за животна средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска ја посети Централната лабораторија при Министерството, каде најави системско и координирано решавање на сите институционални предизвици.
Тој нагласи дека модерна и функционална Централна лабораторија претставува темел на ефикасната заштита на животната средина и гаранција за точни и навремени податоци во интерес на јавното здравје. Целта е да се обезбедат стабилни услови за работа и долгорочно унапредување на капацитетите.
Во рамки на посетата беше нагласено дека Лабораторијата успешно ја обнови акредитацијата за наредните четири години за вкупно 20 методи, од кои една за мерење на амбиентална бучава и 19 за индустриски отпадни води и за површински води. Она што следува е забрзување на процесот на акредитација на методите за мерење на загадувањето на воздухот од стационарни извори.
Дополнително,во рамки на посетата беше презентиран новиот ICP-MS инструмент, кој овозможува анализа на тешки метали во почва, вода и воздух и со кој значително ќе се унапредат аналитичките капацитети на Државната лабораторија за животна средина.
Македонија
Уставниот суд: Нема постапка за пензиите, запрена за Кривичниот законик
По 5. седница на Уставниот суд, претседателот Дарко Костадиновски и судијата проф. Осман Кадриу информираа за одлуките по предмети од поголем јавен интерес.
Судот не поведе постапка за оценување на одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се однесуваат на исплата на пензиите во земјата.
Подносители на иницијативите се Игорчо Точев, Љубомир Сандевски, Темелко Ристески и Кире Батев.
Претседателот Костадиновски изјави дека мнозинството судии оценило оти пензионерите кои ја примаат пензијата во државата и оние што ја примаат надвор од неа се во иста правна, но не и во иста фактичка состојба. Според него, за повреда на членот 9 од Уставот, кој се однесува на еднаквоста, потребно е субјектите да бидат во иста правна и фактичка положба, што во овој случај не е исполнето.
Тој посочи дека мерката има социјален карактер и легитимна цел – ублажување на последиците од растот на трошоците и инфлацијата. Додаде дека по истекот на времените услови утврдени со мерката, се враќа редовното законско усогласување на пензиите, кое важи и за лицата што не живеат во земјата.
Судијата-известител Осман Кадриу изјави дека предложил да се поведе постапка, но не добил мнозинство гласови. Тој оцени дека со оспорените одредби се врши дискриминација врз пензионерите кои живеат надвор од државата и дека им се ускратуваат правата на зголемување и усогласување на пензиите.
Во однос на предметите У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023, кои се однесуваат на измените на Кривичниот законик, Судот ја запре постапката, оценувајќи дали Законодавецот постапил согласно насоките од претходното решение со кое беше поведена постапка.
Мнозинството судии констатирале оти во формален аспект Законот е донесен согласно процедурите. Во однос на материјалната уставност, дел од судиите сметале дека новото решение не е идеално, но е подобро од претходното.
Тој нагласи дека евентуално поведување нова постапка и укинување на законот би создало правен вакуум и правна празнина во санкционирањето на злоупотребите на јавни средства, поради што мнозинството одлучило да ја запре постапката, водејќи се од принципите на правна сигурност и предвидливост.
Судијата Кадриу изјави дека гласал против запирањето на постапката, наведувајќи дека, иако Законодавецот ја испочитувал формалната процедура, не постапил целосно по одлуката на Уставниот суд во материјалниот дел.

