Македонија
Прилеп доби 44 болнички кревети и медицинска опрема

Градската болница „Борка Талески“ од Прилеп, во рамките на хуманитарната донација од меѓународните организации „Пламен на мирот“ од Виена, Суверен болнички ред „Св. Јован од Ерусалим“, ротари-клубот „Прилеп“ од Прилеп и лајонс-клубот „Вардар“ од Скопје, доби 44 електрични болнички кревети и дополнителна медицинска опрема. Донацијата е вредна приближно 40 илјади евра, а во име на болницата ја прими директорот Драган Богоески.
„Кревети недостигаат секогаш и затоа оваа донација е многу корисна за нашата болница. Посебно во одделенијата каде што има потреба од тоа пациентите да се наместат во согласност со одредена позиција. Станува збор за електрични болнички кревети“, рече д-р Богоески.
За градоначалникот на Прилеп, Илија Јовановски, оваа хуманитарна акција ќе има најголеми ефекти за хоспитализираните пациенти. „Раководството на болницата се соочува со низа проблеми и успева да обезбеди непречена работа и квалитетна здравствена заштита на пациентите. Условите во болницата, сепак, не се на посакуваното ниво. Оттука, значењето на донацијата е уште поголемо. Престојот на пациентите ќе им биде попријатен, хигиената ќе биде на повисоко ниво, а трошоците што биле планирани за оваа намена раководниот тим ќе ги пренамени и за други приоритети. Организаторите на оваа хуманитарна донација со години се пријатели на прилепската болница. Затоа, уште еднаш благодарам што во фокусот на нивните акции е секогаш прилепската болница, една од највиталните установи во градот“, рече градоначалникот на Прилеп, Јовановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја дел од Илинден

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:00 – 15:00 часот, корисниците од улицата 9 во населба Илинден. (Општина Илинден)
Македонија
Сончево и топло време, максималната температура до 34 степени

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 17, а максималната ќе достигне од 27 до 34 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 33 степени.
Времето во наредните денови
Во среда ќе се задржи сончево и топло време со мала до умерена облачност. Од четврток до недела ќе преовладува променливо облачно и нестабилно време со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Дневната температура ќе биде во постепено опаѓање.
Македонија
Меџити го претстави мега-спортскиот проект во Чаир

Првиот Заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, воедно и кандидат за градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити, денес го претстави најголемиот спортски проект во историјата на Чаир, трансформација на напуштениот базен во нов, модерен спортски и рекреативен центар.
Овој амбициозен проект, конципиран по примерот на познатите спортски центри „Јане Сандански“ во Аеродром и „Борис Трајковски“ во Карпош, има за цел да донесе мултифункционален центар според европски стандарди, во срцето на Чаир.
„Комплексот ќе содржи: голема спортска сала за ракомет, одбојка и кошарка со капацитет од над 3.000 гледачи, затворен фитнес центар, сали за пинг-понг и боречки спортови како карате и бокс; како и надворешни игралишта за мал фудбал и две кошаркарски игралишта – отворени и достапни за сите граѓани”, информираше Меџити.
Според него, проектот ќе се реализира преку јавно-приватно партнерство, при што Општина Чаир ќе ги обезбеди сите правни и институционални предуслови во целосна соработка со централната власт.
„Инвеститорот што ќе биде избран, ќе има обврска да изгради центар што ги исполнува современите стандарди и да понуди одржлив модел на функционирање. За возврат, ќе има право да го користи комплексот во рок од 20 до 30 години“, изјави Меџити.
Тој додаде дека по истекот на тој период, овој модерен спортски и рекреативен центар ќе стане целосна сопственост на Општина Чаир и на сите наши граѓани. Со одлука на Влада на РСМ е дадено на трајно користење на Општина Чаир и Општината може да управува односно да ги спроведе сите процедури кои се потребни за реализација на овој проект.
Време е и Чаир да добие спортски центар од европски ранг, порача Меџити за време на презентацијата.