Македонија
Прилеп 17. пат им оддаде почит на хероите од Карпалак
Прилеп и Македонија 17. пат им оддадоа почит на хероите, на десеттемина прилепски бранители – Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Веби Рушидоски, Горан Миноски, Бранко Секулоски, Љубе Грујоски, Ердован Шабаноски, Марко Депотоски, Пеце Секулоски и Дарко Вељаноски, припадници на резервниот состав на АРМ, кои на 8 август 2001 година кај месноста Карпалак, на патот Скопје-Тетово, ги положија своите животи на браникот на слободата во одбрана на интегритетот и суверенитетот на Република Македонија.
Изутрината делегација од Владата, од Општина Прилеп, од здруженијата на бранители, семејствата и граѓани положија свежи цвеќиња оддавајќи им почит на загинатите бранители на местото на убиството. Градоначалникот Илија Јованоски, претседателот на Советот, Миле Талевски, и членови на Советот на Општина Прилеп, положија свежи цвеќиња и почит им оддадоа на загинатите бранители на нивните вечни почивалишта, а потоа присуствуваа на панихидата за загинатите во црквата „Света Петка“.
Делегации од кабинетот на претседателот, Собранието и Министерството за одбрана и од Генералштабот на АРМ положија свежи цвеќиња пред спомен-плочата во центарот на градот Прилеп. Делегација предводена од градоначалникот Илија Јованоски, од претседателот на Советот, Миле Талевски, од здруженијата „Карпалак“, „Прилепски бранители“, Здружението на резервните обврзници, учесници во настаните од 2001 и 2002 година, многубројни здруженија на бранители од многу градови во Македонија, од општинската организација на Сојузот на борците, се поклонија и им оддадоа почит на прилепските херои од современата историја на Македонија.
Пред спомен-плочата се поклонија семејствата на загинатите бранители полагајќи венци и свежи цвеќиња.
„Десеттемина бранители, кога ѝ беа потребни на државата, застанаа храбро на браникот на слободата, ги положија животите, ја вградија саможртвата во иднината на оваа земја. Овде, пред спомен-плочата, пред споменикот ‘Карпалак’ како паметник и потсетник за нивното дело, за влогот и загубата на нивните семејства, на градот и државата, заедно да застанеме на страната на иднината, против сите темнини, зла и несреќи што со себе ги носат воените конфликти. Оваа колективна жртва на Прилеп од 2001 нека биде опомена и порака со преговори и во мир и слобода да ги решаваме сите отворени прашања на патот на политичката битка по кој чекориме и денес. Како народ судбоносно сме исправени пред искушенија и постојано пред нови битки. Но, целта ни е трасирана и веќе чекориме кон НАТО и Европската Унија. Да ги тргнеме заканите и злото, да го направиме последниот исчекор што ќе значи заокружување на вековната битка што ја води државата за да се вгради во сите современи европски текови за да биде рамноправна членка на европското семејство“, порача градоначалникот Јованоски.
Пред спомен-плочата цвеќиња положија и делегации од: ЈКП „Водовод и канализација“, ЈКП „Комуналец“, ЈКП „Пазари“, ЈП за ПУП од Прилеп. Меѓу многуте беа и делегациите од политичките партии: ОО на СДСМ, на НСДП, ВМРО-Народна партија, ОК на ВМРО-ДПМНЕ, ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Социјалистичка партија, Нова либерална партија, Локалниот клуб на младите од СДСМ, како и на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) По ерата на Југославија, селото Драчево е првото село во Македонија што добива сопствено модерно кино
Општина Кисела Вода вчера вечер официјално го отвори новото кино во Домот на културата во Драчево. Проектот, реализиран во партнерство со „Киноверзум“, претставува втора филмска сцена на територијата на оваа општина и вкупно петта во мрежата на оваа групација во Македонија.

Свеченото отворање се одржа пред преполна сала, во присуство на претставници на Владата, Собранието, како и голем број уметници и културни работници. Настанот го водеше актерот Рубенс Муратовски, а вечерта беше заокружена со проекција на меѓународно наградуваниот документарен филм „Приказната за Силјан“, кој беше македонски кандидат за „Оскар”.

– Ова е историски чекор, бидејќи по времето на Југославија, селото Драчево е првото село во Македонија кое добива свое модерно кино. Со овој чекор потврдуваме дека културата не смее да биде привилегија на центарот, туку право на секој граѓанин. Нашата визија е јасна- ја носиме уметноста таму каде што е домот на луѓето. Сакаме врвните филмски остварувања да бидат на само неколку чекори од вашиот праг-истакна градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

Таа додаде дека ова е второ заедничко кино со „Киноверзум“ и е доказ дека со јасна заедничка визија се постигнуваат видливи и трајни резултати.

Посебно признание на настанот им беше оддадено на гостите, режисерката Тамара Котевска и продуцентот Јорданчо Петковски. Нивниот филм „Приказната за Силјан“, кој беше македонски кандидат во трката за „Оскар“, кој е откупен од „National Geographic“ и добитник на бројни награди на реномирани светски филмски фестивали, беше симболично избран за првата проекција на новото филмско платно во Драчево. За жителите на Драчево ова имаше и емотивна вредност, со оглед на тоа што продуцентот Петковски потекнува токму од ова место.

– Ова е седма година од постоењето на „Киноверзум” и горди сме што вечерва го отвораме нашето петто кино. По Штип, Велес, Свети Николе и првото кино во Кисела Вода, сега и Драчево добива филмска сцена со најсовремени технички услови. Опремено со ласерски кино-проектор и врвен систем за звук, на посетителите им ги нудиме најактуелните светски филмски хитови по најпристапни цени. Веќе од утре, на редовниот репертоар во Драчево се филмовите „Свадба” и „Оркански височини“, изјави Михаела Ѓорчева, основач на „Киноверзум“.

Овој проект е вистински пример за континуитет во спроведувањето на добрите идеи и плодна соработка, со оглед на тоа што иницијативата за негово отворање започна уште во мандатот на претходникот на Стаменкоска Трајкоска, сегашниот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Со оваа реализација, Општина Кисела Вода ја потврдува својата посветеност на културната инфраструктура, правејќи ги Драчево и Кисела Вода нови културни епицентри достапни за сите жители.






Македонија
Врнежи од слаб снег на неколку патни правци, патот кон село Герман е блокиран од паднато дрво
Од синоќа е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар. Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино, извести АМСМ.
Патот кон село Герман е блокиран кај село Станча, од паднато дрво и не е прооден.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози. Врнежи од слаб снег има во Крива Паланка – г.п Деве Баир, г.п Делчево, Страцин, и на Пониква, но во моментов не претставуваат пречка за одвивање на сообракајот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, соопшти АМСМ.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: По две децении, Драчево повторно доби свое кино
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи извести дека по две децении, Драчево повторно доби свое кино.
„Особено ми е драго што иницијативата што ја започнавме пред завршувањето на мојот мандат како градоначалник на Кисела Вода, денес прерасна во реалност. Овој проект беше визија за враќање на културниот живот таму каде што му е местото, меѓу мојот народ. Од денес, таа визија живее“, вели градоначалникот.
„Киното ќе функционира во рамки на Домот на културата во Драчево, простор кој повторно ќе стане собиралиште на уметноста, емоцијата и заедничките доживувања.
Покрај Кисела Вода, сега и драчевчани ќе бидат дел од КИНОВЕРЗУМ и ќе имаат можност да уживаат во најновите филмски достигнувања и најголемите светски хитови, блиску до својот дом.
Филмското искуство повеќе нема да значи патување километри далеку, туку тука – дома. Културата повторно пулсира во Драчево“, додаде Ѓорѓиевски.

