Македонија
Прифатени аргументите на министерот Николоски за пругата кон Бугарија, соопшти Министерството за транспорт
„Вчера во Софија се одржа состанок на делегации од Македонија, Бугарија и претставници од Европската Унија во однос на железничкото поврзување. Имено, трите клучни аргументи на заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски беа прифатени. Прво, мора да има заеднички проект за тунелот со цел да не се гради тунел кој не води никаде, понатаму Бугарија да го заврши својот дел од пругата и трето да се ревидира цената која е превисока како и ревидиирање на самиот проект“, соопшти Министерството за транспорт.
„По проценката на ризиците, изградбата на тунелот за железничко поврзување меѓу Македонија и Бугарија е поефикасно да биде од еден изведувач. Ова беше заклучено на состанокот во Софија помеѓу македонската и бугарската делегација, а во однос на преговорите за железничко поврзување меѓу двете земји со посредство на Европската Унија.
На состанокот, од македонската страна предводена од Државниот секретар во Министерството за транспорт, Стефан Волкановски и директорот на Железница Инфраструктура Синиша Ивановски, беше истакнато дека Македонија не отстапува од железничкото поврзување и на овој проект се гледа како регионален проект со кој се потенцира развојот на европските транспортни мрежи.
На состанокот од двете страни беше прифатено целиот проект во делот фаза 3 (делница Крива Паланка – Деве Баир), да биде преиспитан од причина што сегашната цена е превисока и неразумна со интенција истата да се намали.
Двете делагции, исто така се согласија да се користи одлуката за технички проект за тунелот поднесен од ЈП Железници Инфраструктура.
На состанокот беше договорено двете земји да формираат работни групи со цел да се подготви потребната документација за тунелот.
За време на состанокот, страните разменија информации, временски рамка за изградба, а споделија и искуства во однос со техничките прашања за изградбата на коридорот 8, а посебно во делот на процедурите за идното функционирање на прекуграничниот тунел „Деве Баир“.
Страните, исто така се договорија постигнатите договори да ги презентираат пред одговорните финансиски институции на ЕУ“, се наведува во соопштението на Министерството за транспорт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Глоба од 1.300 евра за нечисти гуми: Општина Аеродром казни градежна фирма
Општина Аеродром спроведува засилен инспекциски надзор, при што е изречена глоба од 1.000 евра за компанија и 300 евра за одговорното лице, поради прекршување на Законот за јавна чистота.
При извршена контрола на градилиште во близина на СУГС „Димитар Влахов“ на булевар „Трета македонска бригада“, инспекторите утврдија дека градежни возила се движеле по коловоз со нечисти гуми, со што се нарушува чистотата на јавните површини и се создава дополнително загадување .
„Општината нема да дозволи несовесно постапување, а прекршувањата ќе се санкционираат строго и без исклучок. Во наредниот период ќе продолжат и дополнително ќе се интензивираат контролите на сите активни градилишта. Особено внимание ќе се посвети на: Почитување на мерките за заштита на животната средина; Спречување на загадување и несоодветно одлагање отпад; Одржување на чиста и безбедна околина околу градилиштата; Заштита на јавните површини од узурпација“, велат од Аеродром.
Општината упатува апел до сите изведувачи и инвеститори да ги исполнуваат своите законски обврски. Само со дисциплина и одговорност, како што се додава, можеме да обезбедиме уредна, чиста и безбедна средина за сите жители на Аеродром.
Македонија
Трендафилов побара мерки против пратеничката Дафина Стојановска оти ги објави неговите деца и за утре најави блокада на газдите
Утре напладне, повторно со најмалку 21 работник, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) ќе ги блокира Стопанската комора, Организацијата на работодавачи на Македонија и Бизнис- конфедерацијата од кои бараат минималната плата да се зголеми на 600 евра, а сите останати плати да се зголемат за најмалку 100 евра. Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов на денешната прес-конференција кажа дека објава на видео од неговите малолетни деца нема да го замолчи и ги повика институциите да преземат мерки против пратеничката Дафина Стојановска.
„Нема да потклекнам, нема да се предадам сѐ додека не се предадат тие и не ги зголемат работничките плати, но ќе дозволите да зборувам за монструмите, оние кои не се под детските кревети. Оние кои седат во пратеничките клупи, кои ги гледате во кафулињата, кои ги среќавате на улица, кои ги имате во партијата, кои снимаат малолетни деца. Монструмите не се само на телевизија. Монструмите се покрај сите нас. Министерството за внатрешни работи, министерот за внатрешни работи и Обвинителството треба веднаш да преземат мерки против пратеничката Дафина Стојановска. Истата Дафина која некој ја познава како богаташка која ми ги објави малолетните деца за да можат сите да ги оцрнуваат и на таков начин да ме уценуваат мислејќи дека ако ме следат мене, преку децата ќе ми направат штета и ќе ме замолчат. Се случија големи катастрофи со деца. Не сакам да верувам дека целта ѝ била тоа, но нормален премиер наместо да дава изјава дека ова е само почеток со заканите кон моите деца и кон моето семејство ќе си дадеше оставка или најмалку, ќе ја разрешеше Дафина. Нормална Влада во нормални држави за ваква работа паѓа“, рече претседателот на ССМ Трендафилов.
Забележувајќи дека „во нормална држава пратеничката веќе ќе беше во затвор“ Трендафилов побара Собранието да поведе постапка за нејзино разрешување и најави дека за случајот ќе ги извести сите амбасади, Делегацијата на Европската Унија, братските синдикати и Меѓународната организација на трудот.
„ Денеска прогон на синдикалци затоа што се борат за зголемување на платите има само во Белорусија и во Мјанмар“, рече Трендафилов.
За време на вчерашната блокада на Собранието, пратеничката Дафина Стојановска на социјалната мрежа „Фејсбук“ објави видео од Трендафилов и неговите две деца со објаснување дека ги вози во службениот автомобил.
Македонија
Сали на средба со амбасадорот на Чешка: Поддршка за реформите и европската интеграција
Министерот за европски прашања и прв заменик-претседател на Владата, Беким Сали, оствари средба со амбасадорот на Чешката Република, Јарослав Лудва.
На средбата беше разговарано за европската интеграција на Северна Македонија и за приоритетите поврзани со Реформската агенда и пристапниот процес. Министерот Сали ја истакна посветеноста на Владата на испорака на конкретни резултати, со посебен фокус на владеењето на правото, реформата на јавната администрација, функционирањето на демократските институции и подобрувањето на апсорпцијата на европските фондови.
Соговорниците ја нагласија важноста од континуираната поддршка на Чешката Република за европската перспектива на Северна Македонија, како и можностите за продлабочување на соработката во области поврзани со пристапниот процес, размена на искуства, користење на европските фондови и јакнење на институционалните капацитети.
На средбата беше истакната и досегашната соработка преку европските инструменти, како и поддршката на Чешката Република преку различни проекти со директно влијание врз локалните заедници.
Министерот Сали изрази благодарност за континуираната поддршка и ја нагласи подготвеноста на Министерството за европски прашања за натамошно продлабочување на соработката.

