Македонија
Програма „Гаранција за млади“ – шанса за вработување на младите до 29 години
Министерството за труд и социјална политика заедно со Агенцијата за вработување на Македонија и Националниот младински совет на Македонија ја започнува реализација на проектот Гаранција за млади. Гаранција за млади е активна мерка за вработување на млади лица која се спроведува во државите од ЕУ од 2012 година. Македонија ја имплементира оваа програма во пилот фаза која започнува во 2018 година.
Гаранцијата за млади им гарантира на младите лица дека во период од 4 месеци како тие ќе се пријават во Агенцијата за вработување кариерните советници ќе ги упатат во некоја од мерките што ги нуди Гаранција за млади. Во оваа пилот фаза за имплементација на програмата се вклучени општините од Град Скопје, Општина Струмица и Општина Гостивар. Оваа мерка е отворена за сите млади лица на возраст до 29 години кои се невработени, веќе го завршиле своето образование (средно училиште или факултет) и не се пријавени во АВРМ.
Во секоја од општините (Град Скопје, Струмица и Гостивар) кои се вклучени во имплементацијата се ангажирани по двајца теренски работници кои имаат основна задача да им ја претстават Гаранцијата за млади на младите лица и да им го помогнат процесот да пристапат до Агенцијата за вработување. Кариерните советници од Агенцијата за вработување, врз основа на искуството на младите лица кои ќе се пријават, заедно со нив ќе ја изберат онаа мерка која е најсоодветна за нив. Кариерните советници од Агенцијата за вработување и теренските работници поминаа низ процес на учење составен од обуки за кариерен развој на млади како и учење за добрите практиките со кои Европските држави се служеле во текот на имплементацијата на програмата. Поради оваа причина, младите лица кои се заинтересирани за вклучување во оваа програма може да се обратат директно до теренските работници кои понатаму ќе ги упатат до соодветниот центар за вработување.
За Општина Аеродром задолжени се теренските работници: Елисавета Булоска и Мила Карадафова.
Доколку сте заинтересирани за вклучување во Гаранцијата за млади пополнете ја оваа форма и теренските работници од вашата општина ќе ве контактираат. Исто така теренските работници за Општина Аеродром може да ги контактирате телефонски на 078 517 189 или 078 370 987. За дополнителни информации обратете се на [email protected] .
Проектот „Гаранција за млади“ се спроведува од Министерство за труд и социјална политика, Агенција за вработување на Македонија и Националниот младински совет на Македонија, а е финансиски поддржан од Швајцарската амбасада во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

