Македонија
Се бара продолжување на притворот на Рашковски, отворена истрага за уште кривични дела
Постапувајќи во предметот против четири лица за набавка на софтвер и работи за потребите на софтверот, од прибраниот доказен материјал произлезе дека тројца од веќе осомничените лица сториле уште две кривични дела, информираат од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Поради тоа, надлежен јавен обвинител од ова Обвинителство донел наредба за спроведување на нова истражна постапка против три лица.
„Првоосомничениот се товари дека во периодот од 2017-2019 година, при спроведување на постапка за јавна набавка, потпомогнат од останатите двајца осомничени ја злоупотребил службената положба и овластување. Исто така, првоосомничениот со умисла помогнат од второосомничениот во периодот од 2019 – 2021 година за себе прибавил противправна имотна корист во поголем износ, со што двајцата сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од Кривичниот законик“, информираат од Обвинителството.
Имено, во периодот од 2017-2019 година, првоосомничениот, како службено лице при спроведување на постапка за јавна набавка, со умисла извршил две временски поврзани дејствија со помош на останатите двајца осомничени.
„Со преземените дејствија спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, прибавиле корист за економски оператор – право да учествува во постапка за јавна набавка и да склучи договор за истата на износ од 6.455.816 денари со вклучен 18% ДДВ. Воедно, без да се испочитуваат одредбите од Законот за јавни набавки, во втората половина на 2017 година, без спроведена постапка за јавна набавка, првоосомничениот извршил плаќање по разни основи на правно лице сопственост на третоосомничениот во вкупен износ од 168.100 денари или 2.720 евра. Со дејствијата е нанесена штета на државниот буџет во вкупен износ од 6.623.916 денари“, се наведува во соопштението.
Во временскиот период од месец мај 2019 година до февруари годинава, првоосомничениот го искористил службеното овластување и со умисла, помогнат од второосомничениот, склучиле два авторски договора за кои на месечно ниво на второосомничениот му бил исплаќан нето износ од 80.000 денари. Согласно претходен договор меѓу двајцата осомничени, паричните средства биле делени во сооднос 5:3 во корист на второосомничениот, со што првоосомничениот за себе прибавил противправна имотна корист во поголем износ од вкупно 590.000 денари.
Заедно со наредбата, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд – Скопје, доставил и предлог за продолжување на претходно определените мерки кон осомничените.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

