Македонија
Продолжен рокот за субвенции за чистење оџаци во Скопје

Град Скопје преку соопштение информира дека Јавниот повик за субвенции за чистење на оџаци е продолжен до крајот на годината, односно до 31 декември 2018 година.
„Чистењето на оџакот треба да е извршено од стручно лице вработено во регистрирана фирма за оџачарство. Согласно последните информации, од објавувањето на јавниот повик во Скопје се исчистени 492 оџаци, што е значително зголемување во споредба со претходната година кога беа исчистени 274 оџаци.
Ги повикуваме сите правни и физички лица да се пријавуваат на повикот за доделување на субвенции за чистење на оџаци, независно од периодот кога е оџакот исчистен, во текот на оваа календарска година, со валидна документација“, се наведува во соопштението на Град Скопје.
Јавниот повик за субвенции за чистење на оџаци, како што посочија од Град Скопје е дел од мерките кои градот ги презема со цел намалување на аеро-загадувањето и подобрување на животната средина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Гаши: Собранието треба да е катализатор на промените во домувањето и енергетската ефикасност

Денеска, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши оствари средба со претставници на глобалната мрежа од САД „Habitat for Humanity International”, како и со претставници на „Хабитат Македонија”. Средбата се реализираше во рамки на одбележувањето на 20 годишнината од основањето и работата на Хабитат Македонија во нашата држава.
На средбата претседателот Гаши ја честиташе годишнината која се одбележува оваа недела и подвлече дека до сега нема институционална трага за соработка меѓу Собранието и Хабитат Македонија. Со оглед на важната мисија и активности кои Хабитат, но и стратешкото партнерство на Северна Македонија и САД, Гаши укажа дека со институционализирање на соработката меѓу Собранието и Хабитат активностите ќе станат повидливи, а свесноста за важноста од социјалното домување, енергетската ефикасност и енергетската сиромаштија ќе се крене на повисоко ниво. Претседателот истакна дека пратениците, преку поднесените предлог – закони треба да се катализатор на унапредувањето на законските одредби за домување и енергетска ефикасност.
Националниот директор на „Хабитат Македонија”, Зоран Костов во своето обраќање се заблагодари што за прв пат претседател на Собранието организира средба со Хабитат и се согласи за потребата од продлабочување на Соработката. Во своето обраќање се фокусираше на Законот за домување кој по 13 години јавни дебати, конечно се усвои во мандат на овој парламентарен состав. Отвореноста на претседателот и Собранието за соработка со Хабитат ја оцени како особено значајна бидејќи претставува директна придобивка за граѓаните и квалитетни закони кои се предложени и гласини од директните претставници на граѓаните.
Учесниците на средбата се согласија дека секоја активност која се темели на благосостојбата на човекот мора да е приоритет за политичарите. Достоинствениот живот на граѓаните е универзално право за секоја индивидуа. Промената на фокусот наративот на политичарите за важноста на домувањето, неминовно ќе се рефлектира на целокупното законодавство во било која држава.
Македонија
Андоновски: Бесплатни WI-FI зони за граѓаните во повеќе од 60 општини низ Македонија

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денес во посета на Ѓорче Петров, заедно со градоначалникот на општината, Александар Стојковски го најави проектот за нови бесплатни WI-FI зони низ државата, со што се става акцент на граѓаните, со тоа што ќе можат да користат бесплатен интернет во овие зони, а првата ваква зона ќе биде токму паркот во Ѓорче Петров.
„Поставуваме бесплатни WI-FI зони за граѓаните, Ѓорче Петров е една од првите општини каде што ова ќе се реализира, со проект поддршка од ЕУ, преку планот за Западен Балкан, односно WI-FI за Западен Балкан. Освен во Ѓорче Петров, имаме апликации во повеќе од 60 општини низ државата“, најави Андоновски.
Овој проект кој е во соработка со ЕУ во интерес на државите од Западен Балкан, како што беше појаснето е од големо значење и поддршка на сите држави кои партиципираат, затоа што ќе се зголеми пристапноста до интернет и ке се подигне дигиталната писменост.
Андоновски најави исто така дека во Скопје ќе има десетина вакви зони, кои како што рече тој, младите ќе бидат најголеми корисници на овој проект.
„Во Скопје ќе имаме повеќе од 10 локации каде што ќе бидат поставени овие WI-FI зони, каде граѓаните, особено младите ќе имаат пристап до бесплатен интернет овозможен од овој проект во соработка со ЕУ”, рече Андоновски.
Градоначалникот Стојковски изрази задоволство од досегашната соработка со Министерството за дигитална трансформација и најави целосно дигитализирање на општинските услуги, бидејќи како што рече дигитализацијата нуди подобри и поефикасни услуги за граѓаните.
Македонија
Злоупотребен профилот на основно училиште во општина Аеродром за политичка кампања, МОН и ДИК да реагираат, бара СДСМ

СДСМ Аеродром реагира на, како што велат, скандалозниот чин во кој основното училиште „Браќа Миладиновци” споделило видео-спот од политичка кампања за локалните избори.
„Ова претставува директно прекршување на законите, принципите на непристрасност и професионалност, и претставува срамно партизирање на јавните институции.
Училиштата се место за образование, воспитување и градење на вредности, а не алатка за партиска промоција.
Злоупотребата на училишните профили и, уште полошо, можната злоупотреба на деца во политичка кампања е крајно недозволива и опасна“.
Бараат итна реакција од Министерството за образование и наука и од Државната изборна комисија.
СДСМ Аеродром, нагласуваат од оваа партија, ќе поднесе соодветна пријава до надлежните институции за да се утврди одговорноста и да се санкционира овој обид за партизирање на образовниот систем.
„Јавните институции се на граѓаните, не на партиите. Ќе се спротивставиме на секој обид децата и училиштата да се користат како средство за политичка пропаганда“.