Македонија
Продолжува акцијата за чистење на Скопје
Акцијата за чистење и уредување на јавните површини која ја реализираат Град Скопје, градските јавни претпријатија и десетте скопски општини денеска продолжи во Аеродром, Шуто Оризари, Гази Баба, Чаир и во Бутел.
За време на спроведувањето на акцијата на јавните претпријатија увид во состојбите на терен извршија градоначалниците на Скопје и Општина Гази Баба, Петре Шилегов и Борис Георгиевски.
„Во текот на оваа акција на располагање на општините се става целиот потенцијал на градската администрација и јавните претпријатија. Наша крајна цел со оваа акција е да извршиме потемелно чистење и отстранување на дивите депонии коишто се наоѓаат внатре во самите општините, да го уредиме зеленилото, како и да ги санираме ударните дупки по споредните улици“, рече Шилегов.
Во сите општини поставени се по три пункта на кои граѓаните можат да го одлагаат кабастиот отпад кои деновиве ќе биде подигнат од страна на екипите на „Комунална хигиена“. Шилегов рече дека се планира да бидат отворени од три до пет локации во секоја општина каде што во определени денови граѓаните ќе можат без надоместок да го одлагаат кабастиот отпад.
Шилегов информираше дека на последниве денови во подножјето на Парк шумата Гази Баба имало обид за извршување на градежни работи и истите се прекинати по извршен увид на градските и општинските инспектори и претставници на МВР. Тој додаде дека е констатирано неправилно вршење на работа и од понеделник ќе биде издадено решение за отстранување на песокот на инвеститорот во рок од три дена, а доколку тоа не го стори во овој рок истиот ќе биде отстранет од ЈП „Улици и патишта“ и тоа ќе биде наплатено на инвеститорите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

