Македонија
Продолжува истрагата за недозволено тргување со алкохол
Основното јавно обвинителство Кавадарци по допрен глас поради постоење основи на сомнение дека е сторено кривично дело недозволено тргување со меѓупроизводи, етил алкохол и тутунски добра, отвори две предистражни постапки. Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци издаде насоки и наредби за прибирање податоци и потребна документација во предметите.
Основното јавно обвинителство Кавадарци ја извести јавноста за пронајдените над 9.000 литри ракија. Имено, во текот на изминатите денови извршен е претрес на повеќе локации, при што во правното лице „Анго – вест“ од Кавадарци пронајдени се и одземени 2.688 шишиња од еден литар со натпис „стара жолта лозова ракија“, 2.244 шишиња од 0,7 литри со етикета „стара жолта лозова ракија“ и 4.636 шишиња од 0,7 литри со етикета „стара жолта ракија“.
Во правното лице Винарска визба „Повардарие“ – Неготино пронајдена е помала количина ракија со етикета „вино жупа“ од Србија. Во исто време од страна на јавен обвинител сослушани се лица вработени во Винарската визба „Повардарие“ од Неготино, кои учествувале во производство и дистрибуција на пронајдениот алкохол. Издадена е наредба за одземање на компјутерската опрема и документација каде што се води евидентирањето на производството и продажбата на алкохолот.
За осомниченото лице до судијата на претходна постапка е доставен предлог за определување мерки на претпазливост, и тоа одземање патна исправа, возачка дозвола, забрана за преземање работни активности во двете правни лица и јавување еднаш седмично во Основниот суд Кавадарци. Предлогот на јавниот обвинител е прифатен од страна на Основниот суд Кавадарци и со решение на осомниченото лице му се изречени предложените мерки.
Во тек се други активности што се преземаат во координација со Министерството за внатрешни работи и Царинската управа, а во насока на прибирање докази и расветлување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

