Македонија
Продолжува националниот мамографски скрининг за жени од 45 до 69 години
Министерството за здравство од 1 ноември продолжи со националната скрининг-програма за рано откривање рак на дојка, имајќи предвид дека за време на ковид-пандемијата беше отежнат пристапот до оваа дијагностичка процедура. Целна популација на скрининг-програмата се жените на возраст од 45 до 69 години, кои не извршиле преглед во изминатите две години или никогаш не направиле мамографски преглед.
Мамографско снимање, односно скрининг-мамографија, во моментот се врши во следните ЈЗУ:
Универзитетски институт за радиологија, ГОБ „8 Септември“, Универзитетска клиника за хируршки болести Свети Наум Охридски, Клиничка болница Тетово, Клиничка болница Штип, Клиничка болница Битола, Општа болница со проширена дејност Кавадарци, Општа болница со проширена дејност Гевгелија, Општа болница со проширена дејност Кочани, Општа болница Охрид, Општа болница Велес, Здравствен дом Скопје – поликлиника Букурешт и поликлиника Чаир, како и во Здравствен дом Радовиш.
Закажувањето почна со жени на возраст од 45 години. До сите се испратени СМС-пораки на бројот со кој се евидентирани во системот Мој термин. Во пораките кои се испратени се дадени насоки и како да откажат или да го преместат терминот, доколку за тоа имаат потреба.
Исто така, кај матичните лекари е изработен посебен модул во кој тие може да ги видат информациите за своите пациентки (дали им е закажан преглед и кога), за што дополнително ќе бидат информирани сите матични лекари по пат на е-пошта од Управата за електронско здравство.
Сите учесници во скринингот може да ги видат закажаните пациентки во своите центри. Во скрининг-програмата за дојка може да се пријават жени на возраст од 40 до 44 години, доколку имаат позитивна семејна анамнеза кај еден или повеќе членови во семејството, и тоа со: рак на дојка, овариуми, дебело црево или панкреас. За жените во скрининг кои имаат потреба од дополнителни прегледи е овозможено радиологот да издава упат за ехо преглед, биопсија, торакална хирургија и тоа е најбрзиот пат од суспектен карцином до операција.
Ова значи дека жените со потврден карцином на биопсија во рок од една недела од изготвениот радиолошки извештај и хистопатолошки наод според патеката ќе се упатуваат на торакална хирургија со упат од специјалист радиолог, за што Управата за електронско здравство креира амбуланта за жена од скрининг-програмата.
За жените, пак, кои сакаат да направат мамографија и ехо или имаат потреба пред и по операција или онколошка терапија, Националната комисија при МЗ направи патека како жената да стигне на преглед, со цел жената да стигне соодветно на ехо и мамографија согласно здравствената состојба.
Согласно податоците од електронската евиденција на управата Мој термин, само за илустрација, во ГОБ „8 Септември“ во октомври се закажани вкупно 149 термини за дијагностика, од кои 94 се реализирани , а 55 жени закажаниот термин не го искористиле. Исто така, во Здравствен дом Скопје – Поликлиника Букурешт за месец октомври, од закажани 208 термини за мамографија, реализирани биле 173 термини, додека 35 жени закажаниот термин не го искористиле.
Инаку, преку скрининг-програмата дополнително се овозможуваат термини за прегледи на навидум здрави жени и тоа во истите болници каде што има и паралелно термини за дијагностика. При што, вкупно, во ноември им е овозможено на 2.499 жени да направат мамографски преглед со скрининг-програмата. Од 1 до 10 ноември 2022 година вкупно се закажани 963 жени за мамографија, а од нив терминот го искористиле вкупно 390 жени, додека закажаниот термин не го искористиле вкупно 573 жени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Првиот човек на НАТО доаѓа во посета на Македонија, Сиљановска-Давкова ќе го пречека со највисоки државни и воени почести
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре – 3 март 2026 година, вторник, ќе го пречека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој ќе престојува во официјална посета.
Генералниот секретар ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба и пленарен состанок на македонската и на делегацијата на НАТО.
Во рамки на програмата, предвидена е и заедничка прес-конференција со претседателката Давкова.
Ова е прва посета на Руте на земјата, откако ја извршува функцијата прв човек на Алијансата.
Фото: Depositphotos
Македонија
Ахмети со поддршка на САД: Нападите и дестабилизирачките акти на Иран не служат никому
Во овие времиња на предизвици за меѓународниот поредок и безбедност, нашата позиција е јасна и непоколеблива: целосна солидарност со Соединетите Американски Држави и со секој напор за заштита на глобалниот мир, стабилност и безбедност, вели лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во врска со последните случувања на Блискиот Исток.
„Алијансата со САД не е само дипломатска ориентација. Тоа е стратешка и вредносно заснована определба. Наш избор е да бидеме на страната на демократијата, основните слободи, владеењето на правото и меѓународната одговорност. Нашата земја, а особено албанскиот народ, добро знаат што значи американската поддршка во одлучувачки моменти од нашата историја, поради што дури и денес стоиме покрај нашиот најголем стратешки партнер. Нападите и дестабилизирачките акти на Иран што ја поткопуваат безбедноста на земјите од Заливот и ја загрозуваат кревката архитектура на мирот на Блискиот Исток не служат никому. Тие не служат на развојот, не служат на коегзистенцијата, ниту на легитимните аспирации на народите за просперитет“, вели Ахмети.
Тој додава дека секој режим што избира конфронтација наместо соработка и извезува кризи наместо дијалог се става во спротивност со духот на нашето време.
„Веруваме дека безбедноста во Персискиот Залив и Блискиот Исток е глобален интерес. Слободата на движење, енергетската стабилност, борбата против тероризмот и заштитата на меѓународниот поредок се споделени одговорности. Во овој контекст, улогата на Соединетите Американски Држави останува незаменлива како гарант на рамнотежата и фактор на стабилност. Албанците недвосмислено го избраа западниот пат. Ние сме дел од сојуз на вредности, дел од евроатлантската заедница и активни придонесувачи за колективниот мир и безбедност. Нашата поддршка за Соединетите Американски Држави е поддршка за побезбеден, поправеден и послободен свет“, вели Ахмети.
Македонија
Мицкоски во разговор со претседателот на ОАЕ: Нашите институции се целосно мобилизирани за навремена помош на македонските државјани
Институциите на државата се целосно мобилизирани и внимателно ја следат состојбата, со подготвеност за навремена помош, поддршка и евентуална асистенција доколку тоа биде потребно, рекол премиерот, Христијан Мицкоски, во телефонски разговор со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.
Тој изразил искрена солидарност со народот на ОАЕ и најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите од нападите.
„Нападите врз суверени држави и заканите кон цивилното население претставуваат грубо нарушување на меѓународното право и сериозна закана за регионалната и глобалната стабилност. Македонија, како членка на НАТО и стратешки партнер на САД, останува цврсто посветена на принципите на суверенитет и територијален интегритет. Во време на растечка неизвесност, неопходни се одговорност, координација со сојузниците и јасна определба за спречување на понатамошна ескалација. Во разговорот ја нагласив и потребата од засилена грижа и координација за безбедноста на македонските граѓани кои се наоѓаат во регионот. Информирав дека институциите на државата се целосно мобилизирани и внимателно ја следат состојбата, со подготвеност за навремена помош, поддршка и евентуална асистенција доколку тоа биде потребно“, вели Мицкоски.
Тој додава дека Македонија, во контекст на своите стратешки интереси и сојузништва, ќе продолжи да дејствува принципиелно, внимателно и одговорно, во интерес на стабилноста и безбедноста.

