Македонија
Промена на планот, ракометарите пристигнуваат попладне во Скопје
Ракометните шампиони на Европа денеска попладне се враќаат дома. Иако првично беше најавено дека ќе се организира организиран дочек во 23 часот на скопскиот аеродром, сепак има промена на планот. Според последните информации, како што дознава „Макфакс“, ракометарите на Вардар пристигнуваат со лет од Келн во 16.15 часот.

Ваквата информација може да се потврди и на страницата на скопскиот аеродром, каде што веќе е најавен летот со кој ќе пристигнат ракометните шампиони.
Граѓаните од синоќа се организираат за масовен дочек на ракометарите. Тие ги повикаа сите оние што планираат со приватни возила да одат на дочек, во големо дефиле утре организирано заедно да се упатат кон Аеродром.
„Воедно, апелираме до сите превозници, пред сè, јавни, но и приватни, да им излезат во пресрет и сите оние што сакаат да ги пречекаат на аеродромот, а немаат сопствен превоз, да може да бидат покрај своите јунаци“, се вели во повикот.
„Шампионските срца заслужуваат величествен дочек! Парадата на гордоста почнува со пречекот на аеродромот, каде што одиме со автомобили, потоа со дефиле од илјадници автомобили, мотори, веспи, автобуси, велосипеди, тротинети…
Ги повикуваме целата црвено-црна армија и целиот македонски народ заедно со овој голем успех да ги прославиме храброста, истрајноста, борбеноста, непокорот, а со малку повеќе среќата и божјата волја – втората европска титула“, се вели во повикот на парадата на гордоста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска дел од Центар
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради поврзување од стара на нова водоводна мрежа со пречник од ф-200 мм на улицата Тодор Александров бб, од 08:30 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од делови од улиците: Тодор Александров, Партениј Зографски и Периша Савелиќ, општина Центар.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 10:00 до 12:00 часот, корисниците од дел од улицата Ловќенска, општина Карпош.
Македонија
Променливо облачно и студено со сончеви периоди, повремено ќе дува засилен северен ветер
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието и во источните делови повремено засилен ветер од северен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од -13 до -5, а максималната ќе достигне од -4 до 3 степени.
Во Скопје, променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен, претпладне во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се спушти до -9, а максималната ќе достигне до 2 степена.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно и суво време со студени утра и утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни. Во вторник наместа дневните температури ќе се задржат негативни, а од среда ќе бидат во постепен пораст. Од средината на седмицата по котлините ќе има услови за појава на магла.

