Македонија
Променливо време со услови за дожд во попладневните часови

Времето денеска ќе биде сончево со умерена облачност, а попладне и кон крајот на денот со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер, информираат од УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 17 до 24 Целзиусови степени.
Во Скопје сончево со умерена облачност, а попладне во делови од Скопската Котлина ќе има појава на пороен дожд и грмежи.
Ќе дува слаб до умерен, повремено и засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 23 степени.
За време на викендот ќе преовладува стабилно и релативно топло време. Во почетокот на следната седмица повторно ќе има услови за локален пороен дожд и грмежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Странски државјани фатени со бензин, петарди и запалка кај Илинден

Полицијата затекна три малолетни лица синоќа во близина на месноста Ајватовски Рид кај населбата Илинден.
При преглед во ранецот што го носеле пронајдени се две шишиња од 1,5 литар бензин, две петарди, запалка и течно лепило, по што се приведени.
Од МВР додаваат дека во присуство на дежурен тим на Јавната установа Центар за социјални работи и адвокат извршен е службен разговор по што со потврда за предавање лица тие се предадени на ЈУМЦСР.
Македонија
Филипче: Никој од Бугарија не смее да ги навредува нашите институции, ја осудувам изјавата на нивниот министер

Филипче ја осуди изјавата на бугарскиот министер за надворешни работи кој го нарече Мицкоски „северномакедонски“ премиер, истакнувајќи дека такви изјави не се во духот на демократијата и добрососедството.
„Ја осудувам изјавата, затоа што сметам дека не е во духот на демократските вредности, не е во духот на цивилизациските вредности, ако сакате. Не може ниту еден политичар од Бугарија да ги навредува нашите институции. И тоа воопшто не е во духот на добрососедските односи,“ рече Филипче.
Тој потсети дека вакви провокации не се новост и дека македонската дипломатија има искуство и капацитет да се справи со нив. „Многу пати наназад, во изминатите години и децении од нашата самостојност, сме се сретнувале со такви ситуации – луѓе кои не негирале, луѓе кои не провоцирале – и тоа трае уште од деведесеттите години наваму, и тука до израз доаѓа умешноста на дипломатијата,“ додаде тој.
Филипче потсети и на пример од деведесеттите, кога тогашниот претседател Бранко Црвенковски бил омаловажуван од меѓународни претставници, но одговорот бил работа и трпение. „Еве ќе се вратам во деведесеттите години – да потсетам, во времето на тогашниот претседател Бранко Црвенковски, претседател на Социјалистичката интернационала, Пјер Моро му кажал: ‘Не може секое племе на Балканот да има држава.’ Но, тука не треба да се нервира човек, туку треба да се работи. Ние сега сме држава, членка на НАТО,“ објасни Филипче.
Истакна дека со истата дипломатија и трпение се избориле и договорите со Грција и Бугарија, во кои биле заштитени македонскиот јазик и идентитет, како и поддршката од Бундестагот во 2023 година. „Ние со провокации од Бугарија сме се среќавале и порано. Бугарите не се различни од лани до сега. И во наше време, кога ги преговаравме договорите со Грција и со Бугарија, имаше луѓе кои што провоцираа, па успеавме во договорите да стои чист македонски јазик. Значи, умешноста на дипломатијата се гледа тука,“ рече Филипче.
Тој подвлече дека вистинскиот одговор на ваквите ситуации не се драматични изјави и конфронтации, туку сериозна и решителна дипломатска борба. „Дипломатијата мора да се користи со цел да го извлечеме најдоброто за земјата. Да водиме напред, да ги отвориме преговорите – тоа е единствената иднина за земјата. Тоа сите го знаат. Меѓутоа, тоа не бара ниту нервоза, не бара ниту патетика, не бара ниту патетични прес-конференции. Тоа бара сериозна борба. Тоа бара убедување и борба,“ порача Филипче.
На крајот, тој предупреди дека повлекувањето од постоечките договори би било штетно за државата и дека тие треба да се користат како основа за натамошно градење на добрососедските односи. „Сметам дека не треба да се повлекуваме од договорите. Договорите се прават за да служат, да некои односи се надградуваат во духот на добрососедството, во духот на Копенхашките критериуми, во духот на Европа. Ништо нема да направиме ако се повлечеме од некој. Добро, треба да бидеме принципијални, да бидеме коректни. Нека гледа Европа ако има провокатори од другата страна. Наше ни е да покажеме дипломатско, фер добрососедско однесување,“ заврши Филипче.
Македонија
(Видео) Филипче: ВМРО-ДПМНЕ ветуваше подобра преговарачка позиција, донесе единствено понижувања на државата

По преземањето на власта, ВМРО-ДПМНЕ наследи стабилна и јасна позиција во евроинтегративниот процес со загарантиран македонски јазик во Европската Унија и јасен пат за напредок, посочи претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
Филипче истакна дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ не ги оствари ниту едно од ветувањата за подобра преговарачка позиција.
„Ветуваа и лажеа дека можат подобро. Дека можат да обезбедат подобар договор со Бугарија, дека можат да обезбедат нова преговарачка рамка, дека се во периметарот и први во редот. Кажуваа дека имаат многу партнери кои нè разбираат и поддржуваат. За жал, ништо од тоа не се покажа како точно“, рече Филипче.
При тоа, тој потенцираше дека вчерашната одлука на Европскиот Парламент и усвојувањето на извештајот се резултат на опасно застранување од стратешките позиции на државата и злоупотребата на јазикот и идентитетските прашања на Владата за сопствена политичка кампања.
„Тоа е исто така директен резултат на дипломатските импровизации и целосната негрижа на владата за зачувување на меѓународната позиција на државата. За една година Македонија ја изгуби довербата кај стратешките партнери, што е единствено вина на оваа власт. Нема Мицкоски кон кого да покаже со прст, ветуваше гордост, а добивме понижување“, рече Филипче, додавајќи дека жално е нивото на несвесност за последиците и штетите од овие политики кои ѝ се прават на државата и граѓаните, како и несигурноста и апатијата што се создаваат.
„Македонскиот јазик е безбеден, идентитетот е безбеден. Но македонската интеграција во Унијата е сè подалечна поради политиките и изборите на власта“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.