Македонија
Променливо облачно време, од утре дожд

Утре претпладне времето ќе биде променливо облачно, во текот на денот сончево со мала до умерена облачност и со умерен, повремено засилен јужен ветер. Кон крајот на денот во северозападните делови ќе има врнежи од дожд.
Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 12 до 18 степени.
Во Скопје претпладне променливо облачно, попладне сончево со мала до умерена облачност и со умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне 16 степени.
Под влијание на нов влажен бран в четврток повторно ќе биде облачно со врнежи од дожд, пообилни во западните и северните делови, а на планините на запад ќе врне снег. Поради продор на многу студена воздушна маса од север, в четврток попладне ќе почне да дува силен северен ветер, кој ќе се задржи и во наредните денови и ќе услови значително заладување.
Во деновите од викендот ќе има локални врнежи од снег. Утринските температури ќе бидат многу ниски, а и дневните ќе се задржат под нулата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче и СДС во ПИОМ не оставија дупка, туку цел кратер, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Филипче и СДС навистина треба да престанат да говорат за економската политика во државата, за да не се срамат. Тие во ПИОМ не оставија дупка, туку цел кратер, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во нивно време, како што нагласуваат од владејачката партија, пензиите се зголемуваа за 150 денари, граѓаните живееја со 150 денари на ден, земјоделците не добиваа субвенции, вработени не земаа плати со месеци, инфлацијата беше над 20%, платите стагнираа, секојдневно имаше протести од синдикати, вработени, пензионери, студенти, кои беа на маргините во тоа време.
„Да не го заборавиме и јавниот долг кој достигна над 60%, невратените еврообврзници, како и делот дека во нивно време се богатеа само функционери, а народот немаше за основни потреби.
Сега имаме вистинска промена, платите се зголемени во здравството, културата, социјалата, образованието, полицијата, администрацијата и други општествени сфери. Земјоделците добиваат навремени субвенции, вработените добиваат навремено плата, инфлацијата е ниска, дури пониска од онаа европската просечна, јавниот долг континуирано се намалува, пензионерите добиваат 7000 денари, се отвораат работни места, нови можности за бизнисите, поддршка на младите и многу други проекти кои се од круцијално значење за граѓаните“.
Изборот, како што истакнуваат од оваа партија е повеќе од јасен на овие избори.
„Или одбираме долгови, ниски плати а висока инфлација, граѓани оставени на маргините, или одбираме вистинска промена со високи плати а ниска инфлација и граѓани кои се вклучени во секој дел од одлучувањето“.
Македонија
Филипче: Пензионерите се нови жртви на лагите на власта, 97 проценти од нив добија само 1.000 денари

„На пензионерите сакам да им порачам: вие сте последната група на граѓани којашто оваа власт ја прелажа,“ рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Тој потсети дека и пред пензионерите, излажани беа работниците, лекарите и земјоделците:
„После работниците на коишто платата им се намалува – просечната плата три месеци по ред се намалува. После лекарите кои не гледаат ниту денар зголемување на платата. После земјоделците на кои им се укинаа субвенциите. После социјалната помош која апсолутно никако не се зголемува – сега и пензионерите сфатија дека се излажани.“
Филипче подвлече дека доколку останеше методологијата воведена од СДСМ, пензионерите денес ќе имаа двојно поголемо зголемување:
„Да останеше нашиот систем на методологија за зголемување на пензиите, сега 97% од пензионерите наместо 1.000 ќе земеа 2.000 денари зголемување.“
Претседателот на СДСМ предупреди и на загрозувањето на Пензискиот фонд:
„Со т.н. воведување на линеарно зголемување на пензиите, го загрозија работењето на фондот. Дупката после исплатените 5.000 денари од 30% се зголеми на 50%. Тоа значи дека половина од парите за пензии ги покрива државата. Едноставно нема пари во фондот.“
„Ние таква дупка затекнавме во 2017 година и постепено ја намаливме до 30%. Имавме систем кој го зајакнува фондот и гарантира стабилна исплата,“ рече Филипче.
Тој укажа дека ветеното зголемување е илузија:
„Овие 1.000 денари се веќе изедени од инфлацијата. Пензионерите едноставно нема да почувствуваат ништо. Уште една лажна кампања излезе на виделина.“
„Работата не е да ги прелажеш граѓаните. Работата е да им кажеш како се работи во нивна корист и во интерес на државата,“ подвлече Филипче.
Македонија
Минчев: Реформите не се затворен процес, тука сме заедно со граѓаните

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, се обрати на јавната расправа за нацрт ажурираниот Акциски план 2025–2026 на Стратегијата за реформа на јавната администрација (РЈА), што се одржа во организација на Министерството за јавна администрација. На настанот учествуваа претставници од институциите, граѓанското општество, меѓународните партнери и експерти од СИГМА, а свое имаше и Баграт Тунијан, раководител на СИГМА во Република Македонија.
Министерот Минчев нагласи дека ревидираните активности се резултат на суштински промени во институционалната и законската рамка, како и на потребата од реално прилагодување на реформите кон новите владини приоритети и препораките од Извештајот на СИГМА од 2024 година.
„Јавната администрација е крвотокот на државата. Нашата задача е тоа срце да го зајакнеме, да му дадеме нов ритам, европски ритам, ритам кој ќе служи на граѓаните, а не на партиите или тесните интереси“, рече Минчев.
Тој ја потенцираше и важноста на консултативниот процес со засегнатите страни, кој резултираше со ревидираниот Акциски план, нагласувајќи дека „реформата не е затворен процес, таа е отворена, директно поврзана со граѓаните, институциите, граѓанското општество и меѓународните партнери“.
Целта на јавната расправа беше да се презентира и дискутира со засегнатите страни за нацрт ажурираниот Акциски план за РЈА, кој ги одразува новите приоритети од владината програма 2024–2028, како и клучните наоди од извештаите за спроведување на стратегијата и процесот на европска интеграција. „Нашата визија е јасна: силна, професионална и европска администрација, која нема да биде товар, туку двигател на развојот,“ порача министерот Минчев. Јавната расправа е последниот чекор пред формалното усвојување на ажурираниот Акциски план, кој ќе биде основа за натамошно унапредување на јавната администрација во функција на граѓаните и во согласност со европските стандарди.