Македонија
Променливо облачно време со локален дожд

Од изутрина ќе има повремен дожд. Преку денот ќе биде променливо облачно со повремено засилен јужен ветер. На места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и услови за појава на град, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 16, а максималната од 19 до 24 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен до повремено засилен јужен ветер. Преку денот ќе има услови и за појава на нестабилност проследена со пороен дожд и грмежи.
Минималната температура ќе биде 13, а максималната ќе достигне до 24 степени.
Следува период во кој во претпладнените часови ќе има умерена облачност со сончеви периоди, а претежно попладне ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во понеделник и среда условите за појава на дожд и нестабилност ќе се помали.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЈП Дрисла со апел до МВР да ги пронајдат потпалувачите: се сомневаме дека се политички мотивирани за дефокусирање од реалните проблеми

Дрисла е единствената санитарна лиценцирана депонија која од 2022 година не согорува отпад туку со автоклав стерилизира и компримира со што од истата нема никаква можност за загадување, велат од ЈП Дрисла Скопје.
„Сите тековни активности на претпријатието се извршуваат согласно техничко – технолошкиот проектиран процес имајќи ги во предвид заштитата на животната средина, здравјето на човекот и природата, а во согласност со постоечките законски прописи“.
Апелираат до Министерството за внатрешни работи да пристапат кон истрага за изнаоѓање и санкционирање на потпалувачите на пожарите, кои, како што велат, се сомневаат дека се политички мотивирани за дефокусирање од реалните проблеми.
„Депонија Дрисла без вакви намерни инциденти нема никаков потенцијал за загадување и работи според највисоки стандарди“, се вели во соопштението на ЈП депонија Дрисла Скопје.
Македонија
ДУИ: Со амин на Бујаре Абази од ВРЕДИ, српска банка навлегува во сржта на финансискиот систем на Македонија

Демократската унија за интеграција изразува, како што велат, длабока загриженост во врска со потврдата на планот за навлегување на српскиот капитал во банкарскиот сектор на Северна Македонија, вклучително и последното одобрување на „АЛТА Банка“ за преземање на акции во Стопанска Банка Битола.
Конкретно, како што појаснуваат од оваа партија, Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија, на својата 65-та седница, предводена од претседателката Бујаре Абази, кадар на ВРЕДИ, дала дозвола на „АЛТА Банка“ АД Белград да поднесе официјална понуда за преземање на „Стопанска Банка“ АД Битола.
„ДУИ отвора сериозни прашања и бара целосна транспарентност:
• Дали во февруари 2025 година, во кабинетот на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, во присуство на вицепремиерот Стоилковиќ, се одржал состанок меѓу Изет Меџити и Александар Вулин, на кој било разговарано и координирано ова крупно српско инвестирање?
• Доколку таков состанок се одржал, која била неговата цел и како е поврзан со одлуките за давање дозвола на „АЛТА Банка“ од институциите предводени од ВРЕДИ?
Овој случај покажува јасна манипулација: додека за отворање банки со албански капитал постојат огромни пречки, банките со сомнителен српски капитал немаат никакви проблеми да влезат на пазарот, дури добиваат и брзо одобрување од институциите“.
Потсетуваат дека Европската централна банка во 2024 година изрази сериозни сомнежи за можноста од перење пари преку обидот на „АЛТА Pay“, српска компанија предводена од Давор Маќура, да ја преземе „Addiko Bank“ во Австрија. Во овој контекст, додаваат, одобрувањето на „АЛТА Банка“ во Македонија отвора сериозни прашања за стандардите на транспарентност и финансиска безбедност.
„ДУИ бара јасни и итни одговори од градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, вицепремиерот Стоилковиќ и Изет Меџити, со цел јавноста да биде информирана за мотивите, содржината и последиците од ваков состанок, и да се обезбеди дека стратешките и финансиските интереси на државата нема да бидат жртвувани во корист на интересите на „српскиот свет“.
Ова не е само економско прашање; преку банкарскиот сектор и олеснувањата дадени на банките со српски капитал, се прави обид да се воспостави директно влијание на „српскиот свет“ во Северна Македонија. Овој феномен не го загрозува само економскиот и финансискиот систем, туку и политичките текови, создавајќи простор за стратешки и институционални одлуки во корист на туѓи интереси, на сметка на националните интереси и интересите на Албанците и сите граѓани на државата“.
Македонија
(Видео) Филипче до Мицкоски: Зошто не дозволувате декласификација за случајот со АНБ, јавниот интерес треба да е пред сè

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешната седница за пратенички прашања го повика премиерот Мицкоски да одговори зошто не дозволува декласификација на сите материјали поврзани со случајот со Агенцијата за национална безбедност (АНБ). Филипче истакна дека е важно да се расчисти овој случај, не само за јавноста да ја дознае вистината, туку и за да не се фрли дамка врз професионалците вработени во АНБ, кои изминатиот период речиси и не беа споменувани.
„Зошто не дозволувате декласификација на сите тие материјали, секако со заштита на идентитетот на сите луѓе чии што податоци треба да останат доверливи, за јавноста конечно да дознае дали имало злоупотреба или не. Дали некој го прекршил законот или не? Треба ли некој да одговара?“, праша Филипче.
Тој посочи дека целата приказна потекнува токму од премиерот, кој претходно јавно најавуваше дека постојат индиции за негово следење.
„Вие вчера изјавивте дека не сте биле следени директно, туку индиректно, и сега се отвораат многу прашања. Прво, дали навистина имало злоупотреба и дали сте биле следени како лидер на тогашната опозициска партија? Дали биле следени и други лица или групации со кои сте комуницирале?“, додаде Филипче.
Тој нагласи дека со одбивањето да се декласифицираат документите, под изговор дека е во тек предистражна постапка во Јавното обвинителство, Владата не само што ја манипулира јавноста, туку директно ја потценува улогата на Собранието и го поткопува Уставот.
„Имајќи предвид дека пратениците се лица со соодветни безбедносни сертификати и имаат право на увид во вакви информации, тоа е нивна уставна надлежност – не треба да има мешање меѓу законодавната и извршната власт. Особено ако се земе предвид дека во минатото службите беа злоупотребувани за прислушување и слични активности, сметам дека е од исклучителен јавен интерес оваа афера целосно и детално да се расчисти. Според членот 21 од Законот за следење на комуникациите, секој материјал што претставува злоупотреба или содржи елементи на криминал, не може да остане класифициран“, заклучи Филипче.