Македонија
Променливо облачно време со температура до 15 степени

Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаба магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и на места ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 3, а максималната од 10 до 15 степени.
Во Скопје, претпладне со слаба магла, а во текот на денот променливо облачно со слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Во вторник и в среда ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, а на планините и на некои повисоки места со повремен снег. Пообилни врнежи се очекуваат во северните делови од земјата. Потоа следува период на стабилно и потопло време.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Во угостителски објект во Прилеп фрлена бомба, СДСМ бара разрешување на началникот и командирот

Вчеравечер во угостителски објект во нашиот град беше фрлена бомба која, за среќа, не експлодирала. Точно 16 месеци одговорноста за безбедноста во државата е во рацете на ДПМНЕ и министерот Панче Тошковски, изјави Петра Лукароска, претседателка на ОО СДСМ Прилеп.
„Во тој период во дневните полициски билтени беа регистрирани два инцидента со експлозивни направи, триесетина запалени автомобили, еден опожарен ноќен клуб и недефиниран број на оружени пресметки и насилства во угостителските објекти и градските улици. Прилеп наликува на Дивиот Запад од неговите најславни времиња“, рече таа.
Според неа, официјалните бројки на регистрирани инциденти само го потврдуваат фактот дека власта на ДПМНЕ го направи Прилеп опасно и небезбедно место за живеење.
„Граѓаните се оправдано загрижени за личната безбедност и безбедноста на своите најблиски. Како одговорна политичка партија, СДСМ уште еднаш алармира за сериозноста на проблемот кој и локалната и централната власт упорно го игнорираат. Во таа насока е и нашиот апел до министерот Тошковски, но и до Советот на општина Прилеп: разрешувањето на началникот на ОВР Прилеп, Марјан Станоески и командирот на Полициската станица од општа надлежност, Горан Колонџоски, ќе биде првиот чекор во создавањето услови за нормализирање на безбедносната состојба’, изјави Лукароска.
Македонија
(Видео) Калевска-Ванчева: Реформските закони за правосудството ги нема, Филков да не ги опструира работните групи

После речиси една година од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Македонија е далеку од правна држава. Ниту има правда, ниту правна држава. Партизирани институции, селективна правда, отсуство на владеење на правото. Ова, почитувани е вистинското лице на Владата на ВМРО ДПМНЕ, која создава систем само по нивна мерка и нема однос спрема реалните општествени потреби, истакна Снежана Калевска-Ванчева, претседателка на Комисијата за правда на СДСМ.
Владата на ДПМНЕ, појасни таа, за речиси една година не исполни апсолутно ништо од ветувањата за системски решенија. Не исполни ништо, како што додаде, за нивната таканаречена трансформација на правосудните органи во независни, транспарентни и ефикасни субјекти.
Власта, оценува Калевска-Ванчева и понатаму се обидува да има главна улога и влијание во правосудството и да го држи во партиски стеги.
„За тоа сведочи фактот дека упорно и свесно се доцни со спроведувањето на активностите од реформската агенда и секторската развојна стратегија за правосудство (2024-2027), каде што се предвидени јасни чекори, прецизни рокови и конкретни пари од ЕУ преку Планот за раст.
Особен проблем е однесувањето на министерот за правда, Игор Филков, кој се чини дека тенденциозно го минира процесот.
Од предвидените реформски закони, Министерството за правда, стави само 4 на ЕНЕР, а тие допрва треба да ги усвои Владата, па да достават и до Собранието.
Зошто министерот Филков толку го одолговлекува реформскиот процес, иако рокот е до јуни“, праша таа.
Додаде дека и покрај свесното пролонгирање на реформскиот процес, и покрај фактот дека не ги проследува наводно изготвените законски решенија, тие остануваат максимално конструктивни.
„И затоа денеска ги поднесовме и архивиравме нашите коментари на единствените закони кои тој ги ставил на ЕНЕР. Ние за нив имаме сериозни забелешки но и конкретни предлози за нивно подобрување.
Апелираме до министерот Филков, ако вистински се грижи за реформската агенда и тврди дека работи на ургентните законски решенија, да престане да го минира процесот и да ги достави решенијата, за кои, ја убедува јавноста дека ги изготвил.
Остануваме целосно посветени на напредокот на државата. Ќе продолжиме да се бориме против сите обиди за партиски упад во правосудството и конечно, ќе ги нудиме нашите конструктивни предлози и решенија“, кажа Калевска-Ванчева.
Македонија
Муртезани со претставници на Европската агенција за дроги: нагласена потребата од зајакнување на капацитетите на националните институции

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска имаше средба со претставници на Европската агенција за дроги (EUDA), на која што се разговараше за продлабочување на институционалната соработка и усогласување со европските стандарди во борбата против трговијата со дрога.
На средбата се разговараше за значењето на навремената размена на информации преку европскиот систем за рано предупредување, како и за улогата на земјите кандидатки за членство во ЕУ во заедничките напори за заштита на јавното здравје и јакнење на безбедноста во регионот и пошироко во Унијата.
Соговорниците ја нагласија потребата од зајакнување на капацитетите на националните институции, како и на важноста од постоење на функционален систем за рано предупредување и мониторинг, согласно европските практики. Тие ја реафирмираа заедничка посветеност кон европските вредности, при што беше изразена подготвеност за натамошно продлабочување на техничката и експертската соработка помеѓу Северна Македонија и EUDA, како дел од поширокиот процес на евроинтегрирање.