Македонија
Променливо облачно време со температури до 24 степени

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и со слаб до умерен ветер, претежно од југоисточен правец, информираат од управата за хидрометеоролошки работи.
Оттаму додаваат дека температурата ќе се движи во интервал од 19 до 24 степени Целзиусови.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди и со слаб, претежно југоисточен ветер. Највисоката температура во текот на денот ќе достигне до 21 степен.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и суво време со повремено зголемување на облачноста, особено од четврток. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Температурата ќе биде во постепено опаѓање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Повисоки утрински температури во државата, максималната денеска до 12 степени

Утрово најстудено било на Попова Шапка каде што се измерени -2 степени, -1 било во Битола и Берово, 0 во Крива Паланка, Тетово, Крушево, Лазарополе и Маврови Анови, 1 во Демир Капија и Виница, 2 во Скопје-Зајчев Рид, Прилеп, Велес, Штип, Кавадарци и Струмица, 3 во Скопје-Петровец, Претор и Гевгелија, 4 во Охрид.
Висината на снежната покривка утрово во 7 часот изнесувала 30 сантиметри на Попова Шапка, 3 во Маврови Анови и 2 во Берово.
Времето денеска
Претпладне со појава на магла по одделни котлини. Преку денот променливо облачно со сончеви периоди, а во планинските региони со услови за појава на слаб краткотраен дожд. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер.
Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12 степени.
Во Скопје претпладне во делови од котлината со појава на магла, а преку денот променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Максималната температура ќе достигне до 12 степени.
Македонија
(Видео) Не се изгласа предлогот на Левица за укинување на двојазичните етикети на производите

Покрај предлогот за кривична одговорност за судиите, на вчерашната собраниска седница се најде и уште еден предлог на Левица – за укинување на двојазичните декларации на производите.
И овој предлог-закон помина без поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ, ЗНАМ, ДУИ, СДСМ, односно, за него гласаа само предлагачите – пратениците од Левица.
Сашко Јанчев од Левица истакна дека двојазичните декларации се спротивни на Уставот, Законот за двојазичност и нелогични:
„И што е проблемот со овие членови од правен аспект? Ќе почнам од Уставот и Амандман 5, кој ја одредува употребата на службените јазици во Македонија. Амандман 5, за разлика од Законот за двојазичност на декларациите, не предвидува обврска за двојазичност за приватните лица или, во овој случај, за трговците. Амандманот 5 предвидува обврска само за државните органи и предвидува „употреба на друг службен јазик“, а не само на албанскиот. Исто така, и Законот за двојазичност, кој противуставно го прави албанскиот втор службен јазик на сметка на останатите службени јазици, не предвидува обврска за употреба на албански јазик за приватни лица, односно за граѓани и трговци“, кажа пратеникот Јанчев при образложување на потребата од носење на измените на Законот за заштита на потрошувачите.
„На терен, на пример во Гевгелија, има производи кои имаат етикети, амбалажи, декларации, налепници, упатства, сертификати итн. на македонски јазик и албански. А, тие производи ги купуваат Македонци, Грци, Срби, Бошњаци, Унгарци, Албанци не, бидејќи Албанци нема. И со која цел на сопствениците на маркети, разни типови на продавници и трговци, им се наметнува обврска да прават декларации и на албански?!“ – истакна тој.
„Двојазичноста на сите овие етикети е спротивно на Уставот, спротивно на Законот за двојазичност, надвор од здрава економска логика. Од оваа обврска нема никаква корист, напротив, има штета – трговците непотребно ги чини и пари и време и ги става во неповолна положба на пазарот.
Оваа обврска за двојазичност е последица на уценетоста на претходната влада, а сегашната власт, пред избори бараше 61 пратеник за да не биде уценувана. Еве, сега, со нивниот коалиционен партнер ЗНАМ, имаат 64 пратеници, па редно е да гласате да се тргне двојазичноста од производите и да ги оправдате оние 500.000 гласа коишто ги добивте за да не бидете уценувани“, заклучи Јанчев од Левица.
Македонија
„Каде завршија 1,2 милиони евра од граѓаните на Чаир“, прашува ДУИ

„Изјавата на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, дека 1,2 милиони евра собрани од даноците на граѓаните на Чаир не се знае каде се потрошени, претставува огромен скандал и бара итна и транспарентна истрага“, велат од ДУИ.
„Обвинувањето дека толку голема сума јавни средства нема јасна намена укажува на сериозна злоупотреба на народните пари и скандалозно лошо управување од страна на општинската администрација.
Граѓаните на Чаир заслужуваат јасен одговор: Каде се инвестирани овие пари? Кој ќе сноси одговорност за овој скандал?
ДУИ бара надлежните институции да спроведат детална финансиска контрола за да се разјасни како се управувани овие средства и дали постои злоупотреба. Транспарентноста и одговорноста се обврска кон граѓаните, и никој не смее да се крие зад политички игри кога станува збор за нивните пари“, соопшти ДУИ.