Македонија
Променливо облачно со повремен пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Наместа, особено во источните делови ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а локално ќе има услови за краткотрајно невреме. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18, а максималната ќе достигне од 23 до 29 степени.
Во Скопје променливо облачно со сончеви периоди и со повремен пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Во четврток и петок ќе преовладува стабилно време, а нови врнежи се очекуваат за време на викендот. Дневната температура нема значително да се менува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ги објави имињата на уште шест кандидати за градоначалници

Покрај кандидатурата на Орце Ѓоргиевски за градоначалник на Скопје, Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука за уште шестмина кандидати кои ќе влезат во градоначалничката трка на претстојните локални избори.
Нивните имиња ги соопшти премиерот, Христијан Мицкоски, по состанокот.
За Гази Баба повторно е кандидиран актуелниот градоначалник, Бобан Стефковски.
За Карпош – Сотир Лукровски, кој доаѓа од приватниот сектор, а Мицкоски за него кажа дека има успешна професионална кариера и менаџерски способности.
Кандидат за Лозово е актуелниот Бошко Цветковски, за Пехчево – актуелниот Александар Китански, за Ресен – актуелниот Јован Тозиевски и за Зрновци – актуелниот Борчо Коцев.
„Во изминатите четири години покажавме дека градоначалниците од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ можат да раководат чесно, без скандали, без афери и со многу работа“, изјави Мицкоски.
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ и премиер додаде и дека на овие избори, партијата настапува со понуда за чесни, некомпромитирани и вредни кадри, затоа што токму тоа ѝ недостигало на државата и на општините со децении. Истовремено, најави Мицкоски, ќе излезат пред граѓаните со јасна визија и програма за развој на секоја општина.
Македонија
Костовски: Голема нервоза во белата палата, клеветите не поминуваат

Во реакција на својот профил на Фејсбук на прес-конференцијата на Бране Петрушевски, кандидатот за градоначалник на Куманово од СДСМ, Мартин Костовски, порача:
„Голема нервоза во белата палата. Го извадиле Бране – човекот кој е директно против сиромашни работници и повисоки плати – да врти стари лаги и да ме клевети. Ама не кажа дека за истиве клевети веќе има и судска одлука – Бране изгуби во прв степен и треба да ми плати 2.500 евра отштета, пари кои веднаш ќе ги донирам. Клеветите не поминуваат, вистината во Куманово излезе на виделина.
Најголемиот криминалец е токму нивниот измеќар – Максим Димитриевски. Тој што сега им се клања, за да го спасат од одговорност. Нека продолжат вака, народот на Куманово гледа и добро знае. Следи голема казна на локалните избори. Народот не паѓа на коалициски математики.
А на Бране не може јас да му бидам крив што не е кандидат од ВМРО-ДПМНЕ, никој во партија не го сака ниту за измеќар. Седи си во Парламент и троши си ги парите, народот веќе ништо не очекува од такви како тебе.“ – напиша Костовски.