Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, наместа услови за повремен слаб дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за повремен слаб дожд, а на повисоките планини и особено од вечерните часови со појава на повремен снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 4, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.
Во Скопје променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Следува период на променливо облачно и постудено време, до четврток со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини особено во ноќта кон вторник ќе има услови за појава на повремен снег.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Системот „ало, началниче“ е минато, СДСМ нема да дозволи повторно да се врати
Вчерашната собраниска Комисија за надзор на тајните служби, е само уште една потврда во каков криминал се навлезени ВМРО ДПМНЕ, со назначувањето на Бојан Христовски за директор на АНБ., смета лидерот на СДСМ, Венко Филипе. Претседателот на опозицијата на денешната прес-конференција, истакна дека ваквиот начин на дејствување, односно партизација на безбедносниот систем, задушување на слободата на говорот, спречување на новинарите и медиумите да ја извршуваат професионално својата работа, не е непознато и потсетува на најцрните години за Македонија до 2016 година.
„Комисијата можеше редовно да си заседава и директорот да одговори на сите прашања, меѓутоа тоа не се случи. Но тоа не е нешто ново, политизација и партизација на безбедносните структури нешто што сме виделе во претходното владеење на ВМРО ДПМНЕ. Сакам јасно да му порачам на премиерот дека СДСМ, нема да дозволи повторно воспоставување на системот „ало началниче“ во безбедносните и полициските структури“- рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Тој посочи дека ОЈО треба да го расчисти овој случај и истовремено побара да се утврди, во која постапка на кој начин со кои документи Бојан Христовски е избран и за асистент на Факултетот за безбедност. На прес-конференцијата претседателот на СДСМ, Филипче го коментираше и вчерашниот обид во спречување на извршување на работни задачи на новинар, од страна на пратеник на ВМРО ДПМНЕ после седницата на Комисијата за надзор на тајните служби.
„Многу сериозни најави за обид за елиминирање на слободата на изразување на говор, на јавен настап, на слободен пристап до информации повторно, веројатно многу дискретен, а во следниот период и многу поагресивен систем на елиминирање на слободата на изразување на новинарите и нивниот пристап до информации согласно она искуство од претходното владеење на ВМРО ДПМНЕ би рекол најцрните години за Македонија до 2016 година. Давам поддршка на новинарите да се борат за своите права и слобода , може да сметаат на наша поддршка во кој било момент, а на премиерот и на ВМРО ДПМНЕ им порачувам-еднаш тој систем го решивме, ќе го решиме и втор пат“-рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
ДУИ: Дискриминаторски буџет од Владата, без етнички легитимитет
Демократската унија за интеграција денес преку Прес конференција ја покажа некомпетентноста и празните зборови на оваа владина коалиција без етнички легитимитет, особено на албанскиот партнер кој уште еднаш докажа дека е таму само за лични интереси, без никаков капацитет да влијае врз одлучувањето, овојпат на суштинскиот документ кој ги дефинира сите финансиски, економски, но и социјални текови на една држава.
„Денеска сме пред вас за уште еднаш да посведочиме за некомпетентноста и празните зборови на оваа владина коалиција без етнички легитимитет, особено на албанскиот партнер кој уште еднаш докажа дека е таму само за лични интереси, без никаков капацитет да влијае врз одлучувањето, овојпат на суштинскиот документ кој ги дефинира сите финансиски, економски, но и социјални текови на една држава.
Сега зборуваме за предлог-буџетот на државата како предлог поминат во Владата без етнички легитимитет, а доставен до собранието на Република Северна Македонија.
Во една позната изрека на римскиот политичар и државник Цицерон, за буџетот се вели: Буџетот мора да се избалансира, Државната каса да се надополни, јавниот долг да се намали, ароганцијата на службениците да се ублажи и контролира.
Анализирајќи го предлог-буџетот, со жалење констатираме дека ниту една од овие карактеристики или атрибути на развоен и демократски буџет не е ни приближно предвидена во владиниот предлог-буџет за 2025 година!
Зошто го кажуваме ова?
Имаме енормно зголемување на буџетските расходи, касата нема да се полни затоа што не се почитуваат фискалните правила со дефицит, кој сега е уште поголем од 2024. Јавниот долг уште повеќе ќе се зголеми и сето тоа покажува дека ароганцијата на функционерите ниту се скратуваат ниту се контролираат!
Дозволете ми да одам еден по еден… но накратко, бидејќи, има толку многу да се зборува што не можеме да стигнеме на оваа прес-конференција.
Неопходно е да изразиме длабоко жалење и разочарување, од оние кои ветуваа фискална консолидација по формирањето на владата без етнички легитимитет. Во нивниот предлог-буџет евидентно е дека буџетот за 2025 година не ги почитува фискалните правила сега дефинирани со закон!
За да биде појасно за пошироката јавност, во предложениот буџет за 2025 година има поголеми приходи и расходи од буџетот за 2024 година, во структурата на буџетот капиталните расходи се пониски (12,6% наспроти 13,1%) и има поголем дефицит во однос на првичниот буџет за 2024. (Зборуваме за буџетот за 2024 година пред ребалансот од страна на владата без етнички легитимитет, кога буџетскиот дефицит значително се зголеми, а резервираните средства за капитални и стратешки проекти за 2024 година се намалија).
Еден од главните „дефекти“ на буџетите е високиот буџетски дефицит. Овие планирани приходи и расходи резултираат со проектиран буџетски дефицит во апсолутна вредност од 41,4 милијарди денари или на ниво од 4% од проектираниот БДП. Иако е помал од проектираниот дефицит со ребалансот на буџетот за 2024 година.
(но за ова треба да се почека следниот ребаланс), ако се спореди со првичниот буџет за 2024 година тој е повисок, беше планиран на ниво од 33,5 милијарди денари, поточно на ниво од 3,4% од проектираниот БДП. .
Јавниот долг продолжува да расте. Со високиот буџетски дефицит, јавниот долг се зголемува на над 60% од БДП, што на крајот на оваа година се предвидува да биде 62,7% од БДП и уште поголем на крајот на 2025 година. (дури и според Стратегијата за Управување со јавен долг 2025-2029, објавен во октомври 2024 година, јавниот долг ќе достигне 65,2% од БДП).
Но, да бидеме искрени, мораме да го поздравиме и фактот што во предлог-буџетот за 2025 година е нагласено дека најголем придонес во растот за 2025 година се очекува да имаат бруто инвестициите со пораст од 8,1%, главно како резултат на интензивирањето на реализација на големите инфраструктурни проекти финансирани од државата, главно автопатиштата во Коридорите 8 и 10Д, проекти кои од сите партнери на оваа власт беа повеќе од критикувани дури и од албанските партнери без легитимитет.
Во владините програми (финансирани од основниот буџет)
1. Децентрализација. Обезбедени се 6 милијарди денари за инфраструктурни проекти за општините кои се поделени, но треба да се напомене дека сега тоа се планира да се направи, не по клучот за еднаков регионален развој како досега и исклучување на дијаспората како критериум во распределба на средства. Јавноста е веќе информирано дека со одлука на Владата, дијаспората како можен придонесувач за економскиот развој на државата, иако со право на глас на изборите, веќе не е предвидена во критериумите за распределба на државните средства за развојот на регионите, односно општините, а како резултат на тоа општините со албанско нселение не само што ќе имаат помалку членови во општинските совети, туку и помалку финансиски средства за економски развој распределени од владата на Република Северна Македонија.
2. Интеграција во НАТО, иако државата е полноправна членка на најважната светска алијанса НАТО, членство кое има многу привилегии и придобивки но и дефинирани обврски. Средствата предвидени за интеграција во НАТО се намалени од 5,4 милијарди денари во 2024 година на 4,8 милијарди денари со буџетот за 2025 година.
3. Реформа во јавната администрација. Продолжува трендот на напади врз правичната застапеност, по укиниувањето на балансерот, сега дури се намалени и финансиските средства посветени на остварување правична застапеност! Таа што, средствата за правична и еднаква застапеност се намалени од 135,6 милиони денари на 112 милиони денари во однос на буџетот за 2024 година.
4. Рамноправен регионален развој. Средствата за рамноправен регионален развој според клучот и методологијата предвидени со закон се намалени за повеќе од 50% соодветно од 632,9 милиони денари на 304 милиони денари во однос на буџетот за 2024 година.
5. Инвестиции во образованието. Се зборуваше за развојот на образованието, но тоа не се прави со намалување на средствата, сумата за инвестиции во образованието е намалена за над 30%, или од 779,9 милиони денари на 529,6 милиони денари во однос на буџетот за 2024 година.
Што се однедува на развојните потпрограми (финансирани од основниот буџет)
1. Иако конечно признаа дека проектот „Коридор 8 и 10Д“ е многу важен за нашата држава. И овде имаме огромно намалување на средствата! Сумата е намалена за 50%, односно од 15,1 милијарди денари на 8 милијарди денари во однос на буџетот за 2024 година.
2. Здравство. Не помина ден, без да ја критикуваат состојбата во здравствените установи, а тоа ќе го решат со намалување на средствата за нивна реконструкција!
Намалени се средствата за реконструкција на јавните здравствени установи. На пример, за Општа Болница Кичево, предивдени 15 милиони денари од 65 милиони денари во однос на буџетот за 2024 година.
Додека во, Посебен дел од буџетот (проекти, капитални расходи и други ставки)
1. Износот за проекти во основното и средното образование е намален во однос на буџетот за 2024 година, и тоа за основно образование од 717,6 милиони денари на 551,6 милиони денари и за средно образование од 362,7 милиони денари на 286,4 милиони денари.
2. И почитувани, едно од најголемите достигнувања во првите 100 дена од владата, на партнерот без легитимитет ВРЕДИ, на 3 септември годинава, вицепремиерот, Изет Меџити, помпезно изјави дека: цитирам „Денеска на седница на Владата е донесена историска одлука, голема инвестиција од 34,5 милиони евра. Го градиме Универзитетскиот Кампус „Мајка Тереза“!. Дури и за нас беше изненадување кога видовме дека во предлогот на владиниот буџет без етнички легитимитет, за капитални инвестиции во Универзитетот „Мајка Тереза“ се планирани „нешто помалку“ од 34,5 милиони евра….точно 209.000 евра или 12 милиони денари. Ова е дури помалку од она што беше предвидено во буџетот за 2024 година, кога беше планирано 10 пати повеќе од сега, односно 120 милиони денари или околу 2 милиони евра за капитални инвестиции, во Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје. Односно, разликата меѓу 34,5 милиони евра буџет и 209.000 евра планирани во предлог-буџетот не може да се прикаже ниту со процент! Но, ова е некаде 150 пати помалку !!!“, велат од ДУИ.
Македонија
Филипче: Зошто граѓаните да плаќаат за каматите на кредитите што Владата ќе им ги одобри на компаниите?
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија изразува сериозна загриженост поради одлуката на Владата граѓаните да ги плаќаат каматите за кредитите кои ќе се пласираат на компаниите. На денешната прес конференција, претседателот на СДСМ, Венко Филипче остро се спротистави на оваа идеја. За претседателот Филипче неправедно е каматите и банкарските трошоци за овие кредити да бидат на грбот на граѓаните а компаниите да заработуваат.
„Зошто граѓаните треба да бидат тие кои ќе ги плаќаат каматите за кредити што немаат директна врска со подобрување на нивниот квалитет на живот? Ова е сериозно прашање за транспарентноста и правичноста во трошењето на јавните средства“, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Според него, ваквата постапка воведува нови долгови и трошоци за граѓаните.
Филипче истакна дека овој потег ја потврдува политиката на нови задолжувања која ја спроведува Владата, без вистински развојни проекти и без план за реален економски напредок. „Со ваков буџет и со вакви задолжувања, оваа Влада само ќе ги оптовари граѓаните за следните генерации, без да обезбеди одржлив развој“, нагласи Филипче.
Дополнително, Филипче ја критикуваше и проекцијата за буџетски дефицит од 4%, кој го надминува законски дозволениот максимум од 3%. Ова покажува дека Владата е подготвена да ги прекрши и најосновните буџетски правила, само за да обезбеди средства за свои активности, без долгогодишна стратегија и одговорност кон граѓаните.
„Во време кога образованието, здравството и поддршката за земјоделците се на минимум, овие средства би можеле да се искористат многу подобро – за вистински приоритети на граѓаните и за подобрување на јавните услуги“, додаде Филипче.
СДСМ останува на ставот дека ваквата политика на задолжувања е неодржлива и неефективна и дека Владата треба да преиспита на кој начин се трошат парите на граѓаните. „Ќе се залагаме за промени во буџетот со кои јавните средства ќе бидат насочени кон реални потреби и интереси на граѓаните, наместо кон нови долгови и контроверзни зделки“, заклучи Филипче.