Македонија
Променливо облачно со температура до 10 степени

Времето денеска ќе биде променливо облачно со кратки сончеви периоди и со слаб до умерен ветер од променлив правец. Температурата на воздухот ќе достигне од 2 до 10 степени.
Во Скопје, променливо облачно со кратки сончеви периоди и со слаб ветер претежно од западен правец. Температурата ќе достигне до 4 степени.
Во наредните денови следува период на променливо облачно време со повремени локални и слаби врнежи од дожд на пониските места, а на повисоките места и на планините ќе има врнежи од снег. Во втората половина од следната недела врнежите се очекува да бидат пообилни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Eрес беше да се спомене македонски идентитет во време на претходната власт

На денешната седница во Собранието посветена на пратенички прашања, премиерот Христијан Мицкоски со свој коментар за актуелните позиции во меѓународните односи.
Мицкоски при одговорот на пратеничкото прашање поставено од страна на пратеникот Трајчулевски од СДСМ, потсети дека негаторските позиции за македонскиот идентитет и јазик не се новина во некои кругови во Бугарија и тие постојат уште од создавањето на бугарската држава до денес.
„Нема да ве вратам во времето на Батембер, во времето на Егзахот Јосиф, како се обидувале да го асимилираат овој дел. Дошле и до вашето Крушево. Но не успеале. Потрошиле два буџети, но не успеале. Но тоа што го правеле, а потоа го продолжил Тодор Живков, вие го прифативте. Вие ли сега најдовте да ми кажувате? Тоа што не им успеало на Батемберг, преку Јосиф, преку оваа асимилаторска на Сталин, на комунистичкото раководство на Социјалистичка Бугарија, преку Тодор Живков, вие се прифативте. И да, тешко е, преку ноќ не можеме за една година да го смениме, но ќе работиме да го менуваме. Бидете трпеливи. Во ваше време беше ерес да се спомене македонски идентитет и јазик во Извештај. Вие прифативте доброволно, потпишувајќи го, лажејќи тука во Парламентот, да ги асимилирате Македонците. Ние тоа нема да го правиме. Ние тоа ќе го исправиме. Бидете трпеливи“, одговори Мицкоски.
Македонија
(Видео) Трајчулески до Мицкоски: Зошто го отворате прашањето за македонскиот јазик, не враќате во времето на Груевски со истите мотиви

Пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати прашање до премиерот Христијан Мицковски зошто повторно се отвора веќе затвореното прашање за македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Дали Мицковски сака да ја врати Македонија во времето на режимот на Никола Груевски, и дали негирањето на македонскиот идентитет од страна на Бугарија денес се користи на ист начин како што Груевски го користеше грчкото вето во 2008 година, како изговор за внатрешна пресметка и задржување на власта, праша тој.
„Ваши главни политички ветувања во однос на нашите евроинтеграции беа обезбедување на подобрена преговарачка рамка и уставни измени со одложено дејство.
За жал, во текот на оваа година, власта се соочи со политичката реалност, особено во меѓународната политика, и не само што не успеа да обезбеди подобрена преговарачка рамка и уставни измени како што ветуваше, туку нашите меѓународни позиции особено во однос на нашиот европски пат дополнително драматично се влошија.
Македонија се соочи со силен ксенофобичен атак од страна на бугарските негатори на македонскиот јазик и идентитет олицетворен во дебатата за Извештајот за Македонија во Европскиот парламент.
Се реотвори прашањето кое беше целосно затворено за 26 земји членки на Унијата, освен за Бугарија. Повторно на маса се става македонскиот јазик и посебност кое беше целосно затворено прашање, со признат македонски јазик и идентитет во сите официјални документи на Унијата“, посочи тој.
И денес, како што рече, има уште еден предлог од Ваша страна за заедничка резолуција со Бугарија до Европскиот парламент со која би се потврдил македонскиот јазик и идентитет.
И замислете, додаде Трајчулески, предлагате оваа резолуција да биде поднесена од страна на бугарски европратеници.
„Македонскиот јазик е признат од сите, освен од одредени структури во Бугарија. Македонскиот јазик и идентитет се затворено прашање за 26 земји членки на ЕУ и за целиот свет. Нашиот јазик е признат во сите документи на ЕУ, вклучително во преговарачката рамка.
Ова македонско собрание има донесено Резолуција со која се забранува било кој и било кога да преговара за македонскиот јазик и идентитет.
Ниту вие, ниту јас, ниту било кој политичар смее да го стави на маса постоењето на посебен македонски јазик и идентитет.
Немате потреба да го имитирате вашиот политички ментор. Немој да претставувате лажна слика дека сте херои.
И во ваше и во наше време, веројатно и во некое идно време ќе постојат бугарски структури кои ќе продолжат да го негираат Македонскиот идентитет“.
Не постои Македонец, додаде тој, без разлика на политичка припадност кого не го болат ксенофобичните напади на Бугарските европратеници врз Македонскиот идентитет на кои бевме сведоци по повод дебатата во Европскиот парламент за Извештајот за напредокот на Македонија.
Прашањето, според него е, кој какви мотиви има.
„Се ми се чини дека историјата се повторува како фарса. Вам ви треба алиби за прикривање на неспособноста на вашата Влада да испорача политики за подобар живот на граѓаните.
Вам очајно ви треба старата испробана поделба на предавници и патриоти. Се разбира вие и Груевски сте патриотите, а сите ние од опозицијата клетите предавници и соработници на Бугарија.
Со ваквата непромислена политика, а сакајќи да го компензирате неуспехот на Владата да ги испорача предизборните ветувања, ја правите најголемата политичка стратешка грешка“.
Македонија
Гаши: Одредбите не се докрај прецизни дали можеме со распишани избори да избереме народен правобранител и претседател на ДКСК

Во претстојниот период предизвик за Собранието ќе биде изборот на нов народен правобранител и нов претседател на Државната комисија за спречување корупција, рече денес претседателот на Собранието, Африм Гаши. Процедурата за избор на народен правобранител е почната, а за претседател на ДКСК допрва треба да се објави оглас.
„Што се однесува до народниот правобранител, имавме јавен оглас, имавме 17 кандидати за оваа позиција. Денеска, требаше да заседава Комисијата за избори и именувања. Ако тие одлучат за име за кое би се сложиле, тогаш за таа одлука ќе можеме да свикаме пленарна седница и да одлучиме за тоа име. Ако не, тогаш ќе треба да почекаме подобри времиња или усогласеност за тоа кој ќе биде кандидат или кој ќе биде избран за народен правобранител. Што се однесува до ДКСК, законските рокови се веднаш штом има оставка или немаме претседател на Комисијата, Собранието во рок од десет дена да објави оглас. Ние тоа ќе го направиме денеска во Комисијата за избори и именувања. И сега ќе треба да видиме како тоа правно да го направиме. Ќе треба да го анализираме затоа што одредбите не се докрај прецизни дали можеме во време кога се распишани избори да се направи избор или да се назначи претседател на ДКСК или, пак, народен правобранител“, вели Гаши.
Земјава остана без народен правобранител откога на 14 јули во пензија замина Насер Зибери, а Собранието не го почитува Законот за народниот правобранител, кој предвидува нов оглас три месеци пред пензионирањето на актуелниот омбудсман.
Антикорупционерите, пак, останаа без претседател по оставката на досеганата претседателка Татјана Димитровска осомничена дека давала доверливи информации на лице обвинето во случајот „Адитив“ и дополнително дека вработен во Државниот завод за ревизија полагал испит за класифицирани информации во нејзино име, со што таа незаконски го добила сертификатот.