Македонија
Променливо облачно со температура до 30 степени
Времето денеска ќе биде променливо облачно, попладне со повеќе сончеви периоди. Ќе има појава на краткотраен локален дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16, а максималната ќе достигне од 23 до 30 степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во делови од Скопската Котлина ќе има услови за краткотраен дожд. Ќе дува слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне 26 степени.
В петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а тогаш ќе почне да дува и умерен до засилен јужен ветер, кој ќе се задржи и во следните денови. Под влијание на влажен бран в сабота ќе биде облачно со пообилни врнежи од дожд, кои на места ќе бидат поројни, проследени со грмежи и силен ветер. Температурата значително ќе се намали. В недела и понеделник ќе биде променливо облачно и ветровито со појава на локални врнежи од дожд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кандидатот за градоначалник на Кичево, Јовановски се залага за подобри услови во пензионерскиот дом и уредување на градското корито
Кандидатот за градоначалник на општина Кичево, Александар Јовановски, најави подобрување на условите во Пензионерскиот дом во Кичево, како и и уредување на речното корито во градот бидејќи реката Сушица се наоѓа во состојба на еколошка катастрофа.
Јовановски за домот изјави дека пензионерски дом и околината околу него е во ужасна состојба.
„Нашите родители, нашите баби и дедовци се оние кои не израснаа, кои не доведоа во состојба да функционираме самостојно и да бидеме чинители во општеството. Тие се нашиот темел. Како градоначалник, веднаш ќе пристапам кон решавање на овој горлив проблем и итно ќе пристапам кон преземање на мерки за да се подобрат условите за живеење во моменталниов пензионерски дом“, изјави Јовановски.
Исто така, реката, за реката која поминува низ средината на Кичево, пред пензионерскиот дом, а воедно и пред општина Кичево, Јовановски најави итно решавање на проблемот.
Според гласањето во првиот круг, Јовановски освои 44,50 отсто од гласовите, односно 11,682 гласа. Зад него е актуелниот градоначалник, Фатмир Дехари од ДУИ со 21,28 отсто или 5.586 гласа. Двајцата ќе се соочат во вториот круг на 2 ноември.
Македонија
ВМРО-Народна партија: Бројот на настани со кои се одбележува српската окупација, ги надмина државните празници
ВМРО-Народна партија соопшти дека е „длабоко загрижена“ поради, како што наведува, „помпезното одбележување на Битката на Зебрњак“, која – според партијата – означува почеток на 23-годишната српска окупација на Македонија.
„Загрижени сме што оваа година прославата на ‘Битката на Зебрњак’, после која е окупирана Македонија, беше одбележана на многу помпезен начин и со поголема манифестација отколку Денот на македонската револуционерна борба“, се наведува во соопштението.
Од партијата додаваат дека бројот на настани со кои се одбележува „српската окупација на Македонија ги надминал државните празници во земјата“, посочувајќи дека „со средства од државниот буџет се организираат манифестации на кои се слави окупациона војска на територијата на Македонија“.
„Секоја година со големи манифестации се прославуваат битките кај Кајмакчалан, Брегалница, Зебрњак, Удово, битката кај Рамне и ‘денот на победата’ во Битола – и сето тоа со македонски државни пари“, стои во соопштението.
Партијата наведува дека на ваквите прослави „Македонија е претворена во поле на омраза“, каде што се слушаат „омраза, реваншизам и шовинизам против Турците, Бугарите, Албанците и муслиманите“, а Македонија се нарекува „стара и јужна Србија“, а Македонците „Срби кои биле ослободени“.
„Овие навреди кон македонскиот народ овој пат беа надоградени и со нов идентитет и наратив обраќајќи се со ‘браќа северномакедонци’“, наведува ВМРО-Народна партија.
Во соопштението се додава дека ја повикуваат Владата на ВМРО-ДПМНЕ да престане со ова понизно виткање на кичмата и со ова понижување на македонскиот народ.
Македонија
Синдикатот на „Паркови и зеленило“ ги покани кандидатите за градоначалници на прес-конференција барајќи подобри услови за работење
Независниот синдикат на паркови и зеленило најави дека утре, 27 октомври, ќе одржи прес-конференција пред пунктот на ЈП „Паркови и зеленило“ во Автокоманда.
Пресот го организира Градскиот независен синдикат на паркови и зеленило, кој функционира во рамките на Независниот синдикат на државна администрација. Од синдикатот велат дека ќе се зборува за условите за работа и состојбите на конкретното работно место, кое, како што наведуваат, е „под човечко достоинство“.
На пресот се поканети кандидатите за градоначалник на Град Скопје – Орце Ѓорѓиевски и Амар Мечиновиќ, како и кандидатите за градоначалници на општините Гази Баба, Аеродром и други.
Од синдикатот посочуваат дека целта на настанот е јавен увид во состојбите и почитувањето на правата на вработените во ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје, вклучувајќи плата, регрес, јубилејни награди, новогодишен додаток и отпремнини, согласно колективниот договор и законските прописи.

