Македонија
Промоција на македонски вина, храна и туризам на Саемот на „Отворен Балкан“ во Белград, од 1 до 4 септември
Под покровителство на владите на Србија, Северна Македонија и Албанија, а како дел од иницијативата „Отворен Балкан“, почнува Првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“, кој ќе се одржи во Белград од 1 до 4 септември 2022 година.
Учеството на Северна Македонија на Саемот за домашната економија значи обезбедување поголем извоз, откуп и нови пласмани и пазари за македонските храна и вина. Истовремено преку Саемот ќе се обезбеди силна и ефективна промоција на туристичките капацитети на Северна Македонија и привлекување нови туристи пред сè од регионот, но и пошироко. Македонската туристичка понуда на Саемот за вино, храна и туризам во Белград е претставена преку Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и е фокусирана на македонскиот ено-гастро туризам (туризам базиран на вино и храна), националните паркови, природните и вештачките езера, заштитените подрачја од УНЕСКО, руралниот туризам и адреналинскиот туризам.
![]()
Учеството на Северна Македонија на Саемот е вистинска промоција и на културолошките и идентитетските обележја, традиции и обичаи, вклучително македонските фолклор, музика и кујна, но и обележјата на сите други заедници кои живеат во земјата и останатите национални вредности.
Целта на овој Саем, меѓу другото е и на уникатен начин да ги поврземе винските патишта на Балканот и да ги собереме најдобрите винарници од регионот на едно место, низ соработка.
„Винска визија на Отворен Балкан” ќе понуди богата програма која вклучува дегустации на вино, натпревар „Трофеј на виното на Отворен Балкан“ 2022 година, едукативни еснафски работилници, дискусии за потенцијалот на винската индустрија на Балканот, можности за зголемено учество на светските пазари, како и средби меѓу претставници на производителите и откупувачите со цел проширување на економските потенцијали за компаниите и за економиите од регионот.
На Саемот во Белград ќе се претстават повеќе од 330 изложувачи од 22 земји од кои 233 се од земјите членки на Отворен Балкан.
Од Северна Македонија ќе учествуваат 42 винарници и 3 дестилерии кои ќе се претстават со повеќе од 300 различни типови македонски вина и ракии, а целосната координација во овој дел од претставувањето ја реализира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. На Саемот ќе се претстават и повеќе од 10 производители на храна од Северна Македонија кои ќе ја претстават автентичната македонска кујна.
![]()
Стотици илјади очекувани посетители на Саемот ќе може да дегустираат автентична македонска храна која ќе ја подготвуваат македонски врвни готвачи, како и храна од српската и албанската кујна подготвена од српски и албански врвни готвачи.
Ќе биде организирано и меѓународно оценување на виното од 25 меѓународни судии, а пет од нив се носители на најпрестижната титула во светот на виното – master of wine.
Во исто време ќе се одржи и традиционалниот лидерски политички самит на Отворен Балкан предводен од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски и премиерот на Албанија, Еди Рама.
Во рамките на агендата од активностите во Белград, премиерот Ковачевски ќе биде домаќин на промотивен настан од економски карактер, односно „Македонска вечер” посветен на промоција на македонската економија преку презентација на македонските вина, храна, музика и туризам. На „Македонската вечер“ ќе присуствуваат претставници на бизнис заедниците и владите од Србија, Албанија и Северна Македонија кои ќе бидат присутни на Саемот во Белград.
Северна Македонија на Саемот за вино, храна и туризам на Отворен Балкан во Белград ќе се претстави со слоганот „Вкуси го животот” фокусирано на регионална, глобална, но и домашна промоција на туристичките, гастрономски и винските капацитети на Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.
Македонија
Бугарија го ратификуваше договорот за тунелот на Коридор 8 – отворање на нова железничка врска Скопје-Софија
Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
„Денес Народното Собрание на Република Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8.
Овој Договор во декември беше ратификуван и во Македонското Собрание.
Со ова се исполнети сите услови за доиадбзгра на железничкото поврзување помеѓу Скопје и Софија и Бургас.
Горд сум што овој Договор кој го потпишавме на 6ти Ноември со заменик претседателот на Владата на Бугарија Гроздан Караџов ќе значи поблиски економски врски помеѓу двете држави и двата народи, но покажува и силна посветеност на Македонија во реализација на Коридор 8 кој е исклучително значаен безбедносен коридор од висок интерес на НАТО и нашите стратешки партнери.
Паралелно го развиваме и Коридор 10 и Македонија ја правиме вистинска раскрсница на Балканот за добробит на сите македонски граѓани.
Продолжуваме да работиме“, напиша Николоски.

