Македонија
Просечната старост на амбулантните возила во земјава е 11 години
Сите здравствени институции во земјава заедно имаат 183 амбулантни возила, во кои влегуваат возилата за прва помош и санитетските возила. Просечната старост на амбулантните возила е 11 години, односно тие се просечно произведени во 2008 година. 13% од возилата се произведени во минатиот век, односно пред 2000 година. Ова го покажа анализата на Центарот за граѓански комуникации.
Најстари се две амбулантни возила произведени во 1988 година, што се користат во Струга и во Отешево. Едно возило, на Здравствениот дом од Кичево, има поминато дури 1 милион и 360.000 километри.
Просечна вредност на едно возило е 38.900 евра. Најмногу амбулантни возила има во Скопје, 30 и во Охрид и Битола по 12. Во Велес и Куманово има по 8, а во Делчево, Кичево, Струга, Тетово и Прилеп по 7 возила.
Убедливо најзастапена марка на возило е „Рено“ од која има 66 возила, по што следуваат „Ситроен“ и „Фиат“ со по 22 возила.
Двете најскапи возила од 153.460 евра и 137.260 евра ги поседува Клиниката за детски болести од Скопје, a третото од 103.360 евра е на Клиничката болница Битола.
Најмногу од возилата, односно 30% институциите ги добиле како донација од Министерството за здравство. Со сопствени средства купиле само 23%, додека 12% од возилата ги добиле како домашна донација (од други институции или лица), а 11% како странска донација. За 23% од возилата нема податок за основата за стекнување.
Oва е трета база од ваков вид што ја изработува Центарот за граѓански комуникации, по Базата на службените патнички возила на министерствата и општините и Базата на противпожарните возила. Споредбата покажува дека најмногу има службени возила, додека најмалку амбулантни возила.
Базата на податоци на сите амбулантни и санитетски возила е изработена врз основа на податоци обезбедени од здравствените институции во земјава: здравствени домови, клиники и клинички болници, општи и специјални болници, заводи, институти, здравствени станици и центри за јавно здравје, врз основа на доставено барање за информации од јавен карактер во јануари 2019 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

