Македонија
Протестен марш на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе одржи протестен марш на кој ќе го искаже незадоволството од политиките на власта. Маршот ќе почне во 17 часот на плоштадот ВМРО, а планирано е да заврши пред Владата.
„Сите кои сакаат да го кренат својот глас против неспособноста на СДСМ да се справи со загадувањето, сите кои сакаат да го кренат својот глас против распродавањето на државните и национални интереси, против масовниот грабеж и криминалот, добредојдени се да ни се придружат во 17 часот на плоштадот ВМРО и со протестен марш да се упатиме кон Владата на Република Македонија за да испратиме порака дека доаѓа крајот на ова црно владеење“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението со повикот за протестот, од партијата велат дека здравствените проблеми што ги имаат граѓаните од отровите кои ги дишат не го заслужуваат вниманието на Петре Шилегов и Јани Макрадули, кои, како што велат од партијата, за огромната плата што ја добиваат токму од народот повеќе сакаат да си дремнат или да си поиграат игри наместо да решаваат проблеми.
„Додека Шилегов си игра игрички на мобилен телефон за време на собраниска комисија, граѓаните се гушат во загадениот воздух. Играта на мобилен за Шилегов се покажа дека е поважна од здравјето и животите на граѓаните. Градоначалникот на Град Скопје и заменик-министерот за животна средина уште еднаш пред целата јавност ја покажаа незаинтересираноста за решавање на проблемот со загадувањето“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Високото ниво на ПМ10 честици, додаваат од партијата, ги наполни болниците со пациенти кои имаат проблеми со кардиоваскуларните и респираторните органи, а Светската здравствена организација потврди дека годишно над 3 000 луѓе ги губат своите животи како директен резултат на енормно загадениот воздух.
„И додека граѓаните се завиваат во црно, СДСМ покажуваат дека е незаинтересиран и неспособен да го намали загадувањето. Повеќе пари се издвојуваат за луксузни фотелји отколку на мерки и борба против аерозагадувањето во државата и во главниот град.
Заев, Шилегов и Макрадули ги излажаа граѓаните. Речиси две години ништо не презедоа за подобрување на квалитетот на воздухот, нешто што толку помпезно го ветуваа претходно. Република Македонија и граѓаните станаа жртви на манипулациите на измамничката и криминална власт на СДСМ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска дел од Сарај и високата зона во населба Ѓорче Петров
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради дефект на затварач со пречник од Ф-350 мм на ул. 20 во нас. Сарај, од 07:30 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Лака, Крушопек, Грчец, Шишево, Глумово, Горна и Долна Матка, Арнакија, Љубин и село Сарај, (Општина Сарај) и високата зона, односно повисоките катови од зградите во населба Ѓорче Петров.
Македонија
Дел од Бутел денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:30 до 09:30 часот, објектот на ДОГАН ИНВЕСТ ДООЕЛ-СКОПЈЕ, односно објектот на Форд на самата раскрсница булевар Македонско-Косовска Бригада со булевар Босна и Херцеговина. (Општина Бутел)
Македонија
Продолжува периодот на стабилно и релативно топло време за овој период од годината
Сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 11 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на стабилно и релативно топло време за овој период од годината. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намалува.

